„Проект 2025“: Мастерплан за вториот мандат на Доналд Трамп
18 ноември 2024На 20 јануари 2025 година, Доналд Трамп ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД на скалите на Капитол во Вашингтон. Дотогаш, тој и неговиот тим имаат време да направат патоказ за работата на владата.
Или тој постои веќе долго време? Многумина веруваат дека Трамп може да се потпре на манифестот од приближно 900 страници што предизвика бура во текот на летото. Соодветно за периодот на преземање на функцијата, тој се нарекува „Проект 2025“. Тоа вклучува далекусежни чекори кои би можеле да ги обликуваат Соединетите држави на долг рок.
Загриженоста на либералните и прогресивните сили во земјата тешко може да биде поголема - на крајот на краиштата, републиканците на Трамп не само што го освоија претседателството, туку и мнозинството во Сенатот и веројатно ќе продолжат да го контролираат Претставничкиот дом. Оваа загриженост тешко се намалува со фактот дека Трамп постојано се дистанцираше од документот.
Кој стои зад „Проект 2025“?
„Проектот 2025" претставува десно-конзервативен план за работа на следниот републикански претседател. Неофицијалниот политички концепт за втората администрација под водство на Трамп е подготвен од фондацијата Херитиџ и поддржан од други конзервативни организации и тинк-тенкови. Фондацијата со децении составува такви политички „желботеки“ за можните републикански претседатели и таквото постапување во САД е вообичаено, посочува политикологот Ханс Ноел од универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. „Експерти, аналитичари и други лица го развиваат идеолошкиот правец пред да биде преземен од партиите и политичарите", вели тој.
Во подготовката на документот се вклучени многу личности од опкружувањето на Трамп, како поранешни соработници и луѓе од доверба, меѓу кои и Расел Воут, кој во време на Трамп ја водеше американската сојузна институција за администрација и буџет.
Кои се важните планови?
Во препораките на „Проектот 2025" се работи особено за „четири фронта кои ќе бидат решавачки за иднината на Америка": враќање на фамилијата, укинување на бирократската држава, одбрана на националниот суверенитет и обезбедување на „нашите индивидуални и од Господ дадени слободарски права".
Еве некои од основните предлози:
• Претседателот треба да добие значително повеќе моќ. Замената на сојузни чиновници со соработници верни на Трамп треба да биде олеснета, повеќе сојузни институции како Министерството за правда, треба да бидат реформирани или целосно укинати. „Тоа бирократијата би ја променило на начин што ќе бидат поткопани стручното знаење и независноста", посочува Ноел.
• Треба да дојде до пресврт во енергетската политика и економијата и наместо потпирање на обновливи извори на енергија, повторно треба повеќе да се користат нафта и гас. Фокусот веќе не треба да биде на намалување на емисиите и зелени субвенции. Даноците за фирмите и на личните приходи треба да бидат намалени.
• Поими како сексуална ориентација, полов идентитет или репродуктивни права нема што да бараат во закони и подзаконски акти, се вели во документот. „Штетните учења на 'критичната расна теорија' и на 'половата идеологија' треба да бидат тргнати од државните училишта и од наставната програма за сите школи во земјата“, се препорачува во документот, а во однос на абортусот стои дека задача на следната конзервативна влада е „нероденото да биде заштитено од страна на секој суд во САД ". Таблетата за абортус Мајфпристон треба да биде забранета.
•„Еклатантните дупки во нашиот доселенички систем" треба да бидат затворени, меѓу другото со повеќе средства за ѕидот, за технологија и персонал на границата кон Мексико. Се бараат и построги правила за азил, со кои бегалците ќе мора попрецизно да го докажат ризикот од прогон.
• Меѓународни обврски нема да имаат предност во однос на внатрешноамериканските интереси. НАТО треба да биде реформиран на начин што сојузниците ќе преземаат поголема одговорност, бројот на американски војници во Европа ќе биде намален, но истовремено ќе се вложува повеќе во војската.
• Во однос на војната во Украина се претставуваат две гледишта, кои се исклучуваат едно со друго. Имено, некои конзервативци сметаат дека е потребно продолжување на ангажманот на САД, вклучително и воена помош и економска поддршка за Украина, додека други тврдат дека поддршката за Украина „воопшто не е во национален интерес на САД. Украина не е членка на НАТО и е една од најкорумпираните нации во регионот“, се вели во документот.
Какво значење има стратешкиот документ?
Кевин Робертс, претседател на фондацијата Херитиџ, според сопствениот исказ е убеден дека со неговиот стратешки документ ќе започне „Втора американска револуција која ќе помине без крвопролевање ако тоа го дозволи Левицата".
Реакцијата од другата страна уследи брзо, со изјава на Бајден дека Трамп и неговите сојузници сонуваат за „насилна револуција за да ја уништат идејата за Америка".
Политичкиот експерт Ноел смета дека посебност на „Проектот 2025" е неговиот обем во случај претседателот да е републиканец. „Од една страна, со тоа се определува агендата на актуелното конзервативно движење", вели Ноел, а од друга страна - Републиканците добиваат план за постапување со кој веднаш може да владеат, како на програмски, така и на персонален план, што недостигаше во 2016 година, кога Трамп дојде на власт и што често беше предмет на критики.
Зошто Доналд Трамп се дистанцира?
Интересно е што Доналд Трамп јавно се огради од „Проектот 2025“ за време на изборната кампања. Тој на својата социјална мрежа Truth Social во јули напиша: „Немам поим кој стои зад ова. Не се согласувам со некои работи што ги кажуваат и некои работи што ги кажуваат се апсолутно смешни и неосновани. Што и да прават, им посакувам среќа, но јас немам никаква врска со нив."
Во телевизиската дебата со демократката Камала Харис во септември, Трамп даде слични коментари: „Немам никаква врска со Проектот 2025. Не сум го прочитал и нема да го читам“.
Пред изборите, експертот Ханс Ноел ја објасни стратегијата зад оваа изјава на следниов начин: Недореченоста за некои конзервативни цели му се исплатеше на Трамп во минатото и му донесе успех со неодлучните гласачи. И многу од мерките во десничарскиот конзервативен манифест веројатно нема да бидат добро прифатени од оваа група.
Колку Трамп всушност ќе се приближи до идеологијата на „Проектот 2025“ во неговиот втор мандат, веројатно ќе стане јасно од јануари 2025 година.