Минатата недела, веднаш по посетата на американскиот претседател во Израел, зборувавме како Бајден е во мисија да спречи ширење на Првата глобална војна. Сега ќе видиме дали и до каде тоа и успева на Америка и на администрацијата на Бајден, но и до каде е спремен Вашингтон да иде во своите совети и препораки за Израелците и регионалниот мир.
За Америка е апсолутен приоритет војната да не се прошири. За такво нешто не се доволни препораки и совети, потребни се и закани и одвраќање, нешто што се нарекува „Deterrence“. Тоа одвраќање е надворешно влијание, врз Иран и неговите клиенти, но и внатрешно кон сопствените сојузници, односно Израел.
Америка јасно го покани Израел да го оддолговлечи или одложи својот план за копнена инвазија на Газа, нешто што наликува на стапица за Израел. Последните кратки, ноќни и мистериозни акции на специјалните единици на Израел, делуваат не само како подготовка за тотална инвазија, туку и дека Нетанјаху и генералите ја разбрале американската порака. Веќе една недела специјалните единици „Лисиците на Самсон“, тајно оперираат низ Газа, во потрага по тунелите и заложниците, и во исклучителни околности преоѓаат во напад доколку идентификуваат клучна мета од лидерството на Хамас. Затоа и последниот ограничен копнен упад со тенкови и булдожери, делува повеќе како диверзија, со цел полесно да се извлечат одредени припадници на специјалните единици, а не толку да се дојде во директен контакт со непријателот.
Дамоклов меч врз главата на Израел
Дотука советот на Америка делува како прифатен, затоа што САД бараат време за ослободување на заложниците, но и за подобри подготовки од евентуални напади од Иран и нејзините милиции и клиенти. Вашингтон одлучно советува Израел да се воздржи од напад врз Хезболах, додека во исто време изразува силни сомнежи околу конечната цел на Ерусалим целосно да го уништи Хамас, затоа што може да ги растури постоечките сојузи со арапските држави.
Америка е убедена дека доколку Израел влезе копнено во Газа со сигурност нема да се ослободат заложниците, додека американските сили во регионот ќе станат мета на жестоки напади. Ова не е само претпоставка, туку нешто што веќе се случува. Американските бази во Сирија и Ирак веќе неколку дена се силно нападнати од проиранските милиции. Американските воени бродови во Црвеното море сериозно беа нападнати со ракети и дронови од Јемен, па дури и флотата во Средоземјето е под голем ризик, за што беше донесена противвоздушна одбрана во Кипар.
Во исто време Вашингтон веќе отворено му сигнализира на Израел да се воздржи од напад врз Либан и Хезболах. Оваа опција или реприза од војната во 2006-та, беше сериозно земена предвид од страна на воениот кабинет и предложена од Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант. Планот предвидувал најголемиот дел од воената реакција после нападот на Хамас, наместо врз Газа да се фокусира врз Хезболах и либанскиот фронт, со цел превентивно да се уништат 100 илјади ракети и проектили во сопственост на шиитската милиција, арсенал кој стои како Дамоклов меч врз главата на Израел. Во тој случај Газа ќе беше искористена само како диверзија со цел да се збуни Хезболах.
Иако овој план делува како отфрлен, САД сепак стравуваат дека може да биде извлечен во иднина од некоја од воените фиоки на Израел. Со цел дополнително да ги разубедат од масовно бомбардирање на Хезболах, кој пак не престанува да го ракетира Израел, Пентагон им вети на Израелците дека нивните воени авиони ќе учествуваат во бомбардирање на Хезболах, во случај доколку се дрзнат да отворат втор фронт. Се верува дека истата порака формално била испратена од администрацијата на Бајден до лидерите на шиитската милиција преку арапски посредници. И ова говори за двојната закана и одвраќање на Америка, и до Иран и до Израел. Воедно, САД го користат аргументот Хезболах како притисок со цел Израел да го намали интензитетот на бомбардирање на Газа.
Сомнителни способности
Но, зошто САД и Бајден инсистираат до тој степен Израел да не изврши инвазија врз Газа?!
Прво, затоа што израелскиот план им делува нереалистичен, додека вашингтонската бирократија има сериозни сомнежи околу актуелните воени способности на Израел. Пентагон смета дека целта: да се уништи воено и политички Хамас - е недостижна, и не верува дека воените сили на Израел во моментов се способни за таква комплицирана цел во еден урбан контекст. Американските разузнавачи се убедени дека воените капацитети на Израел се намалени како последица на внатрешните општествено-политички поделби.
