Работно време: Довербата е добра, контролата уште подобра
1 мај 2023Истражување на дигиталното здружение Битком покажува дека 59 проценти од фирмите во Германија веќе го евидентираат работното време на своите вработени, 28 проценти планираат тоа да го почнат уште оваа година, додека само 12 проценти не знаат кога ќе го направат тоа.
Германскиот Сојузен суд за работа (БАГ) уште во септември донесе пресуда според која работното време во секое претпријатие мора транспарентно да се евидентира.
Во својата пресуда, Судот побара од работодавачите да воведат „објективен, сигурен и пристапен систем“ со кој што „може да се мери дневниот број на работни часови на вработените". Судот се повика на пресудата на Европскиот суд на правдата од 2019 година за евидентирање на работното време.
Претседателката на судот, Инкен Галнер потоа во февруари изјави дека зависи од законодавците на кој начин ќе го регулираат тоа, а дотогаш останува за темата да преговараат работодавачите и синдикатите. Притоа, таа истакна дека „работното време засновано на доверба“ кое се практикува во многу фирми, не стои на патот на задолжителното регулирање на работното време: „Но, мора да се почитува законски предвидениот одмор на вработените од 11 часа во рок од 24 часа“, а не смее да се пречекори ниту дозволеното неделно работно време од 48 часа.
Причината за ваквите пресуди е феноменот на „постојана достапност“, кога од вработените се очекува по цел ден да одговараат на меиловите или да бидат достапни на своите шефови, како и да работат прекувремено.
Што направи надлежното Министерство за труд?
Германскиот сојузен министер за труд Хубертус Хајл (СПД) во средината на декември најави во догледно време да предложи соодветен закон, веднаш отфрлајќи ги барањата на работодавачите за општо укинување на осумчасовниот работен ден:
„Законите за работно време служат за заштита на здравјето на вработените, а не за исполнување на желбите на интересни групи“, рече тогаш министерот.
Според пишувањето на весникот „Зиддојче цајтунг“, Министерството за труд подготвило нацрт-закон со кој планира обврска за електронско евидентирање на работното време. За тоа е одговорен работодавачот, а самото внесување на работното време може да му се остави на вработениот или на неговиот надреден.
Нацрт-законот дозволува и можни исклучоци, за кои можат да се договорат работодавачите и синдикатите или работничките совети. Така нареченото „работно време засновано на доверба“ исто така треба да е можно. Замисливо е и „неелектронско“ или дополнително евидентирање на работното време.
Во исклучителни случаи, можно е и целосно воздржување од евиденција, а предвидени се и посебни прописи за малите претпријатија.
Што велат критичарите?
Либералите (ФДП) како членка на владејачката коалиција и традиционално блиски до работодавачите, не сакаат да го поддржат нацрт-законот. Лидерот на пратеничката група на Либералите во Бундестагот, Лукас Келер за „Зиддојче цајтунг“ вели дека европската пресуда мора да се почитува, но на работодавачите мора да им се препушти како ќе го регулираат евидентирањето на работното време.
Херман Грехе од опозиционата ЦДУ го обвини министерот Хајл дека сака да ги малтретира вработените и работодавачите со детали за евиденција на работното време: „Неговите планови го стеснуваат маневарскиот простор за работно време засновано на доверба, кое денес е посебно пожелно и потребно и на вработените и на работодавачите.“
Претседателот на Здружението на работодавачите Рајнер Дулгер вели: „За жал, нацрт-законот не е модел за иднината“. Тој истакнува дека работодавачите и синдикатите во изминатите години се бореа за поотворена култура на работно време и постигнаа голем напредок.
„Во многу бранши работното време може флексибилно да се распореди со помош на инструменти како тековни сметки на работното време и обликување на работното време ориентирано според фазата на животот на работникот“, вели тој.