Дотаму оди американскиот страв од тоа Израел да падне во стапицата на Хамас и Иран, преку одлука за копнена инвазија, што Бајден за време на средбата со израелскиот воен врв си дозволил едно исклучително важно признание за американските грешки, нешто што не доби премногу на внимание во јавноста, а заслужува.
Бајден е редок политичар кој одвреме-навреме ќе каже и нешто вистинито, па така, како паталец, а не како гаталец ќе им се обрати со следното предупредување на Нетанјаху и колегите: дека катастрофална беше одлуката на американските администрации и функционери, да извршат инвазија врз Ирак и да ја водат најдолгата војна во историјата на САД во Авганистан, без никакви јасни цели. Појасно од ова - амин! Бајден им порача да не ја повторуваат американската „војна против тероризмот“. Прво, затоа што против тероризам не се водат војни, а второ затоа што против тероризам невозможно е да се имаат јасни воени цели. Америка со своите авантури во Ирак и Авганистан изгуби кредибилитет и авторитет пред светот, додека им дозволи на своите стратешки противници да ја држат зафатена на повеќе фронтови, и така да ја трошат, деморализираат и принудат на компромиси кои повеќе им одговараат на нив или на нивните сојузници. Во секој случај признанието на Бајден заслужува пофалби, навистина воднреден и уникатен гест од страна на еден американски претседател.
Што потоа?
Америка има и јасни критики кон Израел околу нивниот пост-Газа план, нивната стратегија која се базира на немањето план за Палестиниците. Затоа администрацијата на Бајден го критикува израелскиот парадокс: да се тврди дека Хамас нема политичка иднина во Газа, а во исто време да не сака да се окупира и раководи Појасот. Очигледно, видно збунетите Нетанјаху и владините партнери после 7 октомври, планирале да изведат осветнички напад кон Газа, да ја срамнат со земја, да ја заградат и да го фрлат клучот. Осветнички и бесен план кој Американците немаат никаква намера да го прифатот, иако ја почитуваат израелската ранетост и осветољубивост. САД тоа не го прифаќаат и затоа што очите на светот се врз Газа и знаат дека Ерусалим нема како да одржи меѓународна поддршка доколку продолжи да бомбардира цивили. Второ, не прифаќаат затоа што стравуваат од проширување на конфликтот, од напади секаде каде што има западни бази, амбасади и цивили, како и од нереди во Европа.
Америка не стравува само од воено проширување на конфликтот, туку и од дипломатско. Ризикот е дека со уништување на Газа, Израел ќе ги уништи и сојузите со арапските земји кои Америка ги плете уште од 1979 година. Одржувањето на оваа безбедносна структура е од витална важност за САД.
Затоа САД планираат да ги инволвираат арапските држави во иднината на Газа, дали со меѓународни сили или пак со некаква привремена Влада, под надлежност на ООН и Палестинската самоуправа. Планот е доста фантазерски од неколку причини. Палестинската самоуправа на Махмуд Абас е во длабока криза во Западниот брег и веќе 15 години нема стапнато во Газа, по доминацијата на Хамас. Арапските земји историски се имаат покажано како многу тешки за координирано дејствување, а во исто време пред јавноста ќе ризикуваат да изгледаат како соочесници на Израел, нешто што особено ги загрижува Египет и С. Арабија.
Но, ако Израел сака да ја сочува актуелната безбедносна архитектура според американски дизајн, каде сојузот со арапските држави е прва и најважна безбедносна линија на Ерусалим во случај на отворена или тајна војна со Иран, тогаш Израел ќе мора да најде начин да работи заедно со Саудијците, Еѓипќаните и останатите околу иднината на палестинското прашање. Дури и ако треба да ја извади од нафталин денес нереалната идеја за решение преку „Две држави“.
Можеби американските совети веќе функционираат. Ограничениот напад врз Газа, повеќе со специјални единици отколку со тенкови, наведува кон тоа. И тоа е крвава опција, ама помалку крвава од тотална инвазија, која само дополнително ќе го уништи нарушениот и воинствен имиџ на Израел.
Америка советува, а тој што слуша одлучува дали советот е еднакво на наредба. Но, САД немаат никаква намера да го понижат сојузникот, напротив, сакаат тактички и стратешки да му помогнат да не си изврши самоубиство и така да ја рани и сама Америка. Воедно, САД не сака Израел да биде марионета и сакаат да држат должна дистанца, во случај Изралеците да се препуштат целосно на осветничките страсти.
Бајден во Израел го прегрна Нетанјаху. Прегратката пренесува емоција, ама значи и задржување до себе.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.